Фото: ЕПА

ФРАНЦИЈА ВО ДЛАБОКА ПОЛИТИЧКА КРИЗА: ПРЕ ТСЕДАТЕЛОТ МАКРОН ВО БЕЗИЗЛЕЗНА ПОЗИЦИЈА

  • Премиерот Себастијан Лекорну му ја поднесе својата оставка на Макрон во понеделникот наутро, само дванаесет часа откако ја претстави владата, што е рекордно „краток живот“ на една француска или европска влада. Макрон ја прифати оставката, но потоа токму на Лекорну му ја довери „одговорноста за водење финални преговори за да се дефинира платформа за акција и стабилност за земјата“, како што соопшти Елисејската палата доцна во понеделникот

Во понеделникот доцна наутро камерите го снимија Емануел Макрон како шета пеш во Париз, со телефонот „залепен“ на увото. Францускиот претседател штотуку се врати од Пантеонот, каде што отиде да го разгледа теренот три дена пред да претседава со церемонијата за погребување на Робер Бадентер кај споменикот на Француската Република во чест на „големите луѓе“. Потоа тој ручаше со лидерите на фармацевтската индустрија и замина во балската сала на Елисејската палата за да одликува пет личности, вклучувајќи ги економистите Жан Тирол и Филип Агион. За време на церемонијата тој не покажа знаци на загриженост за кризната политичка ситуација во државата, која моментално е во центарот на вниманието на француската и на европската јавност. Тоа беше навидум вообичаен ден во животот на еден претседател. И додека се чини дека Макрон е нечувствителен за паниката во политичкиот микрокосмос и за шокот на земјата од спектаклот што самиот тој го режираше со распуштање на собранието, заплетот станува неразбирлив за француските граѓани. Бидејќи, по „психодрамата“ што предизвика пад на новоназначената влада прекуноќ, Макрон опстојува и се обидува да прикаже цврстина.

Премиерот поднесе оставка за потоа да составува нова влада?!

Премиерот Себастијан Лекорну му ја поднесе својата оставка на Макрон во понеделникот наутро, само дванаесет часа откако ја претстави владата, што е рекордно „краток живот“ на една француска или европска влада. Макрон ја прифати оставката, но потоа токму на Лекорну му ја довери „одговорноста за водење финални преговори за да се дефинира платформа за акција и стабилност за земјата“, како што соопшти Елисејската палата доцна во понеделникот.
Триесет и деветгодишниот поранешен републиканец, кој предизвика изненадување во понеделникот со тоа што отиде во Елисејската палата за да поднесе оставка, вчера планираше да се сретне со лидерите на својата неодржлива коалиција – Ренесанса, Републиканци (ЛР), Модем, Хоризонти и УДИ. Истиот ден кога требаше да ја достави својата изјава за општата политика до Националното собрание.
– Или Себастијан Лекорну ќе успее или претседателот ќе ја преземе одговорноста – шепотат луѓе блиски до Макрон.
Претседателот се чини дека прави сè што може за однапред да ја префрли вината врз политичките сили што не се способни да постигнат договор, особено знаејќи дека повторното назначување на Лекорну е исклучено од самиот засегнат, кој стана шеф на влада со најкраток стаж на Петтата Република – со 27 дена во својот мандат и со влада што опстујуваше само 12 часа.

Никој веќе не ги разбира одлуките на претседателот

Малку порано Лекорну одржа говор во кој, објаснувајќи ја својата оставка, веќе алудираше, меѓу редови, на обидот за конечни преговори.
– Не можете да бидете премиер кога условите не се исполнети – изјави Лекорну.
Тој ја нагласи и важноста на консултациите што ги спроведе со политичките и синдикалните сили во текот на изминатите четири недели.
– Овие официјални консултации, понекогаш подискретни, ни овозможија да постигнеме напредок по голем број прашања. Во приватноста на канцеларијата, јазиците се олабавуваат, а црвените линии стануваат портокалови, а понекогаш и зелени – продолжи Лекорну.
Тој исто така наведе и дека „не би требало многу за да функционира состојбата“, со, како што рече, „тоа што ќе бидете понесебични и ќе знаете како да покажете понизност, а понекогаш можеби и малку самопонижување“.
Но беше наведено и оти постои доближување до ставовите за одредени прашања.
– За прашања како што се пензиите или оданочувањето, искрено, ние сме многу блиску до целта – повтори еден извршен советник, кој осудувајќи ги „позирањето“ и „партиските апетити“, додаде дека „секогаш мора да ја претпочитате вашата земја пред вашата партија, мора да знаете како да ги слушате вашите поддржувачи, но секогаш да мислите на францускиот народ“. Реченица полна со инсинуации против Бруно Ретајо, кој ја собори својата влада веднаш по составувањето на тимот, во неделата вечер.

