Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

Овие детски утрински работилници веќе се препознатлив дел од фестивалската програма, создаваат автентична културна атмосфера во која уметноста и наследството стануваат блиски и разбирливи – дури и за најмладата публика

БОГАТА ПРОГРАМА ЗА ДЕЦА НА 55. „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ ВО БИТОЛА

Во тек е педесет и петтото издание на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола. Во рамките на богатата и убаво осмислена програма, која ги прикажува шаренилото и богатството на македонскиот фолклор, организаторите креирале прекрасни содржини наменети за најмладата публика, сакајќи на вистински начин да ја воведат во светот на фолклорот и да укажат на неговата важност.
Па така, во Заводот и музеј во Битола се одржуваат ликовни работилници на темата „Народната култура – трајна инспирација“.
На една од работилниците наставнички по ликовна култура и кустоси од музејот ги водеа основношколците во светот на фолклорот преку традиционални мотиви, фолклорни детали и автентични форми, а децата не само што цртаа туку и учеа за вредностите што не застаруваат.
Исто така, беше промовирана и едукативната боенка „Народната култура – трајна инспирација“ наменета за најмладите, која има цел да послужи како визуелна алатка што ќе ги запознае децата со македонската традиција преку цртежи и илустрации инспирирани од народната уметност, културното наследство и обичаите, а со тоа ќе ги поттикне интересот и љубовта кон фолклорот кај децата уште од нивната рана возраст.

На една од работилниците, заедно со академската ликовна уметница Весна Дунимаглоска, децата учеа за боите и формите како јазик и традиција. Малите уметници работеа со различни техники и материјали, но со иста идеја – да ја разберат традицијата како нешто живо, блиско и визуелно возбудливо. Секоја слика, секој цртеж беше лична интерпретација на едно заедничко културно наследство.
Во рамките на програмата за деца, Димитри Балојани ги учеше дечињата како народните мотиви да ги раскажат преку приказна со цртеж, односно како преку стрип да го раскажат богатото културно наследство. Традицијата стана суперхерој, митот стана реплика, а боите… најсилни кога доаѓаат од детските раце.
Овие детски утрински работилници веќе се препознатлив дел од фестивалската програма, создаваат автентична културна атмосфера во која уметноста и наследството стануваат блиски и разбирливи – дури и за најмладата публика.
Фестивалот „Илинденски денови“ започна на 18 јули, а ќе трае до 31 јули. Своето прво издание оваа манифестација го доживеала во 1971 година, а денес претставува најреномиран фестивал на народни песни и игри во Македонија.

Ф.Д.