Етика за млади

Како знаете дека постапувате добро?! Може да мислите и да изгледа дека вашето однесување е добро, а вие всушност да не постапувате добро. Мерата за однесувањето е најпрвин во вас. Но и другите луѓе ве оценуваат какви сте и како се однесувате.
Постојат разни можности за проверка дали добро се однесувате. Првин треба да ги познавате и да ги следите големите морални норми, како десетте Божји заповеди, во кои се кажува што е најважно да се прави и се забранува она што никако не смее да се прави (да се убива, да се лаже и краде, да се мами најблискиот, да се завидува и да се посакува и зема она што му припаѓа на друг). Постојат низа такви заповеди, кои, ако човек ги слуша, постапува добро. Таков е етичкиот наратив на Свети Климент Охридски: Тргај се од злото и прави добро!
Има една современа мера што може да ви помогне кога не сте сигурни како треба да постапите, таа гласи: Никогаш никого не повредувај, секогаш помогни!
Ако не повредувате никого (па ни себеси), на добар пат сте. Исто така, ако му помагате некому, продолжете, но ако со вашата постапка повредите некого, треба веднаш да се извините и веќе да не постапувате така. Исто така ако некому му е потребна ваша помош, треба веднаш да реагирате и подобро да се однесувате, помагајќи му на оној кому му е потребно.

Проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Животната цел на секого е секогаш иста: да напредува во доброто!

Лав Николаевич Толстој, руски писател