Иницијативи
Учениците од ООУ „Кирил и Методиј“ од прилепското село Канатларци особено ги сакаат часовите по француски јазик, бидејќи освен што ги изучуваат францускиот јазик и француската историја, култура и литература, понекогаш се забавуваат и се засладуваат со специјалитетите на оваа држава.
Тие минатата седмица со нивната наставничка по француски јазик Љупка Томиќ го одбележија Денот на палачинките, кој во Франција се одбележува на 2 февруари и е означен како Ле Шанделер (Le Chandeleur).
Овој религиозен католички празник се паѓа точно 40 дена по Божиќ, но прославата со јадење палачинки влече корени од минатото, односно поврзана е со претхристијански празник каде што се славела жетвата и се означувала средината на зимската сезона.
Кружната тркалезна форма на палачинката ги симболизира сонцето и кругот на животот.
Едно од поинтересните суеверија поврзани со Денот на палачинките е дека доколку врне дожд, тоа означува плус 40 дождливи денови во годината, додека мирно и сончево време значи дека зимата е веќе при крајот.