ИСТОРИСКИ ПАРАЛЕЛИ, СЛИЧНОСТИ, РАЗЛИКИ, ВОЕНИ ПЛАНОВИ… ЕВРОПА 1935 Г. И ЕВРОПА 2025 Г. (2)
- Да се направи некоја објективна воена и геостратегиска анализа на случувањата во Европа во однос на Русија е многу тешко затоа што многу историски факти веќе се сменети или избришани. Сменети се и улогите на добриот и лошиот. Сега сме 21 век и многу нешта добиваат поинакво толкување
- Со оперативниот план „Оплан-Деу“, Германија е подготвена да стане центарот на европската безбедност. Европските земји веќе преминуваат на воен курс, ги модифицираат буџетите, се прават воени планови и стратегии во кои ќе учествуваат сите, па и Македонија. Еден од германските планови е масовна мобилизација на сојузнички сили при евентуален судир со Русија
Во првото продолжение дадовме краток пресек како нацистичка Германија преку воена економија се крена од економскиот колапс, но и како тргна во освојување на светот. Крајот на нацистичка Германија го знаеме сите, но изгледа и не е токму така. Крајот не е веќе ист. Сега сме 21 век и многу нешта добиваат поинакво толкување. Кој би помислил дека денес на пример Израел ќе ја помага воено Германија?! Што се промени толку драстично во светот за да биде така? Кога читате денес официјални текстови, како што е на пример мемото за германскиот воен план за одбрана, ќе видите дека никаде не се спомнува Советскиот Сојуз како главен фактор за поразот на Хитлерова Германија? Можеме ли да кажеме дека токму заради ревизијата на историјата сите ќе заглавиме во нова воена стапица?
Клучниот збор што ја одразува состојбата на духот во Европа е – војна. Буџетот на Европската комисија има огромна ставка за одбраната, се формираше своевиден безбедносен чадор (САФЕ) како двојна заштита заедно со НАТО, а државните буџети добиваат милитаристички предзнак. Сите се подготвуваат за војна против Русија, иако, гледај чудо, во Националната стратегија на САД Русија не е главниот проблем за американските интереси, туку тоа е Кина. Уште еден елемент што сите логични анализи ги прави невозможни. Како и да е, од сите се бара (некои и под притисок) да се определат на чија страна се.
„ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ВОНРЕДНИ СОСТОЈБИ“
Еве уште еден индикатор дека војната тропа пред европските порти – Националниот координатор за борба против тероризмот и безбедноста на Холандија подготвил 8,5 милиони примероци од книшката „Подгответе се за вонредни состојби“.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, викендот на предизборен говор кажа дека Европа сериозно се подготвува за војна со Русија до 2030 година. Тоа го кажаа и германскиот канцелар Мерц и францускиот претседател Макрон, секако и британскиот премиер Кирмер. Дури и лицитираат со одредени датуми, тврдејќи дека имаат сериозни информации дека Русија е подготвена до 2030 година да нападне членка на НАТО. Ако тоа се случи, тоа ќе значи дека НАТО ќе го активира членот 5 – војна против еден е војна против сите.
И додека трае оваа трка меѓу мирот и војната, Америка не се откажала од мировните преговори за Украина, добро е да се погледне економската состојба во Европа, пред сѐ во Унијата. Германската економија втора година по ред е во рецесија, цените на производите растат, а тоа е особено изразено во цената на енергијата. Германија веќе има изградено огромни складишта за течен гас што доаѓа и ќе доаѓа од САД. Секако тој е многу поскап од рускиот, но… Германија пресече кога е во прашање гасот. Европа пресече една енергетска папочна врвка со Москва и допрва ќе ги анализираме економските последици од тој потег. Многу фабрики во Германија што не работат рентабилно, сега се престројуваат и работат за одбраната, потврди неодамна шефот на Институтот „Конрад Аденауер“ во Белград. Тој пат се очекува да го следи и автомобилската индустрија, која запаѓа во сериозна криза.
ПУКНАТИНИ ВО ЕВРОПСКАТА КОХЕЗИЈА
Во моментов излегуваат првите поделби во Европа, и тоа во рамките на САФЕ (Безбедносна акција за Европа). Грција стави вето на вклучувањето на Турција, а не е постигнат договор ниту со Велика Британија. Сепак САФЕ нема да биде клучот на европската одбрана, повеќе во тој сегмент ќе има работа за наменската индустрија, туку тоа ќе остане НАТО, со тоа што европскиот центар на безбедносната оска ќе биде Берлин. Со тоа на САД ќе им се овозможат поголеми ангажмани на пример во Пацификот.
