За жал, претходната влада направи некои исклучително штетни компромиси, кои максимално ги охрабрија антимакедонските кругови и политика во Бугарија. Затоа јас не очекувам некое осетно подобрување во непосредна иднина. Треба да помине време штетните ефекти на претходната политика да ослабат и во Бугарија да се намали надежта за бугаризација на Македонија. Тогаш ќе може да се зборува за подобрување на односите на рамноправна основа, вели проф. д-р Стојко Стојков
Разговор со проф. д-р Стојко Стојков, потпретседател на ОМО Илинден-Пирин
Проф. д-р Стојко Стојков е потпретседател на ОМО Илинден-Пирин, како и еден од најангажираните Македонци во борбата за остварување на човековите и малцинските права на македонскиот народ во Република Бугарија. Тој е вонреден професор при Факултетот за образовни науки во Штип и предава предмети од областите на средновековната историја и византологија, а специјализира и во етничките и идентитетските прашања. Автор е на повеќе научни трудови и книги.
Каков е ставот на Македонците во Бугарија за различната диоптрија на официјално Скопје за идентитетските прашања, а во врска со тоа и за Македонците надвор од својата матица? Како вие како историчар гледате на надворешната политика на новата влада, дали таа ќе го подобри односот со Бугарија?
– Ние во ОМО Илинден-Пирин, како партија, секогаш сме поддржувале евроинтеграција на Македонија при достоинствени услови, а не преку понижување и ставање под прашање на македонскиот идентитет или официјално откажување од македонското малцинство во Бугарија. Што се однесува до настроенијата меѓу Македонците во Бугарија – новата македонска влада ужива силни симпатии.
За жал, претходната влада направи некои исклучително штетни компромиси, кои максимално ги охрабрија антимакедонските кругови и политика во Бугарија. По тоа се создадоа такви услови што за извесно време единствена македонска политика што не би ги влошувала односите, за таквите кругови би била само предавничка политика. Затоа јас не очекувам некое осетно подобрување во непосредна иднина. Треба да помине време штетните ефекти на претходната политика да ослабат и во Бугарија да се намали надежта за бугаризација на Македонија. Тогаш ќе може да се зборува за подобрување на односите на рамноправна основа.
Што очекувате вие како Македонци во Бугарија од новата влада во Македонија, кои се вашите позиции и како бугарската политика реагира на новата власт во Македонија?
– Од една страна очекуваме владата да не дозволува играње со македонскиот идентитет, од друга да го постави прашањето за реципрочност во правата на двете малцинства. Ако бугарските власти „не можат“ да го стават македонското малцинство во Уставот, секако можат за почеток да ги укинат одлуките на парламентот и Уставниот суд според кои не постои македонско малцинство во Бугарија, официјално да признаат дека има такво, да ги регистрираат нашите организации, да стават графа Македонец на пописот и Македонец претставник во комисијата за малцинствата. Еве нешто што можат да го направат.
Бугарската власт реагира како што може да се очекува: реагира и ќе реагира негативно на секоја македонска политика освен на политика на откажување од македонскиот идентитет и од македонското малцинство во Бугарија. Единствен начин да има добрососедство во иднина е од македонска страна да има постојана пријателска но многу стриктна политика во однос на секакви побарувања спрема македонскиот идентитет. Само кога во Бугарија ќе се убедат дека таквата нивна политика нема иднина, туку само ги влошува односите, само тогаш можеме да се надеваме таа да биде напуштена и со неа да исчезне коренот на сите проблеми меѓу двете земји – а тоа е имено оспорувањето на македонската нација, јазик, историја, малцинство од страна на Бугарија. Тоа треба да е долгорочната добрососедска цел на македонската политика во однос на Бугарија. Секоја друга стратегија нѐ осудува не недоглед од кризи и проблеми.
Што преземаат на културен и научен план Македонците во Бугарија?
– Нашите организации продолжуваат да се борат за својата регистрација. Продолжуваат да го одржуваат својот културен живот преку правење собори и други културни активности. Се води активна борба за малцински права – во Судот во Стразбур, во Комитетот на министрите, во други меѓународни институции. Сега се завршува редовниот годишен извештај за положбата на македонското малцинство во Бугарија за 2024 година итн. Д.Ст.