Македонка со колегите, писателите за деца

Македонка Јанчевска им припаѓа на македонските поетеси чие творештво уште од почетокот целосно е посветено на литературата за деца. Родена е во 1940 година во Градско. Работела како наставничка во повеќе училишта, а од 1984 година до пензионирањето била директорка на центарот за детско творештво „Ѓоре Органџиев“ во Велес. Благодарение на неа поетско-ликовната манифестација за деца „Детски Рацинови средби“ стана препознатлив белег за Велес. По пензионирањето била претседателка на Клубот на писателите во Велес.
Првите песни ги објавувала во „Развигор“, „Наш свет“ и „Колибри“. Првата книга насловена „Годината моја и твоја“, во издание на „Детска радост“, објавена е во 1977 година. Ги објавила и книгите за деца „Светот ваш меѓу А-Ш“, „Шумска болница“, „Ѕвездено небо“, „Мониста за ѓерданче“, „Нешто ново насетувам“, „Шарена поплава“, „Кој тоа ме вика“, „Сонот на душата“ и двата избора песни „Невенчиња во венчиња“ и „Не знам зошто е така“. Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои „9 Ноември“ на Град Велес, „Ванчо Николески“, награда за животно дело на Здружението на просветни работници-литературни творци на Македонија, златна плакета на просветните работници и признание на Републичкиот педагошки совет, награда за животно дело „Гемиџии“ и други. Нејзините песни се препејувани на јазиците на бившите југословенски народи, на албански, бугарски, турски, влашки и на англиски. Писателот Радован П. Цветковски во поговорот кон книгата на Јанчевска „Сонот на душата“, од која денес објавуваме неколку песни, вели дека Македонка Јанчевска е авторка што открива слики од своето детство и детството на децата во две творечки линии паралелно и во симбиоза. Тоа е нејзин стил што го негува во сите свои песни. Притоа, таа проникнува во нивната душа, во нивниот сон, во нивната мисла, од една страна толку едноставно, а од друга толку големо и реално колку што душата собира. Детето во нејзините песни сонува, мечтае, го посакува неможното како во некоја бајка што го држи во некаков друг свет, и реален и иреален, како плод на сопствената фантазија.
Со изведбата на претставата „Шумска болница“ по текст на Македонка Јанчевска и со промоцијата на истоимената сликовница во издание на издавачката куќа „Полица“ од Скопје, НТ „Ј.Х.К. Џинот“ од Велес во 2021 година го одбележи Меѓународниот ден на театарот – 27 март. Своите пензионерски денови Македонка Јанчевска ги поминува во Велес.

Ф.Д.


Кокиче

На ридот застанало
подигнало чело,
и весело заѕвонило
кокиченце бело.
„Бегај, бегај, Снешко стар,
бегај зимо, лута!
Еј, на ридот горделив,
јас треба да цутам“.
Го слушнале децата,
па викале милно:
„Добре дојде, кокиче,
греј ни сонце силно!

А пак Снешко навреден,
шепка: „Значи така…“
Го обеси носот,
се стопи од мака.

Жити најмилото

Еј, ти, пролет убава!
Кажи ми жити најмилото:
Koj ли ти ги шие
на ливадите фустаните,
кој наутро им ги реди
на тревите ѓерданите?

Еј, ти пролет убава,
од каде го точиш,
на небото синилото,
та кој му ги дава
боите на божилото?
Кажи ми жити најмилото!
Средба

– Здраво, птици веселници,
– Здраво, дете нежно цвете!
Каде бевте цела зима?
– Топло сонце кај што има.
– Кој ви јави, кој ве викна
штом качунче златно никне?
– Глас ни прати пролет цветна
топло сонце кога светна.

Март

Сино небо – темјанушка
кукурек со дрен се гушка,

Поток блика – снеговина
ветар гали – југовина

Поле-ниви-зеленила
Еј, пролетта сè пленила.