Фанариотски филетизам денес: Дали се сменија улогите од филипиките на Демостен?

Откако првиот дел од серијалот „Филетизам или проклетство“ привлече големо внимание во јавноста, будејќи интерес и реакции од читателите, односно од научната заедница и од истакнати личности од различни општествени сфери, во денешното издание на „Нова Македонија“ излегува вториот дел, со наслов „Фанариотски филетизам денес: Дали се сменија улогите од филипиките на Демостен?“

Ќе дозволиме ли филетизмот да стане наше проклетство? (2)

Предолго Балканот се соочува со една опасна и потценета закана: сенката на „филетизмот“ – теолошката и етнополитичка ерес осудена уште во 1872 година од Цариградската патријаршија, која и понатаму ја труе нашата реалност!
Иако формално осуден, филетизмот продолжува да ги манипулира верските чувства за остварување ниски политички цели, поткопувајќи ги единството и хармонијата во македонското општество. Прашањето е: Дали ќе дозволиме филетизмот да стане наше проклетство?
Денес излегува второто продолжение од мини-фељтонот од три есеи (еден есеј неделно, во викенд-бројот на „Нова Македонија“), каде што ќе го разобличиме влијанието на филетизмот врз македонскиот народ, фокусирајќи се на три клучни области во кои тој остава длабоки и разорни последици.
* Во првиот есеј, веќе објавен минатиот викенд, се осврнавме на опасноста од таканаречениот „минаретски национализам“. За потсетување, во првиот дел од фељтонот, на споменатата тема истражувавме како, во контекст на филетизмот, се инструментализира исламот за ширење националистички идеи, создавајќи поделби и нетрпеливост меѓу граѓаните. („Нова Македонија“, 16.8.2025 година)
* Вториот есеј, кој го објавуваме денес, се фокусира на „современото фанариотство“. Во освртот разгледуваме како одредени структури во рамките на Грчката црква, водени од принципите на филетизмот, вршат притисок врз Македонците.
* Третиот есеј, планиран за наредниот викенд-број на „Нова Македонија“, ќе ја анализира „современата неоегзархија“. Ќе истражиме како структурите поврзани со Бугарската црква, инспирирани од филетизмот, продолжуваат да влијаат на македонскиот идентитет.
Наша цел е да ги разоткриеме овие опасни тенденции, да поттикнеме критичко размислување и да ги охрабриме сите да застанат во одбрана на вистинските вредности на слободата, толеранцијата и меѓусебното почитување. Од нашиот одговор денес ќе зависи дали ќе го скршиме проклетството на филетизмот и ќе изградиме подобра иднина за сите.
Од авторот на серијалот

Со прашањето во насловот на темава се навраќаме на античките времиња за да ги испитаме современите предизвици пред кои се исправени Македонците денес. Како што Демостен ги предупредувал своите сограѓани за амбициите на Филип II Македонски, така и ние денес мора да ги анализираме опасностите од фанариотскиот филетизам, етнополитичка ерес што ја поткопува националната свест и го загрозува нашиот идентитет. Дали денешните актери на политичката сцена се разликуваат од оние во времето на Демостен? Дали ги препознаваме современите „Филипи“ и дали сме подготвени да им се спротивставиме? Или, пак, историјата се повторува, а ние повторно ги игнорираме предупредувањата од минатото, осудувајќи се на повторување на грешките?
Филетизмот, кој е осуден уште во 1872 година од Цариградската патријаршија, претставува опасна и долготрајна етнополитичка ерес. Клучен момент во осудата на филетизмот е актот на Патријархот Антим VI (претходно бил митрополит на Солун од 1841 до 1845 година), кој го воведува овој термин како официјална црковна осуда. Неговата цел е да се спротивстави на тенденциите на национализам и етничка сегрегација во рамките на Православната црква, каде што верската припадност се користи како средство за политичка мобилизација и исклучување на други етнички групи. Оваа ерес се манифестира во разни форми, од негирање на постоењето на други народи до промовирање хегемонистички идеи под превезот на верата.
Фанариотството, поврзано со грчката аристократија во Цариград, се одликувало со значителна моќ и привилегии во Отоманската Империја како лојални поданици на султанот. Семејства како Маврокордати, Ипсиланти, Суцо, Мурузис и Караџа одиграле значајна, комплексна и често контроверзна улога во ширењето на грчката културно-јазична хегемонија над Македонците, при што некои членови биле дури и назначени за кнезови на Влашка и Молдавија. Значајно е што овие семејства и нивните наследници и денес се активни учесници во политичките и економските случувања, како во Грција така и на Балканот.