Покрај овие извесни пукнатини во европската кохезија, идникативни се податоците од јавното мислење во Франција. Откако неодамна шефот на француските вооружени сили Фабиен Мандон изјави дека Франција треба да биде подготвена за загуба на своите деца и дека војската треба комплетно да се подготви за војна со Русија, речиси две третини од испитаниците рекле дека не веруваат дека Русија ќе ја нападне Франција.
Да се вратиме со анализа на клучните работи. Пред неколку месеци во наша анализа по доаѓањето на власт на германскиот канцелар Фридрих Мерц рековме дека со него доаѓаат големи промени во Европа, а тие ќе ги почувствува и Македонија. За првпат по децении е донесена одлука со која е сменет и уставот, со која Германија ќе има право да троши повеќе отколку што собира во буџетот. Сега е јасно зошто. Ќе има многу промени, некои се очекува да се обелоденат, како на пример планот за проширувањето на ЕУ и укинувањето на правото на вето. Главно е во доменот на одбраната како во Германија така и на континентот. Берлин притоа се води од максимата „ако сакаш мир, подготвувај се за војна“, што беше и доктрината на Титова Југославија. Деновиве некои медиуми објавија дека е завршен документот „Оплан–Деу“, што е оперативен план за одбраната во кој се кажува јасно дека Германија во иднина ќе биде главниот центар на колективната одбрана на Европа, односно на НАТО.
ТИТОВАТА ДОКТРИНА ВО ГЕРМАНСКА ВЕРЗИЈА
Во документот, кој е на 1.200 страници, се наведува: „Ние мора да бидеме столбот на одвраќањето и колективната одбрана во Европа. Нашите граѓани, како и нашите партнери во Европа, Северна Америка и остатокот од светот, очекуваат од нас да ја преземеме оваа одговорност…“ Исто така, се наведува дека „национална цел“ е цивилна одбрана, која првенствено наведува дека основната задача на националната и колективната одбрана може да се постигне само преку пристап на целото општество и во рамките на целосната одбрана. Тоа во рамките на поранешна Југославија се викаше „сите во одбрана и заштита“.
Германија, како и повеќе земји, ја враќа обврската за служење на воениот рок и сето ова ја бои Европа со боите на маскирните униформи. Европа, од друга страна, воведе и „воен шенген“, со кој на воените транспорти им се овозможува брзо и непречено движење низ европските земји.
Дали евентуален мировен договор за Украина би ги запрел овие планови? Изгледа невозможно, затоа што ЕУ е на воен колосек, така се креирани политиките, буџетите, плановите. Тоа сепак не значи дека ќе се оди директно во конфликт, но повторно искрснува прашањето – зошто тогаш толку оружје. Германската армија веќе се трансформира и е пред целосна подготовка да ја преземе улогата на воен лидер.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин порача дека неговата земја нема намера да ја нападне Европа. Но, доколку Русија биде нападната, подготвена е да ја збрише Европа од картата на светот. Звучи страшно.
Планот „Оплан-Деу“ во кратки црти
Станува збор за стратегиски план од 1.200 страници што ја трансформира Германија во централен логистички центар на НАТО за одвраќање од агресија до 2029 година.
Стратешки пресврт: „Оплан-Деу“ означува фундаментална промена во одбранбената позиција на Германија, префрлајќи ја нацијата од држава на фронтовска линија во централна логистичка „ротација“ за целата Алијанса.
Цело општество: Одбранбените капацитети повеќе не се насочени само за војската, туку ги интегрираат цивилните агенции, приватната индустрија и фирмите за логистика во обединета структура за време на војна.
Цел: Примарната цел е одвраќање. Со демонстрирање на способноста за брзо распоредување на 800.000 војници на Источното крило, Берлин има цел да ѝ сигнализира на Русија дека нападот врз територијата на НАТО би бил залуден.
Масовна мобилизација: Планот го детализира движењето на масовни сојузнички сили низ Германија кон Источното крило.
Инвестиции во инфраструктурата – 166 милијарди евра
Ремонт на инфраструктурата: Огромен фокус на железничките мрежи со двојна употреба и за цивилна и за воена употреба.
Клучни проекти: Железна Рајна – реактивирање на историски железнички врски, автопат 44 – обновување на пистите за итно слетување.
Идентификувани слабости: Недостиг од работна сила – 70 проценти од возачите на камиони се странски државјани што можат да заминат; саботажа – надгледувани железнички линии и сајбер-слаби цивилни центри; бирократија – законите во мирновременски период ги ограничуваат конвоите и одбраната од беспилотни летала.
крај

































