Ѓорче Петров заедно со Гоце Делчев е творец на Уставот на ТМОРО од 1897 година. Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, втората етапа од развојот на македонското револуционерно движење започнува со Солунскиот конгрес од 1896 година и споменатиот Устав. Имено, со одлуките на конгресот од 1896 година и нивното преточувањето во новиот Устав, организацијата добила уште повеќе македонски карактер
Повод: 104 години од смртта на македонскиот великан Ѓорче Петров
На 28 јуни годинава се одбележија 104 години од убиството на македонскиот великан Ѓорче Петров, кој во националната меморија на Македонците останува запаметен како еден од идеолозите на македонската самобитност и државност. По завршувањето училиште во Прилеп и Битола, а потоа педагошко образование во Пловдив и Софија, тој се вклучи во раководството на Македонската револуционерна организација (МРО). Како член на Централниот комитет и задграничен претставник, Петров активно учествуваше во подготовките на Илинденското востание (1903), беше еден од уредниците на „Македонски гласник“ и автор на значајни историски и етнографски трудови за Македонија. Неговото дело и идеологија трајно оставија белег во македонската национална историја: по него се именува општината Ѓорче Петров во Скопје, а во многу градови и села има училишта, булевари и споменици што го носат неговото име. Како револуционерен организатор и публицист, тој постави темели за подоцнежните борби за самоуправа и културна самобитност на македонскиот народ.
Со силата на неговата дијалектика и вештина, способен е да ги искористи благопријатните услови
Христо Силјанов (македонски револуционер, историчар, новинар и публицист во Бугарија) во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“ го запишал следното: „Дипломатската работа, доколку би можеле да ја наречеме така, бараше квалитети што му недостасуваа на Делчев, а кои ги поседуваше Ѓорче, но ги работеше по свое. Делчев не беше соодветен за онаа заплеткана и неблагородна улога, која му се падна да ја игра Ѓорче. Но, тој беше спокоен, зашто веруваше дека другар му со цврстата принципиелност, со силата на неговата дијалектика и вештина, е способен да ги искористи благопријатните услови. Задачата на Ѓорче беше навистина тешка, напорна дури и за него. Средините со кои контактираше беа различни по својот личен однос кон револуционерното дело: офицерството, идејната интелигенција и сочувствителните граѓани, Врховниот комитет, владите. Помошта на сите беше посакувана и неопходна и сите требаше да помогнат, но во исто време да бидат држани на растојание, респектирани или обезвреднувани“.
За дејноста на Ѓорче Петров како задграничен претставник говори и Горѓи Поп Христов (македонски револуционер, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација). Според Поп Христов: „Задграничното претставништво, кое го сочинуваа Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов, беше принудено предвреме да престане да функционира. Тоа остана доследно на конгресната одлука, за потребите на организацијата да не се земаат средства од бугарската влада“.
Идеолог за обединување на македонското движење
Ѓорче Петров заедно со Гоце Делчев е творец на Уставот на ТМОРО од 1897 година. Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, втората етапа од развојот на македонското револуционерно движење започнува со Солунскиот конгрес од 1896 година и споменатиот Устав. Имено, со одлуките на конгресот од 1896 година и нивното преточувањето во новиот Устав, организацијата добила уште повеќе македонски карактер. Тоа е очигледно во членот 1, каде што се наведува дека: „Тајната Македоно-одринска револуционерна организација има цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области“. Исто така и во членот 4, каде што се наведува: „Член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец што не е компромитиран со ништо нечесно и бескарактерно пред општеството и кој ветува и се задолжува да биде корисен на револуционерното ослободително дело“.
Со овој Устав, организацијата пројавила тенденција за обединување на македонското население, а овој стремеж сам по себе повлекува и тенденција за обединување на сите групации во македонското движење околу организацијата. Со тоа биле отворени вратите не само за различните конфесионални групи туку и за различните идеолошки групи надвор од организацијата. Со други зборови, организацијата била подготвена, покрај другите, во своите редови да ги прими социјалистите и анархистите.
Дипломат од прв ранг!
Во интерес на македонското револуционерно движење, Централниот комитет и задграничните претставници донеле одлука за преземање на Врховниот македонски комитет во Бугарија, а првите обиди за влијание врз Врховниот македонски комитет може да се забележат во јули 1898 година. Ѓорче Петров започнал една широка агитација среде македонската емиграција во Бугарија, барајќи соодветна личност што би можела да застане на чело на Врховниот комитет. Ѓорче ја минал речиси цела Бугарија, ги посетил сите места каде што имало Македонци и ја поканил целата македонска емиграција од провинцијата да учествуваа во работата на идниот конгрес, кој требало да се одржи. Ѓорче најпрво се сретнал со Иван Цончев, кој дотогаш многу им помагал. Тој ја одбил поканата. Ѓорче Петров имал средба и со полковниците Стефан Николов и Атанас Јанков, но тие не биле по мера на организацијата.
