Фото: „Нова Македонија“

Многу од проблемите на ЕУ досегаат до теми во средиштето на националните политики: безбедноста, улогата на државата и оданочувањето. Сега јадрото на Европа страда. Тоа не се однесува само на Германија. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) исто така предвидува слаб раст за Франција и за Италија. Затоа, најголемите европски земји ќе мора да ја водат ЕУ низ опасни времиња додека се обидуваат да ги реформираат сопствените економии

Стариот Континент со децении не бил во толку ранлива состојба

Поделбите во Европа некогаш беа едноставни. Фискална политика и сонце? Тоа беше поделбата помеѓу Северот и Југот: сив, штедлив Север; светол, расипнички Југ. Миграција и богатство? Новодојдените главно беа толерирани на богатиот Запад и презрени на сиромашниот Исток. Кога се случи кризата, овие познати линии на поделба беа корисни бидејќи предвидливите поделби се полесни за управување.
Европа имаше и многу причини да се обедини. Трговските разговори се помалку комплицирани за единствен пазар доколку 27 земји најдат заеднички став, дури и ако тоа понекогаш значи компромис во однос на националните интереси. Еврокризата ги погодуваше сите членки на валутната зона. Кога изби војната во Украина, поголемиот дел од Европа реагираше со инстинктивен ужас. Брзо следуваа санкции кон Русија и кеш за Украина.
Следната криза ќе биде потешка, делумно поради тоа што природата на предизвиците со кои се соочува Европа се промени. Америка и Кина нема да имаат проблем да ги поврзат економските и безбедносните прашања за максимално влијание, како што е илустрирано со ветувањето на Доналд Трамп дека ќе користи царини и можеби дури и ќе ја принуди Данска да го предаде Гренланд. Меѓународната безбедност е влошена до тој степен што европските вооружени сили се реконструираат со поголеми буџети. А Европа дејствува од позиција на слабост. Германија, најголемата европска економија, влегува во трета година на рецесија. Овие закани и проблеми ја делат Европа по нови линии.
За да видите како се случува тоа, почнете со економските тешкотии на континентот. Слабите економии имаат поголема веројатност да донесат лоши геополитички одлуки. Сега јадрото на Европа страда. Тоа не се однесува само на Германија. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) исто така предвидува слаб раст за Франција и за Италија. Затоа, најголемите европски земји ќе мора да ја водат ЕУ низ опасни времиња додека се обидуваат да ги реформираат сопствените економии. Во септември Марио Драги, поранешен претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) и премиер на Италија, претстави амбициозна реформска агенда. Без договор меѓу Франција и Германија, постои мала надеж дури и за неговите најскромни предлози.

Членките на ЕУ никогаш немаа исти гледишта за трговијата, но постоеше рамнотежа. Блокот за слободна трговија, со Велика Британија во неговото средиште, помогна да се ограничат протекционистичките инстинкти на Франција. Силниот внатрешен пазар со ограничувања на индустриската политика и глобалната трговија, главно според условите на Светската трговска организација (СТО), ги одржа сите страни во голема мера задоволни. Сега, кога Британија е надвор, рамнотежата се смени во корист на оние што сакаат да ги користат тарифите и субвенциите за политички цели. СТО има малку пријатели надвор од Европа, а изгуби неколку пријатели и внатре во блокот.
Во дебатата за иднината на индустриската политика и како најдобро да се одговори на провокациите од САД, големите земји имаат значително различни мотиви. Германија и Холандија вршат голем дел од трговијата надвор од границите на ЕУ. Првата и понатаму ги отфрла тарифите за електричните возила од кинеско производство поради страв од одговор кон нејзините производители на автомобили. Втората мораше да биде силно поддржана од Америка за да го ограничи извозот на опрема за производство на чипови во Кина. Спротивно на тоа, Франција, Шпанија и Полска се многу помалку изложени на меѓународната трговија и, како последица, се повеќе подготвени да ги жртвуваат придобивките од трговијата. Иако Европската комисија договори трговска спогодба со јужноамериканска групација „Меркосур“, таа сè уште не е ратификувана, а Франција и Полска се противат. Таквите земји исто така многу е поверојатно да се расправаат во корист на европското производство на „стратегиски добра“ и клаузули за „купување европски производи“.
На прв поглед, континентот изгледа обединето во одбраната. По војната во Украина и реизборот на Трамп, малкумина имаат илузија за воените трошоци. Во 2023 година земјите на ЕУ потрошиле 1,6 отсто од БДП за одбрана – „не толку повеќе од ограничувањето од околу еден отсто што сојузниците ѝ го поставија на Германија по Првата светска војна, за да ја спречат земјата да може да се одбрани“, забележува Мориц Шуларик од истражувачкиот оддел на Институтот за светска економија во Кил, Германија. Сега сите се согласуваат дека трошењето ќе мора да се зголеми над два или дури три отсто од БДП. Тоа е значителен пораст за континент што врши аутсорсинг на својата безбедност кон Америка.
Но, дури и тука има разлики: не сите земји се еднакво загрижени поради Русија. Општо земено, колку главниот град на една земја е поблиску до Москва толку се поголеми нејзината воена помош за Украина и трошоците за одбрана. Овие разлики ќе станат извор на напнатост. Трамп јасно стави до знаење дека очекува членките на НАТО да ги зголемат трошоците до пет отсто од БДП доколку сакаат да продолжат да имаат корист од американската заштита.
– На буџетот на ЕУ можеби ќе му треба голем фонд од 100 милијарди евра (103 милијарди долари) за заеднички одбранбени активности, поголем во однос на осумте милијарди евра во моментов – тврди Андриус Кубилиус, првиот комесар за одбрана на ЕУ.

