Проширувањето на ЕУ кон Балканот е процес зацементиран со таканаречената Солунска агенда на отворени врати, но тие остануваат затворени за повеќето земји од регионот. И не по вина на кандидатите, зашто проширувањето стана државна лотарија во режија на Брисел, па така, веќе одамна не е важно дали некој ги исполнува Копенхашките критериуми, кои се единствен услов, туку геополитиката решава кој, каде и кому ќе му додели награда, во бриселските кругови наречена морков, а кому стап по грбот. За Македонија е резервиран стапот, да немаме дилеми
ВАТИКАН ОЧЕКУВА БЕЛ ЧАД, А ЦРНИ КАДЕЖИ СЕ КРЕВААТ НАД БРИСЕЛ
Конфликтот внатре во западната цивилизација станува сѐ поочигледен – битката за спас на неолиберализмот како пропадната идеологија и неоконзерватизмот како растечка политичка и идеолошка сила го имаме пред нас. Сѐ се гледа, а американскиот претседател Доналд Трамп направи тоа да биде повидливо, поедноставно за граѓаните (гласачите) и да се одвива побрзо. Тој идеолошки судир нема да остане во границите на Западот и неговите вредности, туку ќе се прошири глобално и нормално е да биде така, зашто светот е поврзан меѓу себе. Се очекува последиците да бидат најизразени таму каде што неолибералите најжилаво се борат – во Европа. И токму најизразени се разликите меѓу САД и ЕУ, при што Стариот Континент се движи во насока да биде неразбран и да си живее на пуст остров.
Европските неолиберали главно се држат до две котви – растечките десничари се опасност за европските вредности и дека Русија е најсериозната закана за опстанокот на Европа. Притоа европските политички елити заборавија дека ги избришаа вредностите што ги застапуваа традиционалните леви и десни сили, па дури и се споија само и само да ја имаат власта. Примери има многу, но највпечатлива е Германија. Стана пракса демохристијаните и социјалдемократите да седат во иста влада и практично да ги изневерат гласачите. Зарем еден поддржувач на ЦДУ би дозволил својот глас да му го пренесе на некој социјалдемократ?! Секако не и затоа Алтернатива за Германија (АфД) стана прва политичка сила во најмоќната членка на Унијата. Дали тоа беше сигналот за германските безбедносни служби да предложат таа партија да се означи како екстремистичка, терористичка, антиисламистичка, антиимигрантска? Делумен одговор, дипломатски немаскиран, дојде од Вашингтон со пораката – претеравте и не правете грешки. Вашингтон прашува – до каде сме со слободата на мислење?
РЕПОРТЕРИ СО ДЕБЕЛИ ГРАНИЦИ
„Репортери без граници“, која треба да биде независна и непристрасна невладина организација, предупреди дека во светот има сериозно назадување кога зборуваме за медиумските слободи. И тука се гледа мирисот на неолибералните каранфили, но сепак ова прашање не е најважното на светот, но е индикатор како се мерат слободите. Аршинот што го имаат репортерите, кои наместо да бришат, создаваат граници. Медиумските слободи не се основно човеково право, туку нешто што сме го создале како традиција, култура, пазар. Во светот има толку многу конфликти што е беспредметно да се зборува за медиумски слободи таму каде што се војува или каде што врие. Таму владите решаваат какви ќе бидат правилата! А сето она што е спротивно на „владините мејнстримови“ се прогласува за „екстремно, реакционерно или говор на омраза“. Зошто се направи тоа? Зошто се удри против традиционалните медиуми во екот на својата најголема моќ? Да останеме само на прашање и нека виси дилемата дали зелената агенда го сотре печатот? И кој и со каква цел стави рака врз медиумите, ги стави под своја контрола?
Лесно ќе дојдеме до одговори. И многу е поверојатно наскоро да видиме бел чад над Систинската капела во Ватикан отколку бел чад за проширувањето над Брисел. Во Ватикан се изгради оџак, но не и над Брисел. Моментално има 135 кардинали што имаат под 80 години и имаат право да гласаат на конклавата, од 71 различна земја на географски најразновидната конклава во историјата. Двајца веќе официјално му соопштија на Светиот Престол дека не можат да присуствуваат од здравствени причини, со што бројот на мажи што ќе влезат во Систинската капела се намали на 133.
За избор на папа е потребно двотретинско мнозинство, што значи дека ако бројот на електори остане 133, победникот мора да обезбеди 89 гласа.
ЕУ уште гласа со консензус. Ќе падне ли тој фамозен механизам? Да се надеваме, иако ЕУ секогаш е бавна, трома. И кога сме кај Ватикан, прашањето што христијаните низ светот си го поставуваат е дали ќе има продолжување на мисијата на Франциск, кој, пак, ги надгради идеите и постулатите на својот претходник Бенедикт. Ватикан несомнено ќе се движи кон единство, кон приближување на вредностите, враќање кон традиционалните вредности и постулати и читањето на Библијата. Затоа и не би требало сликата генерирана со Трамп како „иден папа“ да се разбере како пиар-грешка, туку како патоказ или маркер за Ватикан. Основната идеја во религиозна смисла кај Трамп е една Библија, една религија.