Фото: ЕПА

Купување време во екот на кризата

Лидерот на републиканците и министер за внатрешни работи беше незадоволен што Себастијан Лекорну го „скрил“ враќањето на Бруно Ле Мер во владата како министер за вооружените сили. Тоа претставуваше „проблем на доверба“, критикуваше тој на TФ1. Неколку часа подоцна се случи пресврт, кога самиот Бруно Ле Мер објави дека се повлекува од владата, осудувајќи ги на социјалната мрежа Икс „неразбирливите, лажни и непропорционални реакции“ на неговото назначување.
– Ниту една индивидуална ситуација не треба да го блокира правилното функционирање на земјата и нашите институции – додаде политичарот што седум години беше министер за економија на Емануел Макрон.
Факт е дека новиот рок што Емануел Макрон му го даде на Себастијан Лекорну ги збуни дури и оние што се блиски до него, забележува „Фигаро“.
„Претседателот е немилосрден… Сè се менува за да не се промени ништо. Ова не е ’Марио Карт’ (видеоигра – н.з.), каде што, кога ќе изгубиш, можеш повторно да ја започнеш трката“, беснееше една фигура во претседателскиот табор.
„Конечни преговори пред што? Навистина, престанете!“, експлодира еден извршен директор на Ренесанса, сумирајќи ја широкораспространетата разочараност.
„Едноставно е несфатливо и необјасниво! Ќе ги изгубиме последните пердуви“, алармираше еден пратеник од претседателската партија во интерна комуникација.
„Како и многу Французи, повеќе не ги разбирам одлуките на претседателот на Републиката“, остро рече на ТФ1поранешниот премиер и сопартиец на Макрон, Габриел Атал, што доволно ги разбесни луѓето од доверба на Макрон.
„Лидерот на претседателската партија да го каже тоа за претседателот е неприфатливо“, вели револтирано еден од нив.
Најновото обложување на Емануел Макрон потврдува дека шефот на државата се стреми да го избегне или барем да го одложи сценариото што ги вознемирува сите политички лидери: уште едно распуштање на Националното собрание.
„Тоа би било полошо од сè“, алармираше извршен директор на Ренесансата во Собранието, каде што сите пратеници се подготвуваат за таква можност.
Националниот собир, кој бара брзи избори, дополнително го засили притисокот. – Стигнавме до крајот на шегата – изјави Марин Ле Пен во понеделникот.
Други, пак, повикуваат на промена на профилот на раководството на владата.
– Емануел Макрон мора да ја предаде власта до назначување премиер независен од макронизмот – бара потпретседателот на ЛР, Франсоа-Ксавиер Белами, нагласувајќи дека во спротивно нема да има „никакво учество“ на неговата партија во извршната власт.
Социјалистичката партија, преку Оливие Форе, повторно повика на „назначување премиер од левицата и екологистите“. Ова е можност што некои, меѓу другите и од придружбата на претседателот, ја истражуваа за „укинување на левичарската хипотека“, како што рече еден советник. Други повикаа на „премиер со сосема поинаков профил“. Но, сè е залудно бидејќи Емануел Макрон, засега, одлучи да купува време.


Коментар за политичката криза на угледниот весник „Фигаро“

Француската политика како комедија на повторување на грешките

 

Да беше француската политика бурлескно кино, ќе зборувавме за комедија на повторување и ќе се смеевме гледајќи ги актерите како ја прават истата грешка, на истото место, предизвикувајќи го истиот крај. Бидејќи станува збор за судбината на земјата, би сакале да зборуваме за трагедијата на повторувањето. Мишел Барние го имплементираше „заедничкото јадро“, но не избега од цензурата. Франсоа Бајру се осмели да презентира план за враќање на јавните финансии, но „мораше да се саботира“ пред да биде соборен. Себастијан Лекорну, пак, се врати на задачата без да успее да најде пат за напред. Секој од нив успеа да ги посочи грешките на својот претходник и да вети дека ќе постапува поинаку, но доаѓа време кога ќе биде потребно да се признае дека ова не е само едноставен проблем на методот. Ова очигледно сè уште не е заклучокот што го извлече Емануел Макрон, пишува коментаторот на „Фигаро“.
Во земјата на Декарт, сета логика исчезна. Признавајќи го неуспехот на својата мисија, Лекорну поднесе оставка. Шефот на државата ја прифати неговата оставка за потоа, само неколку часа подоцна, да го замоли токму Лекорну да го постигне за четириесет и осум часа она што не успеа да го направи за еден месец. Но Лекорну не е единствениот во оваа необична ситуација. Од парламентарните избори во 2024 година, мапата на патот на премиерот остана непроменета: да изгради владејачка алијанса со поранешното макронистичко мнозинство и републиканците, додека обезбедува поддршка или неутралност од дел од левицата. И да презентира буџет за обновување на јавните финансии, составен од мерки прифатени од партии што се спротивставуваат на секој начин. Повторувањето на истиот пристап со Националното собрание со ист опсег, тоа е еднакво на квадрирање на кругот. И секојпат истите причини произведуваат исти ефекти.
Денес конфигурацијата е поапсурдна од кога било. За да го постигне тоа, Лекорну веќе нема ниту уставна надлежност на назначен премиер. И ако случајно успее во подвигот на обезбедување договор, нема да може да ги пожнее придобивките бидејќи однапред стави до знаење дека нема да остане во Матињон. Во петокот откажувањето од членот 49.3 имаше единствен потенцијален ефект да му даде на премиерот неколку дена одмор. Чудното продолжување дадено на Лекорну, пак, има единствен ефект да му понуди на претседателот на Републиката неколку многу кратки дена одмор. Но, потоа, ставот дека Макрон „ќе ги преземе сите свои одговорности“ е начин да се признае дека сè уште не го нашол решението. Освен што повторно се обидува со она што веќе го пробал трипати. Т.Г.


