Фото: Маја Јаневска Илиева/Илустрација

Определен е притвор за 16 лица

Вчера во раните утрински часови, во Основниот суд во Кочани, судија на претходна постапка одобрил 48-часовен притвор за 14 лица како осомничени во предистрагата за катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“, во која загинаа 59 млади луѓе. Над 196 се повредени, од кои 80 се испратени на лекување во странство. Попладнето тој број се зголеми на уште две лица, со што вкупниот број за кој Основното јавно обвинителство Кочани побарало, а Основниот суд во Кочани одобрил краткотраен притвор изнесува 16 лица.
Обвинителите денеска, кога истекува притворот, може да бараат уште по еднаш по 48 часа притвор за секој од овие осомничени за обезбедување нивно присуство дури се собираат доказите, а потоа може да се бараат по 30-дневен притвор за секој осомничен за кој обвинителите сметаат дека треба да побараат.
Во притвор, покрај бившиот министер за економија Крешник Бектеши и службеници од Министерството, се и бившиот директор на Државниот пазарен инспекторат, вработени оттаму, сопственикот, односно организаторот на концертот на ДНК, членови на обезбедувањето и други.
Министерот за внатрешни работи најави нови апсења, дури и на вработени во МВР, актуелни и бивши, но засега не се обелоденети такви информации.
Според Обвинителството, предистрагата е во тек и е многу интензивна, на неа работат девет обвинители.


Во близината на дискотеката имало склад за нафта наменет за друг објект

Склад за гориво имало во близината на дискотеката „Пулс“, каде што во неделата рано изутрина во пожар загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Резервоарот за нафта бил на друг објект, а бил откриен од страна на крим-техника.
Од Противпожарната бригада на Кочани за МИА потврдија дека во близината на дискотеката има резервоар за нафта, но дека тој бил на друг објект. Оттаму не знаат точно дали и колку нафта имало во резервоарот.
Информацијата ја потврдија и од Обвинителството.
– При увидот е констатирано дека постоел склад за гориво во близината на објектот. Сите други околности се испитуваат – информираа од Обвинителството.


Разрешени полициски началници во Штип и во Кочани

Разрешени се седум началници во штипската и кочанската полиција. Во врска со разрешувањето се огласи Министерството за внатрешни работи, кое потврди дека се разрешени началникот и помошник-началникот на СВР-Штип, началниците на одделенијата за полиција и криминалистичка полиција во Штип, како и началниците на ОВР-Кочани, на полициската станица во Кочани и на криминалистичката канцеларија во градот во кој минатиот викенд се случи трагедијата со пожарот.
Од МВР велат дека на нивно место се поставени началници од МВР од Скопје додека трае истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ за да се разјаснат сите околности на полициското постапување.
Разрешени се:
– началникот на Секторот за внатрешни работи во Штип
– помошник-началникот на СВР-Штип
– началникот на Одделението за полиција во Штип
– началникот на Одделението за криминалистичка полиција во Штип
– началникот на Одделението за внатрешни работи во Кочани
– командирот на полициската станица од општа надлежност во Кочани
– началникот на надворешната канцеларија за криминалистички работи во Кочани


Погребот на загинатите е закажан за утре

Погребите на нашите сограѓани, на 59 македонски души, ќе бидат в четврток, 20 март, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој имаше заедничка прес-конференција со митрополитот на брегалничката епархија г.Иларион.
– На погребот ќе присуствува и поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, ќе има и повеќе владици од Синодот. Црквата прави сѐ за овие чеда да бидат испратени на најдостоинствен начин од страна на државата, преземено е сѐ што е потребно да се обезбеди достоинствен погреб, кој сепак нема да ја намали болката на оние што ги изгубија своите чеда толку млади – изјави Ангелов.
Прашан дали во исто време ќе бидат погребите во сите градови и села низ Брегалничкиот Регион, од каде што има загинaто деца и возрасни во пожарот во дискотеката во Кочани, Ангелов рече дека погребите ќе бидат во различен временски период.
– Погребот ќе биде в четврток, но точниот час ќе го определиме, односно ќе го определи Синодот. Дополнително ќе се утврди каде ќе бидат, во колку часот, во кое место ќе бидат погребите. Најголем број жртви имаме во градот Кочани, Чешиново Облешево, Скопје, Пробиштип, Штип, Македонска Каменица – рече Ангелов.


