Проекции на Стопанската комора на Македонија за 2025 година
Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), асоцијација што ги обединува шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, ја одржа својата 33-та седница, на која домаќин беше потпретседателот на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Лидерите на коморите од регионот дискутираа за клучните приоритети во активностите на Коморскиот инвестициски форум во 2025 година, имајќи го предвид почнувањето на примената на новиот акциски план за заеднички регионален пазар, во кој КИФ е активно вклучен во структурата на управување со процесот во однос на имплементацијата и надгледувањето на мерките предводени од приватниот сектор.
Со усвојувањето и имплементацијата на стандардите на ЕУ, како основа на мерките во рамките на заедничкиот регионален пазар, акцискиот план служи како важна пристапна порта кон единствениот пазар на ЕУ во многу сектори и како алатка за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ, па затоа вклучување на стопанските комори од регионот со активности, преку КИФ во овој процес, е од клучно значење за максимизирање на придобивките.
На домашен план се заокружуваат клучни економски активности. Се донесе буџетот, се финишираат активностите со унгарскиот кредит, „Бехтел и Енка“ се внесени во извршување на работите, странските инвестиции продолжуваат, на анализа одат неколку суштински закони меѓу кои и Законот за работни односи во делот на недела неработен ден, што значи дека, по тригодишна имплементација, законот оди на преиспитување.
Растот на бруто-домашниот производ од три отсто за третото тримесечје дава поттик и надеж за акција – 2025 да биде година по која секоја наредна ќе имаме повисока стапка на раст. За таа цел, комората минатата недела организираше два настана што ги фокусираат нејзините приоритети – борба против корупцијата и градење вештини за потребите на бизнисот во високообразовните институции, како продолжение на сето она што го направи во дуалното образование во средните училишта.
– Да резимираме, бизнисот е структура што работи на долги патеки и во моментов претставува единствен кохезивен партнер на нашите простори: меѓудржавни, меѓунационални, меѓуверски, генерациски итн. Нашиот предлог е сосема едноставен. Поддржете ги ваквите наши определби, за да може бизнисот да ве поддржи вас – наведуваат од Стопанската комора.
Предвидено е нивните активности да продолжат по новогодишните празници. Во Скопје е предвидено одржување работна средба на Асоцијацијата на балкански комори (АБК), на која исклучиво ќе се разговара за развојот на инфраструктурата на Балканот во функција на развој на бизнисот, особено за железницата, која е рак-рана на транспортот, како важна алатка во работењето. На домашен план, ќе следува отворање на Институтот за извоз, кој произлезе од проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, кој се спроведува во партнерство со УСАИД, со новиот состав на Националниот совет за извоз како обединувачко тело на приватниот и јавниот сектор во делот на извозот.
Е.Р.