Итното прашање е: што всушност следува по прекинот на огнот во Украина? Имено, Европа во врска со ова прашање се соочува со две опции: да се обврзе да брани прекин на огнот со некакво воено присуство или да ризикува побрутален конфликт во наредните години, кој можеби нема да биде ограничен само на Украина… Заморот од војната е распространет во Европа. Европејците треба да разберат дека „одлучувачка украинска победа што ќе ослободи големи делови од Украина веќе нема да биде изводлива“ ниту на краток ниту на среден рок. Тоа не е дефетизам, туку реализам – и тоа е став што го споделуваат многу Украинци свесни за реалноста на теренот
Сѐ погласна идејата за испраќање европски мировници во Украина по завршување на воениот судир
Војната секогаш се сведува на избор помеѓу ризици. Речиси три години, Европа во голема мера се однесуваше како да не мора да го направи тој избор: можеше да ја поддржи борбата на Украина против Русија и да го задржи европскиот безбедносен поредок непроменет, а во исто време да избегне да ги стави на ризик сопственото население и воените сили. Имајќи ја предвид влошената воена ситуација во Украина, изгледите за намалена воена помош од Вашингтон и зголемената веројатност за принуден прекин на огнот во корист на Русија, избегнувањето на болни одлуки од страна на Европа можеби повеќе нема да биде можно.
Итното прашање е: што всушност следува по прекинот на огнот во Украина? Имено, Европа во врска со ова прашање се соочува со две опции: да се обврзе да брани прекин на огнот со некакво воено присуство или да ризикува побрутален конфликт во наредните години, кој можеби нема да биде ограничен само на Украина…
Искреното размислување е пресудно. Без значително западно воено присуство во Украина, секоја безбедносна гаранција за она што остана од Украина најверојатно ќе биде игнорирана од Русија. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп и неговиот тим веќе се откажаа од можноста за испраќање американски војници, велејќи дека ова ќе биде одговорност на Европа. Затоа францускиот претседател Емануел Макрон заговара поддршка на европски мировни сили. Тој неодамна ја посети Полска за да го претстави својот предлог, но беше одбиен. Се чини дека германската влада исто така ќе го одбие. Италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето, од друга страна, рече дека Италија ја прифаќа идејата. Европа не може да избегне вклучување во оваа дебата, освен ако не е подготвена да ризикува да ја изгуби Украина и да се соочи со поголема воена конфронтација во иднина.
Сè додека Украина не ја стабилизира линијата на фронтот, дискусиите за распоредувањето на европските трупи се чисто теоретски. Само кога Русија ќе признае дека повеќе не може да постигнува значајни победи во 2025 година, таа ќе ги разгледа преговорите за замрзнување на конфликтот. Можеме да дојдеме до оваа точка ако идната администрација на Трамп ги следи сигналите дека можеби размислува за стратегија на „ескалација за деескалација“ – со други зборови, да го зголеми притисокот врз Русија преку зголемена испорака на оружје за Украина како начин за зајакнување на преговарачката моќ на Киев и принудување на Москва да се согласи на разумни услови. Сепак, ќе дојде момент кога Трамп ќе изјави дека Украина сега е проблем на Европа и оти Европа треба да биде подготвена со план за акција.
Секоја идеја дека Европа со присуство на лесни мировни сили може да ја одврати Русија од прекршување на примирјето е фантазија; таа едноставно не би можела да се справи со руските механизирани формации зацврстени од битките и затоа има мала можност за одвраќање. Другата опција е поцврста сила способна да се бори и да ги задржи позициите во случај на напад – како што е случај со американските сили по должината на демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров или мисијата на НАТО во Косово.
Русија нема да прифати западна сила со мандат на линијата на прекин на огнот?
Заклучокот е јасен: Русија веројатно нема да прифати западна сила со мандат на линијата за прекин на огнот, додека традиционалните мировни сили на Обединетите нации нема да обезбедат доволно одвраќање. Потенцијално решение би можело да биде комбинација од двете: традиционалните мировници, по можност од земјите на глобалниот југ, би можеле директно да патролираат во демилитаризирана зона по должината на линијата за прекин на огнот, а робусни европски сили за брза реакција би можеле да бидат стационирани поназад, односно внатре во Украина. Нема да има американски војници во Украина и тие нема да бидат под знамето на НАТО, што потенцијално ќе го направи предлогот поприфатлив за Русија. Без оглед на тоа, администрацијата на Трамп најверојатно ќе го одбие директното учество за да го избегне она што го смета за европско бесплатно користење на нивните капацитети, како и да спречи заплеткување во конфликтот.
Треба да биде јасно дека Европа ќе мора да обезбеди робусна сила со робустен мандат. Концептот, наводно предложен од Макрон, претставува коалиција од европски држави, која трајно би стационирала копнени сили во Украина. Врз основа на пресметките на авторот, за ова би биле потребни минимум пет бригади – приближно од 25.000 до 30.000 војници. Таа сила би можела да прерасне во 75.000 до 90.000 војници поради стандардната практика на ротација помеѓу обуката, активното распоредување и закрепнувањето. Персоналот за поддршка би го подигнал овој вкупен број уште повисоко.