Во болница примени уште 20 нови пациенти

Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) соопшти дека завчера биле хоспитализирани уште 20 повредени, меѓу кои и тројца пожарникари.
– До овој момент во здравствените установи во Скопје и во Штип има вкупно уште 89 хоспитализирани пациенти, а во странство до утринава се испратени 76 пациенти. Планираме во наредниот период да испратиме уште неколкумина во Австрија, Полска, Холандија, Италија, Норвешка, во текот на денот ќе знаеме по колку – изјави заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.
Министерот за здравство Арбен Таравари во Солун ги посети општата болница „Папаниколау“ и Воената болница, од каде што соопшти дека сите пет пациенти примени во овие установи се во стабилна состојба.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски, кажа дека од оние што се во странство, некои се во потешка состојба, а оние што се на клиниките во Скопје се во стабилна состојба. Тој кажа дека ниту еден пациент во моментов нема да биде испратен на домашно лекување и дека и тие што се полесно повредени се задржуваат на опсервација.


Соседите на Балканот се мобилизираат заради контрола на почитување на стандардите за безбедност на граѓаните во објектите за ноќна забава

Трагедијата во Кочани предизвика загриженост кај јавноста во земјите од регионот, но и ги поттикна властите за зголемена контрола на почитувањето на стандардите за безбедност на граѓаните во објектите за ноќна забава.
Во Бугарија противпожарната служба повела дополнителни контроли речиси на 260 локации, повеќето од нив дискотеки, за да се провери дали стандардите за евакуација и заштита од пожар се запазени, но и дека нема запаливи предмети на излезите за евакуација.
Во меѓувреме хрватските експерти, пак, ја смируваат јавноста во Хрватска дека таму се мали шансите да се случи несреќа од размери како во Македонија. Според нив, можноста за такво сценарио е сведена на минимум поради честите контроли, наведувајќи дека само лани биле спроведени 3.184 надзори на противпожарната безбедност.
Првиот човек на противпожарната служба на Загреб во изјава за хрватски РТЛ наведува дека мора да се внимава со употребата на пиротехничките средства во затворен простор, наведувајќи дека за тоа во Хрватска дозвола дава полицијата, која кога ги дава дозволите ги разгледува поединечните случаи.
Инспекции на ноќните клубови е најавено и во Република Српска. Таму ќе се организираат насочени контроли за спроведувањето на мерките за противпожарна заштита и употребата на пиротехнички средства во угостителските објекти, со акцент на ноќните клубови и дискотеките, беше најавено од МВР на Република Српска.
Трагедијата во Кочани, пак, во други земји го отвори прашањето за степенот на корупција што доведува во вакви несреќи, па, така, германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја анализира состојбата во македонското правосудство, од кое се очекува да донесе правда за настраданите и нивните семејства.
– Северна Македонија има лоши искуства со политички пристрасно судство, кое работи во интерес на соодветната влада. На пример, шефицата на канцеларијата на специјалното јавно обвинителство, која беше многу фалена пред неколку години, подоцна и самата стана предмет на истраги за корупција. Во анкетите само мал процент од испитаниците изразуваат доверба во македонското судство – пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер цајтунг“, пак, пишува дека вакви несреќи не се невообичаени во Југоисточна Европа и дека несреќата во Кочани особено потсетува на пожарот во ноќниот клуб во Букурешт во октомври 2015 година, во кој загинаа 64 лица. Според весникот, сите случаи се предизвикани од човечка грешка, непочитување на безбедносните прописи и соучесништво на корумпираните владини регулатори.


Досега утврдени клучни факти за несреќата

lПрозорци со решетки – врата со катанец.

  • Просторот бил несоодветен за одржување концерт и имал „нула заштита“.
  • Биле продадени 250 карти, на концертот што се одржал на „диво“ имало околу 500 гости.
  • Објектот немал хидрантска мрежа, ниту имал хидрант во употребна функција.
  • Немало доволен број противпожарни апарати според квадратурата на објектот, односно имало само два.
  • Внатрешноста на објектот била обложена со гипс-картон, но тој не бил со огноотпорни својства.
  • Немало таван и врати со противпожарна отпорност, ниту пак систем за кочење на вратите.
  • Немало систем за известување на присутните лица за настанат пожар со силен звучен сигнал.
  • Немало две излезни врати пропишани за евакуација на луѓе, туку имало една единечна импровизирана метална врата во задниот дел од објектот, но таа била заклучена со катанец и без квака од внатрешната страна и обложена со гипс-картон и сунѓер за звучна изолација.