Зголемувањето на тоа ниво ќе доведе до намалување на другите обврски на блокот за трошење или за поголеми придонеси од сите членки.
Безбедноста ќе ги искомплицира и другите работи. Земјите со особено силен интерес да ја задржат американската воена поддршка, како што се балтичките држави, можат да отфрлат евентуалните тарифи против САД. Тие исто така можат да застанат на страната на Америка за мерки насочени кон Кина, како што направија кога гласаа за тарифите на ЕУ за кинеските електрични возила. Дури и нордиските земји со слободна трговија или ги поддржаа мерките (Данска) или беа воздржани (Финска и Шведска).
Финансирањето е друг проблем. Дури и пред вооружените сили да ги искористат парите, јавниот долг во Франција, Италија и Шпанија надминува 100 отсто од БДП. Минатата година Франција имаше дефицит од над шест отсто од БДП, а има цел само да го намали на околу пет отсто годинава. Пресметавме уште колку држави треба да го намалат примарниот дефицит, односно дефицити, пред плаќањето на каматите, за да ги задржат стапките на долгот на нивните сегашни нивоа. Не е изненадувачки што Франција се издвојува, барајќи намалување на трошоците или зголемување на даноците во вредност од четири отсто од БДП. Полска и Италија исто така ќе се соочат со тешки мерки.
Во април ЕУ ги менува фискалните правила. Сега бара секоја земја да состави планови за побалансиран буџет, со помали трошоци или со поголеми даноци. ЕЦБ, која во крајна линија е последна опција за целокупниот државен долг на еврозоната, истакна дека задолжително е почитување на правилата за секоја земја што се надева на поддршка. Франција, Италија и Шпанија ќе треба да се приспособат за околу 0,5 од БДП годишно, според аналитичкиот центар „Бројгел“.
Економскиот пад би ги направил аргументите уште пожестоки. ЕЦБ сè уште се бори со инфлацијата, при што цените на услугите се посебен проблем, за четири отсто повисоки од пред една година, и како резултат на тоа не сака нагло да ги намали каматните стапки. Заштедите на домаќинствата во еврозоната се искачија на 16 отсто од расположливиот приход, што е зголемување во односот на 13-те отсто пред пандемијата на ковид-19, што им штети на потрошувачката. Бизнисите се подготвуваат за влијанието на Трамп, и покрај интензивната конкуренција од Кина. Еврозоната наскоро може да се врати на познатата дебата: дали дефицитарното финансирање треба да се користи за да се поддржи економијата?
За време на еврокризата, ЕУ ги надмина проблемите преку подлабока интеграција. Незамисливите политики, како онаа на ЕЦБ кон државниот долг и земјите од ЕУ што се подложни на заеднички долг, станаа реалност.
– Добрата работа е што тимот на ЕУ е најдобар во последните децении – вели Мујтаба Рахман од консултантската компанија „Евроазија груп“.
Сепак, политиката на Европа се протега до крајности. Германија ќе биде зафатена со избори до крајот на февруари, со уште една ограничена центристичка коалиција како веројатен резултат. Во Франција, Емануел Макрон се бори да формира стабилна влада. Малцинската влада на Шпанија не може да донесе буџет. Навистина, во необичен пресврт, Италија е најстабилната голема земја во блокот, според консултантската куќа „Вериск Мејплкрофт“. Згора на тоа, многу од проблемите на ЕУ досегаат до теми во средиштето на националните политики: безбедноста, улогата на државата и оданочувањето. Големите планови на Драги сѐ повеќе изгледаат како листа на желби за друг свет. За Европа ова ќе биде година на управување со кризи.