Треба да напоменеме дека дури ни тогашниот патријарх Антим VI (избран за цариградски патријарх во три наврати: 1845-1848, 1853-1855 и 1871-1873 година и на крајот сменет и протеран) не издал директна осуда на фанариотството, неговата борба против филетизмот може да се толкува како индиректен удар врз некои аспекти на фанариотското влијание. Фанариотите, со нивната историски доминантна улога во Цариградската патријаршија, често се залагале за политика што ги фаворизирала грчките интереси, понекогаш на штета на другите православни народи. Преку осудата на филетизмот, Антим VI индиректно се спротивставил на тенденциите за национално профилирање во црквата, што можело да ги намали моќта и влијанието на оние фанариоти што ги користеле црковните структури за промовирање грчки национални интереси. Со неговото инсистирање на еднаквост и единство меѓу православните, тој создал пречки за оние што сакале да ја искористат црквата како инструмент на етничка пропаганда.
Во случајот на Македонија, филетизмот и фанариотството претставуваат алатки во рацете на грчката пропаганда, чија цел се негирање на македонскиот идентитет, асимилација на македонското население и спречување на формирање независна македонска држава. Оваа пропаганда историски се манифестирала преку разни облици на притисок врз Македонската православна црква-Охридска архиепископија, негирање на македонскиот јазик и култура, како и преку економски и политички притисоци. Негирањето на македонскиот идентитет се темели на конструирани историски наративи и тенденциозни толкувања на минатото.
Но да не заборавиме и да се потсетиме дека јурисдикцијата на Грчката православна црква ги опфаќа териториите на независна Грција пред Балканските војни (1912-1913). Ова значи дека ги вклучува главно јужните делови на Грција, додека северните делови (како Егејска Македонија) и некои острови остануваат под јурисдикција на Цариградската патријаршија. Филетизмот и фанариотите не си ја завршија својата работа и овој дел сѐ уште не е влезен и очигледно никогаш нема да влезе под јурисдикцијата на Грчката православна црква, а сѐ почести се барањата на Руската црква за реформи во јурисдикцијата на патријаршијата.

Фанариотскиот филетизам во пракса: Како одредени грчки компании ја обликуваат македонската реалност

Во светло на насловот „Фанариотски филетизам денес: Дали се сменија улогите од филипиките на Демостен“, неминовно е да се запрашаме дали грчката стратегија кон Македонија во современо време претставува само суптилно ехо на историските аспирации или, пак, еволуирала во посовршен облик на доминација. Дали Грција навистина извлекла поуки од предупредувањата на Демостен или само ги приспособила методите за остварување на своите цели во новото глобално опкружување? Во нашата современа реалност, навлегувањето на грчкиот капитал во македонската економија во последните три децении не претставува обична економска размена, туку дел од една поширока стратегија, која, преку механизмите на фанариотството и преку подмолните дејства на филетизмот, цели кон поткопување на темелите на нашата независност и создавање зависност. Ова се остварува преку стратешка контрола на сектори од витално значење за нашата држава: снабдувањето со вода, енергетската инфраструктура,телекомуникациите, производството на храна и металургијата. Интересно е дека влезот на овој фанариотски капитал во македонската економија е во периодот на тројца премиери што беа (и сѐ уште се) длабоко наклонети на Софија!
Но како и да се поставува прашањето: Дали ова не е современ облик на експанзија, како онаа на Филип II Македонски, но сега преку економски средства? Доминацијата на грчката Национална банка на Грција во македонскиот банкарски сектор со години го обликуваше нашиот финансиски пејзаж, честопати во корист на грчките интереси. Во енергетскиот сектор, грчки компании континуирано се борат за контрола врз проекти од стратешко значење, како Чебрен и Галиште, што е директен напад врз нашата енергетска независност. Да не зборуваме за помали но многу значајни компании, како што е „Искра“ од Куманово, лидер за производство на далноводи за електрична енергија, која ја зајакна целокупната мрежа на Катар, а сега е банкротирана и уништена.

Потоа, тука е случајот со „Окта“, каде што грчки капитал го контролира снабдувањето со нафта, оставајќи ја нашата земја ранлива на ценовни шокови и политички притисоци. И „Житолукс“, со својата контрола врз производството на леб, основна прехранбена намирница, има огромна моќ да влијае врз животот на секој граѓанин. Но, се поставува едно клучно прашање: Дали некој објективно ја измерил цената на ова присуство? Колкав дел од профитот на овие компании реално останува во македонската економија, а колкав дел завршува во грчката каса, зајакнувајќи ја нејзината економија на сметка на нашата? Особено загрижува фактот што многу од овие компании во Македонија функционираат на границата на рентабилноста, прикажувајќи загуби, додека нивните грчки сестрински компании остваруваат екстра-профити. Зарем не е парадоксално што компанијата за леб, која во Македонија прикажува загуба, во Грција е најголем извозник на двопек во цела Европа, профитирајќи од суровини произведени на македонска почва? Дали е ова случајност или дел од еден циничен план за економско исцрпување на нашата земја?
Дали ова е европскиот сон што ни беше ветен? Дали истата Европа станува инструмент во рацете на Грција за остварување на своите неоимперијални амбиции, на ист начин како што некогаш ја користеше патријаршијата како средство за доминација? Дали Грција денес го користи европското знаме за да ги прикрие своите вистински цели?

Фанариотски сенки над правдата: Дали некој ја саботираше репарацијата
од Грција?

