Тектонските промени првенствено се однесуваат на драматичната промена во односите помеѓу Европа и Америка. САД, кои служеа како штит на (Западна) Европа околу осумдесет години, сега ѝ го вртат грбот. Суверенистичките тенденции на Доналд Трамп и неговата политика „Америка на прво место“ не треба да бидат изненадување за оние што ги следеле неговите изјави, како и неговите постапки за време на неговиот прв мандат и предизборната кампања за вториот мандат
Забележителна промена во односите помеѓу САД и ЕУ на геополитичката сцена: Европа ги преспива тектонските промени во светскиот поредок
Светскиот поредок значително се менува, што стана јасно откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа. Финскиот претседател Александар Стуб ја сумираше новонастаната состојба, цитирајќи зборови (веројатно погрешно) што му се припишуваат на Ленин, според кои „има децении во кои ништо не се случува и недели во кои се случуваат децении“.
САД ѝ вртат грб на ваква Европа
Тектонските промени првенствено се однесуваат на драматичната промена во односите помеѓу Европа и Америка. САД, кои служеа како штит на (Западна) Европа околу осумдесет години, сега ѝ го вртат грбот. Суверенистичките тенденции на Доналд Трамп и неговата политика „Америка на прво место“ не треба да бидат изненадување за оние што ги следеле неговите изјави, како и неговите постапки за време на неговиот прв мандат и предизборната кампања за вториот мандат.
Уште пред да стане претседател, Трамп сугерираше дека ќе „замижи“ пред евентуален напад врз членките на НАТО што не ги исполнуваат своите обврски кон Алијансата. Пред нешто помалку од еден месец, тој им кажа на своите европски сојузници оти САД повеќе не се подготвени да плаќаат лавовски дел од сметката за нивната одбрана.
Дека Америка ѝ врти грб на Европа беше видливо во најавата за воведување царини за ЕУ, но и во начинот на кој САД ја игнорираат Европа за најважната тема во последните три години – војната во Украина. Америка, барем така тврди Трамп, се согласила на мировни преговори со Русија за ставање крај на војната во Украина, без европските сојузници и, за почеток, без Киев.
Дополнително, многу значајни се пораките на потпретседателот Џеј Ди Венс, кој на конференцијата во Минхен рече дека е „време да се преиспита американската поддршка за Украина“ и ја повика Европа да преземе поголема одговорност. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет исто така рече дека европските земји мора да инвестираат во одбрана, бидејќи „не можеме да претпоставуваме дека американското присуство ќе трае вечно“.
Историјата се повторува
Историчарот Твртко Јаковина од Хрватска вели дека од историска перспектива не се случува ништо особено изненадувачки.
– Многупати во историјата сме виделе дека поредокот драматично се менува, често за време на големи војни во кои се вклучени големите сили. Имаме примери за Француската револуција, Наполеоновото преобликување на Европа и неговиот подоцнежен пораз, потоа ситуацијата по револуциите од 1848/1849 година, војните од 1870 година, па до Првата светска војна, Втората светска војна, како и делумното преобликување по падот на Берлинскиот ѕид.
Ова се неколку точки што би можеле да се споредат со она на што сме сведоци.
Ова се тектонски поместувања, дојде до реконструкција на картите и тоа е ситуацијата што ја гледаме со политиките што најмногу ги донесе претседателот Трамп – вели Јаковина.
Ресетирање на односите меѓу Америка и Русија
Историчарот Јаковина се осврна и на помалите земји во оваа „прераспределба на карти“, велејќи дека тие можат да бидат движечка сила, но дека не се тие за кои се разговара, т.е. дека не се „двигатели“.
– Придвижувачи се исклучиво големите земји – САД, Русија и Кина. Без Европа, бидејќи Европа нема јасен глас, не се огласи со единствен глас или немаше координирана позиција. Како би одлучила Европа? Со мнозинство гласови? Со консензус? Ако е така, како би се постигнало? Сето тоа е едно лабаво ткиво. Сега можеме да согледаме дека ќе има ресетирање меѓу САД и Русија. Воспоставувањето и зајакнувањето на дипломатските релации се мирновременски знаци што имплицираат дека двете земји мора да се договорат за нешто. Очигледно постои волја да се постигне договор за војната во Источна Европа – посочува Јаковина.
Самата Европа се подели на земји од прв и втор ред!
Тука се заобиколуваат малите земји. Самата Европа се подели на земји од прв и втор ред! Прашање е каков прекин ќе направи тоа во односите. Се поставуваа работите според моделот во кој „посилниот е во право“! На помалите земји им одговара мултинационален поредок со јасни правила и норми на однесување. За големите, некои процеси се премногу бавни и тоа не им одговара. Тоа е зоната во која влеговме, забрзана од промената во САД, смета историчарот.
Тој зборуваше и за начините на кои Европа може да реагира на актуелната геополитичка состојба.
– Каква Европа е ова? Кого ќе слушаме во оваа Европа? Каква политика е ова? Онаа што ја претставува Португалија или Естонија? Тоа не можат да бидат исти политики. Европа прелесно ги „сфати“ своите вредности – рече хрватскиот историчар Јаковина.
Воениот аналитичар Маринко Огорец: Европа е виновна за ситуацијата во која се наоѓа
Во турбулентни времиња, прашањето за вооружувањето е клучно. Кога се зборува за Европа без САД, повеќето луѓе мислат на нејзините неразвиени воени способности и капацитети, особено во контекст на можниот „самрак на НАТО“, како што ги опиша неодамнешните настани поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.
Речиси две третини од воениот буџет на НАТО е финансиран од САД. Повисоките трошоци за одбрана, пак, може да предизвикаат колапс на буџетите на европската влада.
Воениот аналитичар Маринко Огорец вели дека Европа е виновна за ситуацијата во која се наоѓа бидејќи ги занемарила својот борбен потенцијал, вооружените сили и сѐ друго поврзано со системот за одбрана и самозаштита.
– НАТО беше формиран во 1949 година како воено-политички блок што можеше да ги заштити европските земји од пенетрација на советските експанзионистички сили во Атлантски Океан, а беше инициран од Америка за да се заштити себеси. Кога пропадна светот заснован на биполарниот концепт на две силни сили, политичката компонента стана доминантна во НАТО. Америка ја одигра главната улога, а Европа не трошеше затоа што веројатно мислеше дека нема да има војна. Првото предупредување беа војните во Југославија, но и тогаш некои лидери не успеаја да се вразумат. Потоа дојде украинската војна, која доведе до многу работи, покажувајќи колку големи грешки направиле Европејците во одбранбениот и безбедносниот систем – посочува Огорец.
Р.С.
Исчезна светот од членот 5 од НАТО
Хрватскиот реномиран историчар Јаковина многу сликовито се обиде да ги опише новиот свет и создавањето на новите меѓународни односи и релации.
Тој вели дека членот 5 од НАТО, во кој се наведува дека другите членки ќе бранат земја што е нападната, беше клучен за малите земји, но дека „заштитата веќе реално – исчезна“. (?!)
– Барем во принцип, тоа беше знак дека сте заштитени. Но тој свет што гарантираше заштита – исчезна!!! Една мала земја не може да се вооружи толку многу за да може да ги одбие посилните земји. Ако зборуваме за вооружување за големи војни и големи конфликти во свет што драматично се менува, тогаш потребни се јасни мултилатерални гаранции, а ние го изгубивме тој свет. Сега се раѓа еден поинаков свет – заклучи Јаковина.
Р.С.