Илустрација: „Нова Македонија“

Нефункционалност на политичкото водство на европскиот блок

  • И бриселскиот портал „Еурактив“ ја истакнува нефункционалноста на политичкото водство во Брисел по повод непреземањето акција за спроведување на своевидниот план за итна акција за „спас на Европа“ на поранешниот италијански премиер и претседател на Европската
    централна банка, Марио Драги, токму на годишнината од претставувањето на споменатиот европски стратешки документ
  • Затемнувањето на европските ѕвезди беше очигледно. Нивните траектории исто така се јасни и се движат во неповрат. Црната дупка беше толку голема и силна што почна да ги вшмукува ѕвездите од европското небо, коментираат аналитичарите. Иако станува збор за апокалиптично сценарио, и дури за неверба, метафората на вшмукување на европските ѕвездички во вселенската „црна дупка“ е навистина застрашувачка, но и предупредувачка…

Во филмската сатира „Не гледај нагоре“ од 2021 година на Адам Мекеј, двајца научници откриваат комета што се движи директно кон Земјата. Тие ги повикуваат политичарите, медиумите и бизнис-лидерите да преземат акција. Сите кимаат со главата, се одржуваат говори, но малку се преземаат конкретни акции. Филмот беше фикција, но неговите централни теми – очигледноста на проблемот и илузијата на времето, премногу добро резонираат со моменталната економска состојба на Европа, пишува бриселскиот портал „Еурактив“ по повод годишнината од преставувањето на своевидниот план за итна акција за „Спас на Европа“ на поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка, Марио Драги. Тоа истовремено ја прикажува и нефункционалноста на политичкото водство во Брисел.

Предлозите за конкретна акција и дејствување заборавени во фиоките во Брисел…

Пред една година, Марио Драги го објави својот значаен извештај за конкурентноста на Европа, со извонредна политичка специфична тежина. Тоа беше ин виво анализа при поставувањето дијагноза: премалку иновации, премалку глобални фирми, пазари на капитал што не успеваат да го финансираат растот и регулаторна џунгла што ги убива обемот и агилноста. Ништо од ова не беше ново, ниту непознато, но сега беше систематизирано. Економистите и аналитичките центри го проповедаа истото со години. Придонесот на Драги беше да ги кондензира овие вистини во едно единствено авторитативно предупредување.
– Затемнувањето на европските ѕвезди беше очигледно. Нивните траектории исто така се јасни и се движат во неповрат. Црната дупка беше толку голема и силна што почна да ги вшмукува ѕвездите од европското небо – коментираат аналитичарите. Иако станува збор за апокалиптично сценарио, и дури за неверба, метафората на вшмукување на европските ѕвездички во вселенската „црна дупка“ навистина е застрашувачка, но и предупредувачка.
Европските лидери ветија дека ќе дејствуваат, но дванаесет месеци подоцна, акцијата е оскудна. Од 176 предлози, повеќето сè уште стојат во фиоките на Брисел или во рани консултации. Трошоците за истражување и развој остануваат заглавени на 2,2 отсто од БДП – далеку под САД, Јапонија или Јужна Кореја. Пазарите на капитал остануваат неразвиени, претпочитајќи тули и обврзници пред иновативни фирми. Ветено е поедноставување на регулативата, но законодавниот процес повеќе личи на нов бран правила отколку на вистинско олеснување. Во врска со индустриската политика, Драги предупреди на трки со субвенции меѓу членките на ЕУ. Иронично, одговорот на Брисел беше дополнително олабавување на правилата за државна помош.
Но иако сите се согласуваат дека стагнацијата на Европа е проблем – а комисијата дури и изработи „Компас за конкурентност“ за да ги претвори предлозите на Драги во акција – во Брисел сè уште седат цврсто и вршат проценки.
Дијагнозата на Драги е неоспорна, што ја оправдува инерцијата. Во 2011 година, ЕУ и САД имаа економии од нешто помалку од 16 трилиони долари. И покрај помалото население, американската економија е еден и пол пат поголема. Продуктивноста заостанува со децении: во 1990 година, продуктивноста на трудот по час во ЕУ и САД беше еднаква; сега во САД е приближно за една третина повисока. Америка троши околу 400 милијарди долари повеќе за истражување и развој секоја година отколку сите земји на ЕУ заедно. И ова во време кога јавниот долг и дефицитите низ поголемиот дел од Европа се зголемуваат. Предизвикот е, како што рече Драги, „егзистенцијален“. Преправањето дека е поинаку наликува оти во Брисел се уверуваат себеси дека кометата можеби некако ќе промаши.