ПРОШИРУВАЊЕТО СО ПОГРЕШЕН КАЛАП
Но не е само проширувањето проблем на ЕУ, сега повторно е актуелна Романија каде што во моментов има политичка сила што сака да се држи до традицијата и до коренот. Нешто што им пречи на бирократите во Унијата. Еднаш највисокиот суд во Романија ги поништи резултатите од изборите зашто десничарите победија, но работите пак останаа на исто. Георге Симион, критичар на ЕУ на кому му е забранет влез во Украина, победи во првиот круг од прегласувањето на претседателските избори во неделата. Со преброени повеќе од 95 отсто од гласачките ливчиња, Симион, лидерот на десничарскиот Сојуз за унијата на Романците, доби 40,52 отсто од гласовите. Двајцата кандидати со „проевропски ставови“ остануваат далеку зад него за повеќе од 20 проценти.
– Ова не е само изборна победа, туку победа на романското достоинство. Тоа е победа на оние што не ја изгубиле надежта, на оние што сè уште веруваат во Романија, слободна, почитувана, суверена земја – рече Симион по објавувањето на излезните анкети.
Како се измешаа картите во Европа, па ние сме сведоци на историски процеси. Брисел со прстот кон Романија, кон Австрија, Словачка, Холандија… Кој го наштимал вака европскиот клавир? Да го спомене и „случајот Србија“ – лично комесарката за проширување Марта Кос му се закани на претседателот Александар Вучиќ дека ако замине на парадата во Москва на 9 Мај, ќе има последици за членството на Србија во Унијата.
– Сметаме дека Србија ќе ги следи европските вредности и ќе биде добар партнер. Односите со Србија не може да бидат како порано – изјави портпаролот на Европската комисија.
И не е само Србија проблематична за ЕУ, во тој сѐ поголем куп држави е и Македонија, според Кос, „тажната европска приказна“. Тие држави како Босна, Косово, Молдавија, Србија… едноставно не се вклопуваат во калапот на Брисел. Кој е проблемот – калапот е направен, но има резервни што се поставуваат за различни држави. Македонија и Словенија, според бриселскиот калап, уште во 1990 година според Бадентеровата комисија, беа означени како единствени земји од поранешна Југославија што ги исполнуваат условите за да бидат признаени како независни држави. Зошто не се применува тој калап? Зошто се применуваат двојните стандарди?
Притоа треба да се додаде дека сегашниот момент го налага и прашањето – дали е дојдено времето да се означи крајот на проектот на американските неолиберали. Самата ЕУ е индикатор дека работите не се онакви какви што би требало да бидат, односно дека со Дејтонскиот договор, со Военотехничкиот договор со Србија и со Преспанскиот договор, под големи притисоци практично се создадоа нефункционални држави. И да се отвори дијалог за новата реалност со нови договори, пред сѐ билатерални, кои ќе ја избегнат „билатерализацијата“ на Европската Унија.
Оправдано отсутна еврокомесарката Кос
Неодамна во интервју за Радио Слободна Европа (уште еден проект на неолибералите), европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Албанија ќе стане 29-та земја членка на Европската Унија до 2029 година, по Црна Гора.
– За нас би бил неуспех ако, во рамките на сегашниот мандат на Европската комисија, не успееме да примиме ниту една нова држава во ЕУ. Уверена сум дека можеме да ја примиме Црна Гора, земја со која ги отворивме сите поглавја и почнавме да ги затвораме, процес што може да се заврши до крајот на 2026 година. Од техничка гледна точка, можеме да ги финализираме преговорите со Албанија до крајот на 2027 година. Потоа, земјите членки ќе одлучат дали овие две земји ќе му се приклучат на нашето европско семејство – рече Марта Кос.
Кога беше прашана за Црна Гора и Албанија, таа потврди дека тие ќе бидат 28-та и 29-та земја членка на ЕУ пред да заврши нејзиниот мандат во 2029 година.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја опиша Македонија како една од трите најтажни приказни на Балканот. Нејзината изјава се однесува на застојот во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Во интервјуто Кос нагласи дека фрустрацијата што ја доживува Македонија е симбол на застојот во европските интеграции.
– Косово е тажна приказна затоа што не може да тргне понатаму. Втора тажна приказна е Македонија. Знаете, кога со Украина би чекале онолку колку што со Македонија чека на почеток на преговорите, Украина тогаш би почнала со преговори 2045 година. Тука е секако и Босна и Херцеговина – изјави Кос.
Иако упати охрабрувачки пораки, Кос засега нема планирана посета на Македонија. Зошто таа е „оправдано отсутна“ од Македонија, а наменски беше присутна во Нови Сад? Дали е ова механизмот на мек притисок кон Македонија за да легне на брашното што помина низ ситото на Софија? Ова може да се толкува како намера на Брисел да си остане на своето, односно на Макроновата преговарачка рамка без да си го крши умот како да реши еден проблем со Македонија, кој нема апсолутно никакво врска со Копенхашките критериуми. И погрешно би било вината за овој застој да си ја префрлуваме само на наш грб, туку е потребно да се истрае на своите позиции. И онака целиот процес на проширувањето е ставен на геополитичките приоритети. Па ако не сме им приоритет, зошто уште да жртвуваме од македонските национални интереси?