Редакциски осврт: Кога „истражување“ има амбиција да брани идеологија
- Никој разумен не е против истражувања што го мерат расположението на граѓаните за членство во ЕУ. Тоа е легитимна и потребна тема. Но сосема друго прашање е зошто и како во тие истражувања се воведуваат идентитетски категории што не постојат во уставниот поредок, не постојат во пописната методологија, не постојат во меѓународното право и не постојат во историското искуство на македонскиот народ
- Овие „истражувачи“ упорно го игнорираат клучниот факт: дека македонскиот идентитет не се развива во вакуум. Тој со децении е изложен на систематска негација од страна на Бугарија, историски притисоци од Грција, условувања, вета и ултиматуми врзани токму за идентитетските прашања, а сето тоа легитимирано преку бирократскиот јазик на „европските вредности“
Во последно време, под плаштот на наводна научна неутралност, сè почесто сме сведоци на истражувања што не регистрираат општествени појави, туку ги произведуваат. Особено е загрижувачки трендот во кој се „откриваат“ таканаречени нови етнички идентитети, односно конструкции како „етнички Македонец – Европеец“ или дури „Европеец“ без етничка одредница!? Овие формулации не се безопасни аналитички категории. Тие се идеолошки инструменти, внимателно вметнати во јавниот дискурс во момент кога македонскиот народ е под најсилен притисок во својата понова историја: притисок за непризнавање, редефинирање, релативизирање и, на крајот, разградување на сопствениот национален идентитет.
Испитаниците си конструирале нов етнички идентитет?!
Никој разумен не е против истражувања што го мерат расположението на граѓаните за членство во ЕУ. Тоа е легитимна и потребна тема. Но сосема друго прашање е зошто и како во тие истражувања се воведуваат идентитетски категории што не постојат во уставниот поредок, не постојат во пописната методологија, не постојат во меѓународното право и не постојат во историското искуство на македонскиот народ. Кога анкетарот ќе му понуди на испитаникот „Европеец“ како идентитетска опција, тоа не е регистрирање на реалноста, тоа е сугестија. А кога таа сугестија потоа се прогласува за „тренд“, станува збор за класичен пример на „субверзивен идентитетски превратнички зафат“ од некои либерални центри на финансии, идеологија и моќ, маскирани како научни истражувања.
Контекстот што намерно се игнорира
Овие „истражувачи“ упорно го игнорираат клучниот факт: дека македонскиот идентитет не се развива во вакуум. Тој со децении е изложен на систематска негација од страна на Бугарија, историски притисоци од Грција, условувања, вета и ултиматуми врзани токму за идентитетските прашања, а сето тоа легитимирано преку бирократскиот јазик на „европските вредности“. Во такви услови, секое „олабавување“ на етничката самосвест на граѓаните во Македонија не е знак на прогрес, туку симптом на притисок, замор и апатија.
Но она што треба да се издвои е дека тенденцијата за тоа што се нарекува „европски идентитет“ во овие истражувања не е културна припадност, туку класична и препознатлива неолиберална идеологија што го сведува човекот на индивидуален потрошувач, ги третира нациите како анахронизам, а историјата како пречка за „функционални пазари“. За големите и стабилни нации, оваа идеологија е уште еден непријател во историјата над сопствениот идентитетски супстрат, но за мали, историски оспорувани народи како македонскиот – таа е егзистенцијална закана. Затоа, ова истражување не треба да се чита само како текст, туку треба да се стави во контекст!
Идеолошки спин маскиран во истражување и статистика
Во врска со резултатите од вториот дел на истражувањето и „изјаснувањето“ на граѓаните, иронијата е искажана во полн капацитет.
Имено, Европската Унија никогаш формално не понудила „европски идентитет“ како замена за националниот. Напротив, официјалната реторика зборува за „единство во различностите“. Но во пракса, преку вакви истражувања, се турка токму спротивното – растворување/скапување на послабите идентитети, додека посилните остануваат недопрени.
Овие анкети не покажуваат појава на нов идентитет. Тие всушност покажуваат резултат на долгогодишна политичка уцена, внатрешна деморализација и постепено привикнување на идејата дека македонскиот идентитет е „проблем“ што треба да се надрасне. Да се прикаже тоа како „позитивен тренд“ не е само научно некоректно, туку длабоко цинично. И да не се разбереме погрешно. Македонското општество има право на истражувања, но нема обврска да прифати идеолошки спин маскиран во истражување и статистика. Во време кога македонскиот идентитет се брани на секој фронт: дипломатски, историски, културен, јазичен итн., ваквите истражувања и „научни откритија“ не се неутрални. Тие се дел од проблемот. И ако не се именуваат како такви, ќе продолжат да функционираат како тивки сојузници на политиките за македонска деноминација, но со многу подолгорочни штетни последици. Р.Н.М.

