Не можеме да го игнорираме и историскиот контекст на нашиот спор со Грција и правдата што ја баравме пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Судскиот процес во Хаг, во кој Македонија ја тужеше Грција за кршење на Привремената спогодба, претставуваше обид да се заштитиме од грчкиот вето за нашето членство во НАТО и ЕУ. Меѓутоа, поради влијание на одредени кругови во правниот тим на Македонија, пропуштивме клучна можност да бараме репарација. Прашање е дали овој пропуст е резултат на наивност или на намерна саботажа инспирирана и мотивирана од некои фанариотски филетистички кругови. Дека е ова така покажува тоа што некои „советници“ во правниот тим претходно веќе добро соработувале со другата страна, штитејќи го имотот на поранешниот крал на Грција, Константин II, пред Европскиот суд за човекови права.
Ова не е ни прв ни последен случај пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, само да наведеме неколку, како случајот Белгија против Сенегал, случајот Грузија против Русија, Филипини против Кина, случајот Никарагва против САД, Аргентина против Уругвај. Но е прв случај во кој според природата на предметот не е побарана репарација за настанатата штета од прекршувањето на Привремената спогодба, која во суштина е економски билатерален договор. Само за пример, Меѓународниот суд на правдата пресудил дека САД треба да ѝ платат репарации на Никарагва, чија висина е околу 17 милијарди долари!
Иако успеавме да докажеме дека Грција ја прекршила Привремената спогодба, сепак остана неискористена можноста да се бара надомест за претрпената штета поради нивните дејства. Ова е пропуст што можеби има далекосежни последици за нашата економија и за нашиот меѓународен углед.

Што имаме ние, а тие го посакуваат: Водата, слободата и земјата

Станува кристално јасно дека суштината на нашите предизвици се огледа во контролата на основните ресурси што ги дефинираат нашиот идентитет и нашата иднина. Во сржта на грчкиот филетизам се наоѓа стремежот да се контролираат нашите природни богатства, а пред сѐ – водата. Реконструкцијата на Вардарска Долина претставува директен предизвик на таа стратегија, бидејќи таа не само што ќе ја зајакне нашата економија и ќе ни обезбеди енергетска независност туку ќе ни овозможи и да ги искористиме нашите водни потенцијали за развој на индустријата и земјоделството, со што ќе станеме помалку зависни од надворешни фактори.
Грција, која се соочува со сѐ поголем недостиг од вода, а особено од техничка вода за потребите на индустријата и земјоделството, гледа во Вардарска Долина закана за нејзината сопствена стабилност. Овој дефицит од вода ги принудува Грците да ги исцрпуваат водните ресурси на Преспа и Дојран, а исто така и да бараат нови извори за водоснабдување на Солун (во последните години станува сѐпоризично, рестриктивно и недоволно). Контролата над водата не е само економско туку и политичко прашање, кое се користи за вршење притисок врз нашата земја и за остварување на грчките интереси. Оваа стратешка важност на Вардарска Долина не е ново откритие. Уште Ото фон Бизмарк, познатиот германски државник, мудро забележал: „Кој ја поседува Вардарска Долина, тој го контролира и Балканот“. Оваа изјава јасно ги покажува геополитичката значајност на овој регион и желбата да се контролираат неговите ресурси.
Но, стравот на Грција оди уште подалеку. Перспективата за создавање пловен пат по течението на Вардар, кој би се поврзал со Дунав преку Морава, отвора можност за формирање алтернативен транспортен коридор што би можел да го заобиколи Босфорот. Ова би претставувало вистински геополитички земјотрес, кој би ја намалил зависноста од Турција и би го преобразил Балканот во клучна транзитна зона. Патот на свилата не е сон, туку е реалност што доаѓа! Затоа, противењето на Грција кон развојот на Вардарска Долина не е само еколошко или економско туку е и стратешко прашање од највисок приоритет. За да биде ситуацијата уште посомнителна, се чини дека секогаш кога во Македонија ќе се започне проект за пловен Вардар, проследен со изградба на неколку хидроцентрали, на чуден начин паѓаат влади во Македонија. Дали е ова само случајност или постои координирана акција за саботирање на нашите стратешки проекти?
Но, ние имаме нешто што тие не можат да го купат: нашата слобода да одлучуваме за својата судбина, нашата земја, која е благословена со природни богатства, и нашата упорност да ги заштитиме нашите национални интереси. Затоа, нашата борба за Вардарска Долина не е само економска туку и егзистенцијална. Таа е борба за нашата вода, за нашата слобода и за нашата земја, за правото да бидеме господари на својата иднина и да ги отфрлиме сите форми на филетизам што се обидуваат да нѐ потчинат.
И на крајот, како и во времето на Демостен, се наоѓаме на крстопат. Дали ќе останеме пасивни набљудувачи на економското потчинување или, пак, ќе ја разбудиме нашата национална свест и ќе се спротивставиме на овие закани? Од нашиот одговор ќе зависи иднината на нашата земја и нашата способност да ги зачуваме нашата слобода и независност.

продолжува

Автор: Тони Менкиноски

Авторот е адвокат