Фото: „Нова Македонија“

Совети и препораки како да се зачува здравјето во услови на енормни летни горештини

Топлотниот бран, кој изминатиот период ја погоди Европа, но се почувствува и во Македонија, по краткото стабилизирање на температурите повторно зема замав, а како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, температурите ќе продолжат да растат и во текот на оваа недела.

Зачестени топлотни бранови

Она што е повеќе од забележително е дека топлотните бранови почнуваат порано, стануваат почести, траат подолго и со тоа влијаат врз здравјето на луѓето. Како резултат на горештините, низ Европа е забележан раст на смртните случаи предизвикани токму од високите температури, а сѐ повеќе земји упатуваат сериозни предупредувања до сопствените граѓани како да се однесуваат во услови на високи надворешни температури.
Во Македонија, каде што во изминативе неколку дена имаше благ пад на температурите, од крајот на викендот повторно се бележеше пораст на температурите проследен со високо УВ-зрачење. До крајот на неделава температурите во земјава ќе се искачат и до 39 степени.
Инаку, температурите во Велика Британија веќе со денови надминуваат 30 Целзиусови степени, а во некои европски земји тие се искачуваат и до 40 степени. Топлотните бранови се предизвикани од сѐ почестото навлегување на топли воздушни маси од Северна Африка, кои поради неповолните струења се задржуваат многу долго над Балканот и Европа. Во повеќе земји има ограничувања на водата за пиење.

Што им се препорачува на граѓаните како превенција од жештините

Лекарите, како и вообичаено во вакви ситуации, велат дека високите температури особено ќе се одразат врз состојбата на хронично болните, така што има советуваат да не излегуваат на отворено во периодот од 10 до 18 часот и да не ги забораваат пропишаните терапии.
Центарот за јавно здравје, вообичаено, издава општи препораки за заштита од топлотен бран во согласност со Здравствениот акциски план за превенирање од последиците од топлотните бранови врз здравјето на луѓето во Македонија:
· За време на топлиот период во денот (од 10 до 17 ч.) да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности. Неопходните работи да се завршуваат до 10 или по 17 часот.
· При неопходен престој на отворен простор, најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
· Да се носи светла и лесна облека (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при директна изложеност на сонце, ставете заштитни очила и капа.
· Внесувајте големо количество течност (не чекајте да бидете жедни), почнувајќи од обичната вода за пиење, па до минерализирани безалкохолни пијалаци. Одбегнувајте алкохолни пијалаци и пијалаци што содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци.
· Останете во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени). Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, отворете ги навечер, кога температурата е пониска.
· Туширајте се со студена вода повеќепати во текот на денот. Алтернативно, ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.
· Кога сте во своето возило, отворете го прозорецот за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!
· Хронично болните, особено тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително да се консултираат со својот матичен доктор.
· Внесувајте помало количество храна. Избегнувајте мрсна и висококалорична храна и храна што содржи поголемо количество шеќер.
· Пред употреба, задолжително миење на земјоделските (градинарските) производи (свеж зеленчук и овошје).
· Термички приготвената храна да се консумира веднаш по приготвувањето. Ако не се направи тоа, така приготвената храна да се стави во фрижидер, а пред употребата да се загрее.
· Да се избегнуваат производи што термички не се обработени (на пр. мајонези од домашни јајца) и внимателно консумирање сладолед и разни кремови.
· Ако чувствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се во постудено место колку што е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалак, за да се рехидрирате.
· Ако имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено место и напијте се течност што содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час.
· Консултирајте се со својот доктор доколку почувствувате невообичаени симптоми или ако симптомите траат подолго време!
· Ако некој член од вашето семејство или лице на кое му помагате има топла и сува кожа или е во бессознание, веднаш повикајте брза помош! Додека се чека итната медицинска помош, префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете му ги нозете и колковите, отстранете му ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење (студени облоги на вратот, пазувите и слабините, постојано ладете го и прскајте му ја кожата со вода). Мерете му ја телесната температура. Не давајте терапија. Ако лицето е во бессознание, не треба да лежи на грб, туку завртете го во странична положба.

Препораки за раководителите на пензионерските домови, центрите за долготрајна институционална грижа и за здравствените установи

· Да се почитуваат препораките за однесување при топло време дадени во едукативните материјали за општата популација. Установите (објектите) да се одржуваат студени, а лицата во нив да бидат заштитени од топлина, да останат во ладно и да внесуваат доволно количество течности.
· Следете ја внатрешната температура во вашиот објект. Обезбедете барем една студена соба (на пр. соба со клима-уред и температура пониска од 25 степени). Овозможете пациентите (станарите) да поминуваат во студените делови (области, простории) по неколку часа дневно.
· Препорачајте му на општиот доктор да направи ревизија на клиничкото водење, особено на оние лица што се ризични, како на пр. оние со хронични заболувања.
· Следете го внесувањето течности, нудете (служете) безалкохолни и незасладени пијалаци.
· Следете им ги телесната температура, пулсот, крвниот притисок и хидратацијата.
· Внимавајте на рани знаци на топлотни болести и започнете соодветен третман.
· Информирајте ги и обучете ги вработените. По потреба, зголемете го нивниот број.

Лични заштитни средства

Работната облека да биде од лесна порозна ткаенина (од природни влакна, памук, лен) во светла боја, а при работа на отворен простор – очила и капи. Отстранување на облеката што го намалува потењето. Менување на облеката при значајно потење.

Прва помош на работното место

Препознавање на симптомите за топлотно исцрпување или топлотен удар (исцрпеност, слабост, замор, главоболка, бледило, вртоглавица, повраќање, вознемиреност, конфузија, колапс, конвулзии, шок).
Самопријавување на симптомите, грижа за колегите (будност за појава на симптоми).
Оние што имаат појава на овие симптоми не смее да се дозволи да одат дома додека не се стабилизираат (најголемиот број смртни случаи од топлотен удар се случуваат на пат за дома).

Вонредни систематски прегледи

Специјалистот по медицина на трудот ги изведува превентивните вонредни систематски прегледи за вулнерабилните групи на работници: постари работници, работници со прекумерна телесна тежина, бремени жени, хронични болни (со кардиоваскуларни, ендокринолошки, респираторни, бубрежни, хепатални, невролошки, гастроинтестинални и други заболувања).
Потребни се индивидуален пристап кон препораките и едукација, како и консултации со избраниот доктор за ординираната терапија или потребата од боледување.

Општините да внимаваат на водоснабдувањето и на хигиената

На локалните власти им се препорачува да ги активираат јавните чешми и фонтани и тие да бидат во функција, особено за време на појавата на топлотни бранови во летниот период. Особено внимание да се обрне во поглед на подигањето на отпадот, водоснабдувањето и одржувањето на чистотата на населените места. Н.М.