Барајќи погодна личност, Ѓорче имал средба и со Славчо Бабаџанов. Меѓутоа, ни тој не бил погодна личност. Бабаџанов бил член на бугарската Демократска партија и пријател со бугарскиот кнез Фердинанд. Додека Ѓорче Петров барал погодна личност, Сарафов и Антон Бозуков сами се понудиле. Ѓорче ги одбил. Тој барал личност со поголема тежина и позначајна улога во бугарското општество. Затоа разговарал со учителот Паунчев во Варна, како и со адвокатите Панов и Иван Иванович. Ѓорче не се раководел од идејните определби на личностите и затоа имал средба и со водачот на социјалистите Димитар Благоев. Ѓорче Петров на крајот се решил за офицерите што учествувале во т.н. Мелничко востание, со намера еден дел од нив да вклучи во Врховниот македонски комитет, а другите да ги искористи за практична работа. Офицерите му предложиле на Ѓорче Петров тој да застане на чело на Врховниот комитет, но Ѓорче одбил. На крајот, се одлучил за Борис Сарафов, затоа што сметал дека тој е попостојан отколку Антон Бозуков. Пред почетокот на конгресот била подготвена листа на чело со Борис Сарафов, која била поддржана од задграничните претставници. Ѓорче Петров во своите спомени вели: „Ние го уредивме Сарафовиот комитет, тој беше наш продукт“.
Офицерите и задграничните претставници склучиле договор за заемни односи. Пред изборот на Врховниот македонски комитет на чело со Борис Сарафов, офицерите и задграничните претставници Гоце Делчев и Ѓорче Петров ја договориле следната принципиелна платформа за дејствување – далеку од официјалните сфери, силата да се црпи од народот, главно од македонските друштва. Да се соработува со официјалните средини само доколку може да се издејствуваат средства од нив, без обврски и со услов да не пречат, како и полна солидарност со Внатрешната организација. Борис Сарафов истакнува дека нивна друга задача била привлекување на офицерството, негово интересирање за македонското дело, како потреба за внатре.
Македонија е самостоен субјект што нема потреба да се приспособува на надворешните случувања
Ѓорче Петров настојувал да се заштити независноста на македонското движење, а тоа е особено видливо во неговиот концепт за т.н. перманентно востание. Според овој Ѓорчев концепт, организацијата требало постојано да ја држи состојбата затегната, на граница на воена состојба. Преку перманентното востание, Ѓорче се надевал дека организацијата ќе може да издејствува приложување на автономијата без да се влегува во дипломатски врски со надворешни државни фактори. Со други зборови, перманентното востание и овозможувала на организацијата преку своите постојани акции во Македонија да биде самостоен субјект, кој нема потреба да се приспособува на надворешните случувања.
Ѓорче Петров во текот на софиските советувања ја нафрлил идејата за перманентно востание, концепт што продолжил да го пропагира и во постилинденскиот период. Според оваа концепција, македонскиот народ и неговите револуционерни сили се самостоен политички субјект, кој преку перманентното востание постојано ја држат затегната состојбата во Македонија и ја негирал османлиската власт. Таквото перманентно дејствување во Македонија ги прави излишни политикантството и дипломатијата со надворешните фактори. Организацијата нема потреба да ги сообразува своите погледи со надворешните фактори, во теорија перманентното востание ѝ овозможува на организацијата да ја зачува својата независност, да ја турка својата програма и да не се сообразува со надворешните фактори, кои гонат туѓи цели за македонското движење. Д.Ст.
Писмо од Ѓорче Петров до Владимир Бучков, 5 декември 1899 година, Пловдив
,,За ослободителното дело постојат две организации, една внатре, друга овде. Управни тела: ЦРМ-ОК таму, Врховен македонски комитет овде, двата се во сојуз без да се мешаат во работата едни на други. Посредник сум јас, како член на Централниот комитет и таков по полномошно во ВМК… Основните начела на нашата организација се – подготовка на едно посемесно востание со чисто народни средства и сили, начело што во себе содржи и едно друго – самодоверба, вера во себеси. Тешко е спроведувањето на тоа начело, но тоа е неопходно за среќно изведување докрај. Тешко е зашто нашите луѓе без храброст и силна волја со многу зацврстени ропски црти очекуваат сѐ однадвор, сѐ на други се надеваат, сѐ јака потпора сакаат. Тоа е неопходно, зашто не може да се нарече готов за востание оној народ, оној негов дел, па ако сакаш и оној индивидуум, кој не се надева на себеси, не верува во своите сили и уште зашто без него (тоа начело) ние ќе бидеме играчка на шарлатаните и бездушните политиканти…“
Британски извештај од 1921 година
,,Ѓорче Петров е Македонец и извесно време беше инспектор на училиштата во солунската област; потоа тој се посвети во организирањето востанија во Македонија и стана член на Централниот комитет на овие револуционерни друштва и често заземаше водечки удел во активностите на движењето.“