Дали Европа би можела да спроведе таква воена мисија? Од воена перспектива, одговорот е да, но со важни предупредувања. Прво, со оглед на широкиот недостиг од подготвеност, на европските сили ќе им требаат најмалку неколку месеци за подготовки, вклучувајќи и за собирање на силите, обука за комбинирано војување со оружје и упатства од украински офицери со познавање на воените операции во земјата од прва рака. Второ, на Европа ќе ѝ треба јасна стратегија за излез. Силите не би биле постојани. Наместо тоа, нивното распоредување ќе ѝ овозможи на Украина да ги обнови и да ги зајакне своите капацитети. Трето, со оглед на лошата состојба на европските воени капацитети и подготвеност, ќе бидат неопходни компромиси. Нациите што не сакаат или не можат да испратат војници во Украина може да бидат убедени да преземат поголеми одговорности во европските воени мисии на Западен Балкан или во Африка, ослободувајќи ги трупите на другите земји. Тоа може да значи и повлекување на европските сили од сегашните мировни мисии на ООН на Блискиот Исток и на други места, како и привремено прераспределување на некои сили на НАТО од балтичките земји.
Четврто, американската поддршка ќе биде апсолутно клучна, дури и ако Вашингтон одбие да обезбеди војници. Ова вклучува помош при планирање на мисијата, логистика, разузнавање и испорака на дополнителна огнена моќ. Дури и ако не распоредат сили, Соединетите Американски Држави би можеле да ги поддржат Европејците со дополнително одвраќање, веројатно со прераспоредување или со закана дека ќе ја прераспоредат својата ударна сила, опремена со новиот систем од среден дострел и хиперсонични ракети, од Германија до Полска. Позиционирањето поблиску до потенцијалните цели во Украина и до руската енклава Калининград ќе понуди дополнително одвраќање и ќе испрати силен сигнал до Русија.
Конечно, Европа ќе треба да има јасно разбирање за тоа што подразбира таквата мисија и кои се конкретните правила за ангажман. Оваа операција не би можела да се спореди со европските распоредувања во Авганистан или во Ирак. Европските сили ќе треба да бидат подготвени за борбени операции со висок интензитет и големи размери против Русија, а не за мали операции против лесно вооружени бунтовници. Ова вклучува јасен план за одговор на неизбежни провокации, вклучувајќи и за евентуална саботажа зад линијата за прекин на огнот или „случајни“ ракетни напади.
Како би изгледала таква сила? Европските бригади ќе треба да се механизираат, со инкорпорирање главни борбени тенкови, оклопни транспортери, борбени возила на пешадија и самоодна артилерија. Дополнително, тие ќе бараат критични способности за поддршка, како што се системи за воздушна и ракетна одбрана, алатки за електронско војување и борбена инженерска опрема за да се воспостават цврсти одбранбени позиции во случај непријателствата да продолжат. Неопходна е и операција на европски борбени и други авиони во украинскиот воздушен простор.
Друго прашање на кое треба да се одговори пред какво било распоредување е дали европските сили ќе останат одвоени или интегрирани со украинските борбени формации. Може да се замисли симбиотски однос кон обуката: Украина би се интегрирала уште побрзо во воената доктрина на НАТО, додека европските сили би учеле од војската на Украина, која има најголемо искуство во борбата против Русија.
Заморот од војната е распространет во Европа
Да претпоставиме дека сето погоре може да се направи. Останува најголемото прашање: дали Европејците всушност би се бореле со руските сили за да ја спроведат и да ја одржат линијата за прекин на огнот? Пред сè, војната е натпревар на волја. Што ако на европските политичари им недостига волја за борба? Што ако една земја е подготвена да се бори, а друга не е – и еднострано ги повлече своите сили? Може ли Русија едноставно да го игнорира присуството на европските војници и да им нареди на своите војници да ги заобиколат нивните бази? Што ќе се случи ако бидат истрелани проектили кон Украина над главите на Европејците, само за да се тестира нивниот одговор? Овие и многу други прашања треба да се решат и да се одговорат пред какво било вистинско распоредување.
Како и секогаш, Русија може да се обложи на европското неединство. Франција е вовлечена во политичка криза, додека неодамна пропаднатата германска влада се соочува со избори, на кои со прашањето за германската поддршка за Украина веќе се манипулира од политички екстремисти и фракции во традиционалните партии. Заморот од војната е распространет во Европа. Европејците треба да разберат дека „одлучувачка украинска победа што ќе ослободи големи делови од Украина веќе нема да биде изводлива“ ниту на краток ниту на среден рок. Тоа не е дефетизам, туку реализам – и тоа е став што го споделуваат многу Украинци свесни за реалноста на теренот.
Следната година би можела да биде клучна за постигнување нов статус кво за Украина и Европа. Ако Европејците сакаат да ја избегнат следната војна, тие мора да бидат подготвени директно да се вклучат во Украина – и покрај очигледните ризици што се вклучени. Воените акции носат ризици. Меѓутоа, непостапувањето може да биде уште поголем ризик за безбедноста на Европа.