Фото: „Џифони Македонија“

Над 400 учесници од осум земји се дел од „Џифони Македонија 2025“

Тринаесеттото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ почна на 26 септември и ќе трае до 1 октомври, а се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје и во просториите на Кинотеката.
Фестивалот во киното „Фросина“ во МКЦ го отвори амбасадорот на Италија за нашата земја, Паоло Палминтери, по што беше прикажан филмот „Засекогаш со тебе“ (Io non ti lascio solo) на режисерот Фабрицио Катани. Ова дело неодамна ја имаше светската премиера на фестивал во Локарно.
– Фестивалот „Џифони Македонија“ е посебен, затоа што ги става младите во центарот на вниманието, правејќи ги вистински учесници. „Џифони“ се роди во Италија пред повеќе од 50 години, од едноставна, но моќна идеја, да им даде глас на младите луѓе преку филмот, тоа е посебен момент за младите генерации, да го откриваат светот, различните култури, да ги споделуваат своите лични погледи на свет и да ги хранат своите умови. Фестивалот се реализира 13 години и во Скопје и многу сум горд што италијанската амбасада е меѓу промоторите и поддржувач на организаторот сиве овие години. Заедно сакаме да ви понудиме уникатна можност – да растете, да се вклучувате во меѓукултурен дијалог, преку јазик што е универзален, јазикот на филмот – рече на отворањето Паоло Палминтери
До среда, Скопје ќе биде домаќин на 400 учесници од Македонија, како и на триесетина младинци од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и од Црна Гора. Младите учесници од другите земји се сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје. Сите учесници на фестивалот го сочинуваат жирито поделено во три категории според возраста: јуниори (од 10 до 14 години), кадети (од 14 до 16 години) и сениори (од 17 до 19 години). Сите проекции на филмови, работилници и содржини наменети за младите учесници на фестивалот се целосно бесплатни.

Дискусии, мастеркласови, работилници

Учесниците во текот на петте фестивалски дена гледаат филмови, се вклучуваат во дискусии и мастеркласови, како и на една од седумте креативни работилници на кои може да креираат филмови, фотографии, стрипови и перформанс.
Во рамките на конференцијата „Креативни младински разговори“ (Creative You(th) Talks) ќе бидат претставени млади автори и иницијативи и ќе се дискутира за теми што ја засегаат младата генерација.
Младите автори Бојан Василев и Беса Туша од Скопје ќе ги презентираат своите кратки филмови и ќе дискутираат за креативноста, но и за креативното творење како мотивација.
Младите документаристи од последната генерација на „Докуникулци“ ќе ги прикажат трите нивни кратки документарни филмови што ги направија ова лето во рамките на филмската школа на „Македокс“ и ќе дискутираат со учениците.
На презентацијата на УВЦ (United World Colleges) ќе биде презентирана можноста средношколците да го завршат средното образование на едно од 18-те училишта во разни земји во светот и како и добивање една од 10-те стипендии за средношколци од целата држава што македонскиот комитет на УВЦ ги доделува.
Дискусијата со Теодора Милевска (едукатор и истражувач, посветена на унапредување на родовата еднаквост) ќе се надоврзат на документарниот филм „Девојките не плачат“, кој следи шест храбри тинејџерки од целиот свет, секоја соочена со уникатни предизвици, но обединети од една желба: да живеат слободно и според свои услови.

И основачот на „Џифони Италија“ меѓу гостите

Покрај тоа ќе се одржи и работилница „Младите Европејци се среќаваат со Италијанската агенција за млади“(Young Europeans meet the Italian Youth Agency) на која ќе учествуваат учесниците од повеќе земји. На фестивалот ќе се приклучи и Клаудио Губитози, основач и директор на филмскиот фестивал „Џифони“ од Италија на чија иницијатива пред 13 години беше создаден фестивалот „Џифони Македонија“ како еден од најважните столбови на „Џифони“ визијата во балканските земји.
На крајот од фестивалот, меѓу учесниците кои ќе бидат најактивни во дискусиите и работилниците и ќе им бидат добри домаќини на гостите од странство, најдобрите 12-мина ќе бидат избрани за учество на Филмскиот фестивал Џифони во Италија во 2026 година и како и на други меѓународни фестивали во Европа.
Свеченото затворање на фестивалот на 1 октомври со почеток од 19 часот и ќе претставува презентација на целата креативната работа кои учесниците ја направиле на седумте работилници во текот на петте дена. Ќе бидат изложени сите фотографии и стрипови и ќе се прикажат сите кратки филмови направени од учесниците во текот на фестивалот. Овој последен ден од фестивалот е ден на радост кога се покажува креативност и талентот на младите, но и тага поради разделбата со новостекнатите пријатели од сите земји учеснички.

М.Т.