„Кода“ е прогласен за најдобар филм на годината на вчерашната церемонија на доделувањето на „оскарите“ во Лос Анџелес. Филмот за лицата со оштетен слух триумфира на годинашните „Оскари“, со три номинации и освоени „оскари“ во сите три категории. Драмата на „ЕплТВ+“, купена од филмскиот фестивал „Санденс 2021“ за рекордни 25 милиони долари, стана првиот филм од стриминг-платформа што ја освои наградата. Станува збор за римејк на францускиот филм „Семејството Белиер“, кој се фокусира на единствениот член со слух во семејство со лица со оштетен слух.
Вил Смит го доби својот прв „оскар“, освојувајќи го за најдобрата машка улога за улогата на таткото на Венера и Серена Вилијамс во филмот „Кралот Ричард“.
Наградата за најдобар режисер ѝ припадна на Џејн Кемпион за психодрамата „Моќта на кучето“, единствената победа за филмот што беше на врвот на групата со најмногу номинации.
Џесика Честејн беше прогласена за најдобра актерка за телевизискиот биографски филм „Очите на Тами Феј“, што беше нејзина трета номинација и прва победа. Филмот ја освои и единствената друга награда за која беше номиниран, за најдобра фризура и шминка.
Аријана де Боз беше прогласена за најдобра споредна женска улога за нејзината улога во римејкот на Стивен Спилберг на „Приказна за западната страна“. Таа стана првата квир-жена и само втората Латиноамериканка што некогаш добила „оскар“. Кај мажите во оваа категорија, „оскарот“ отиде во рацете на Трој Коцур за „Кода“, а тој е вториот актер со оштетен слух што добива „оскар“.
Кенет Брана ја доби златната статуетка за најдобро оригинално сценарио за неговата полуавтобиографска драма „Белфаст“.
– Ова е голема чест за еден неверојатен град – рече тој за наградата, негова прва победа од осум номинации.
„Вози го мојот автомобил“, кој беше првиот јапонски филм што беше номиниран за најдобар филм, беше прогласен за најдобар меѓународен игран филм. За најдобар анимиран филм беше прогласен „Енканто“, а „Кралицата на кошарката“ го доби „оскарот“ за најдобар краток документарен филм. За најдобар долгометражен документарен филм, „оскарот“ го доби „Лето на соулот“. Британската двојна оскаровка Џени Биван победи и за нејзината костимографија во „Круела“.
Церемонијата ја водеа Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс. Ноќта започна со екстравагантен настап на Бијонсе, пеејќи ја нејзината песна за филмот „Кралот Ричард“ номинирана за „оскар“. Но наградата за најдобра оригинална песна им припадна на Били Ајлиш и нејзиниот брат Финиес за нивната песна „No Time to Die“. Ова е трета песна од филмовите за Џемс Бонд што освојува „оскар“ по Адел и Сем Смит.
На церемонијата беше спомната и војната во Украина, а ѕвездите како Џејсон Мамоа, Џејми Ли Кертис, Бенедикт Камбербач и Семјуел Л Џексон носеа ленти или беџови.
– Не можеме, а да не се восхитуваме на оние што наоѓаат сила да продолжат да се борат во незамисливата темнина – рече Мила Кунис, родена во Украина, во нејзиниот вовед за настапот на Ребе Мекентајр.
Потоа следуваше порака со барање момент за молк и молба за помош. „Ве молиме поддржете ја Украина на кој било начин“, пишуваше на екранот.