Европа се лаже дека има време

Големата илузија е дека Европа има време. Кога Драги го информираше Европскиот парламент претходно оваа година, тој предупреди дека „нашите политички одговори може да бидат застарени штом ќе се произведат“. Тој беше во право. САД и Кина се тркаат напред во вештачката интелигенција, квантните и зелените технологии. Во овие сектори, обемот и брзината ги одредуваат победниците. Европските технолошки стартапи привлекуваат само една десеттина од ризичниот капитал што тече кон нивните американски колеги. Додека Европа дебатира со години, другите дејствуваат со месеци. Секое одложување, секоја полумерка, го проширува јазот.
Последиците не се апстрактни: континентот што не успева да расте губи фискален простор, геополитичка тежина и способност да ја финансира својата социјална држава. Без раст на продуктивноста, стареечките општества не можат да го одржат животниот стандард. Без глобално конкурентни фирми, Европа не може да ги обликува стандардите или да ги обезбеди своите технологии. Без жива економија, нејзината демократска сила еродира. Ова е кометата на Европа – и веќе влегува во атмосферата.

Прозорецот на можности за дејствување полека се затвора

Што треба да се направи? Извештајот на Драги нуди план: значителен пораст на трошоците за истражување и развој, насочување на приватните заштеди во продуктивен ризичен капитал, намалување на регулаторните јазли што ги спречуваат фирмите да се прошират низ единствениот пазар. Но агендата мора да оди подалеку. Европска агенција слична на АРПА би можела да предводи откритија во вештачката интелигенција, квантната, биотехнологијата и другите сектори со длабока технологија.
Енергетската реформа е од витално значење – реструктурирање на пазарите на електрична енергија и намалување на трошоците за енергетски интензивните индустрии. Европскиот одбранбен индустриски орган би ги консолидирал набавките и би изградил обем, додека вистинскиот единствен пазар бара отстранување на заостанатите внатрешни бариери за прекуграничното работење. Препораките за политиката не се во недостиг – политичката волја е.
Во „Не гледај нагоре“, политичарите одложуваат, расеани од анкети и посебни интереси, сè додека не биде предоцна за дејствување. Европа сè уште има прозорец на можности за дејствување. Но прозорецот се затвора. Европските лидери не можат едноставно да го признаат проблемот со објавување извештај или организирање самит, заклучува „Еурактив“.
– Искрено мора да се плашиме за нашето самоодржување – предупреди Драги.
Доколку Европа не дејствува сега, наскоро ќе открие дека кометата веќе удрила. Р.С.


Марио Драги има нов апел за лидерите на ЕУ

Јас го направив мојот дел, сега вие направете го вашиот

Земјите членки на Европската Унија ги пофалија предлозите на врвниот економист Марио Драги за справување со проблемите на забавената економија на блокот кога тој ги достави. Една година подоцна, тие сè уште одолжуваат со следење на советите, а италијанскиот финансиски експерт повторно апелира.
Минатиот месец, Драги предупреди дека владите мора да ги направат „масивните инвестиции потребни во иднина“ и „мора да го прават тоа, не кога околностите станале неодржливи, туку сега, кога сè уште имаме моќ да ја обликуваме нашата иднина“.
Не е првпат поранешниот шеф на Европската централна банка да издаде сериозни предупредувања за замаглените перспективи на Европа. Кога првпат го презентираше својот извештај во Брисел, Драги зборуваше за „бавната агонија“ на падот на ЕУ.
Европа во меѓувреме воведе неколку од препораките од неговиот план за зголемување на конкурентноста, поддржан од Европската комисија, кој вклучува инвестиции во инфраструктура на континентално ниво, обновена енергетска мрежа што обезбедува прифатлива енергија за индустријата, координирана воена набавка за одвикнување на блокот од американското оружје и обединет финансиски сектор што може да влее капитал во технолошките стартапи на ЕУ. Но се смета дека не стори ни одблизу доволно за суштински да ја подобри состојбата.
Европските компании сè уште плаќаат многу повеќе за енергија отколку што би платиле во САД или во Кина, покажа нова анализа, една година откако во извештајот на Драги беше предупредено дека неактивноста ќе го осуди континентот на економска стагнација. Р.С.