Истите барања се повторуваат со месеци

Импичмент за Макрон!

Речиси сите политички актери во Франција упорно го бараат истото со месеци: Жан-Лук Меланшон импичмент на претседателот; Марин Ле Пен распуштање на владата; Социјалистичката партија влада предводена од социјалист; Бруно Ретајо појасна „заедничка база“ од десницата; Габриел Атал мисија за конфигурација. Без ЛФИ, левицата може да се потпре само на 123 пратеници иако се прават обиди за обновување на Новиот народен фронт, што изгледа невозможно. Републиканците не се во појасна ситуација. По таков испад, може ли Бруно Ретајо да остане на „средината од патот“?
Колку подолго трае политичкиот ќор-сокак толку повеќе враќањето на гласачките места станува очигледно, дури и задолжително. Доколку мисијата на Лекорну повторно не успее и Емануел Макрон има намера да го доврши својот мандат, распуштањето на собранието ќе биде последното средство за него, за да се спротивстави на притисокот за оставка.
Тоа на крајот може до доведе само до освојување на Националното собрание, претставено од партијата на Марин Ле Пен – Националниот собир, која бара распуштање. Имено, многу коментатори сметаат дека Макрон, кога го распушти Собранието во 2024 година, имаше цел да ѝ дозволи на десницата да создаде влада, која би доживеала неуспех и би ги компромитирала шансите на Ле Пен да стане претседателка на Франција.


Франција под лупата на своите европски партнери и финансиските пазари

Нормално е што европските партнери се интересираат за случувањата во Франција, како една од водечките политички сили во Европската Унија, во моментот кога европскиот блок се соочува со војна на својата граница. Но таа пред сѐ е загрижена за евентуалното претворање на политичката во финансиска криза.
Оставката на премиерот Себастијан Лекорну предизвика нов бран превирања на финансиските пазари. Индексот CAC 40 падна за повеќе од два отсто во понеделникот кратко по отворањето. Главниот индекс на Париската берза ја заврши сесијата со пад од 1,36 отсто, на 7.971,78 поени. Француските политички тензии се прелеаја и на девизниот пазар, каде што еврото нагло падна во однос на доларот на 1,1675 долари за евро, во споредба со речиси 1,2 долари пред кратко време. Францускиот пазар на јавен долг беше исто така сериозно потресен од овој последен пресврт во политичката криза.
Десетгодишната каматна стапка на задолжување на владата скокна моментално на 3,61 отсто пред да падне малку на околу 3,59 отсто попладнето.
– Доколку прагот од 3,6 отсто остане непроменет, францускиот долг би можел да биде изложен на масовни напади, што ќе ја засили нервозата на пазарот – посочи Антоан Андреани, раководител на истражувањето во XTB Франс.
Од петокот вечер, на крајот од тргувањето, приносот на 10-годишните државни обврзници (ОАТс) беше 3,51 отсто. Но пазарите првенствено го следат јазот во каматните стапки (разликата) помеѓу обврзниците издадени од француската влада и „бундовите“, нивниот еквивалент за германската федерална влада, ориентирите во Европа. Колку е поголем тој јаз толку повеќе се влошуваат довербата на инвеститорите во Франција и нејзината способност да ги отплаќа своите долгови.
Сепак, оваа „разлика“ достигна 89 базични поени во понеделникот (или 0,89 отсто), блиску до својот врв од декември 2024 година, кога премиерот Мишел Барние поднесе оставка. Пред распуштањето на Националното собрание во јуни 2024 година, овој барометар за доверба на пазарот во Франција и нејзините лидери беше околу 0, 5 отсто. Оттогаш, имиџот на Франција кај инвеститорите е сериозно оштетен, а приносот што инвеститорите го бараат за да го прифатат францускиот долг значително се зголеми.


Експлозии во близината на канцеларијата на Лекорну во Париз

Експлозии се слушнале вчера во Париз пред да се запали комбе во близината на канцеларијата на францускиот премиер Себастијан Лекорну, еден ден по неговата оставка, пренесуваат француските медиуми. Сведоци пријавиле дека слушнале три експлозии во близината на хотелот „Матњон“, каде што Лекорну требало да одржи состаноци по својата оставка, објави „Ле паризиен“.
Локалните медиуми објавија дека надлежните служби го локализирале пожарот и оти огнот не се проширил на околните згради. Не е јасно што ги предизвикало експлозиите или пожарот. Според објавите на социјалните мрежи, се претпоставува дека возилото ѝ припаѓа на компанија за јавно осветлување. Улицата Ру де Варен беше блокирана со распоредени полициски сили. Р.С.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција