Ставовите на австриската министерка за укинувањето на консензуалното одлучување при носењето одлуки поврзани со проширувањето се мало освежување во однос на наративите што досега се слушаа од Брисел и можат да значат притисок до европските челници конечно да започнат со внатрешна реформа на Унијата.
Според познавачите на европските состојби, никој не треба да има илузии дека ЕУ толку лесно ќе се откаже од одлучувањето со консензус, но тие се согласни
дека и во самата Европа има политичари на кои им е преку глава од вербалните заложби на Брисел, кои во пракса никогаш не се реализираат
Австриската министерка Клаудија Плаколм бара Унијата да го промени начинот на одлучување
Ефикасното функционирање на Европската Унија со години се покажува како крајно проблематично, особено во моменти кога треба да се носат брзи одлуки, а причините за таквата инертност се лоцираат исклучиво во консензуалното одлучување.
Поради неможноста да се постигне единствен став околу клучните работи, ЕУ во повеќе наврати ја истакнува потребата од внатрешна реформа и промена на моделот на одлучување со консензус, но освен на вербални најави, во пракса внатрешната европска реформа тапка во место.
А кога нерешителноста да се направи нешто во насока на подобрување на ефикасноста продолжува, тогаш не треба да зачудува зошто официјален Брисел е оставен настрана од глобалните светски процеси, вклучително и оние што се случуваат на европско тло.
Зборовите треба да се преточат во дела
Од тие причини повторно се наметнува потребата ЕУ конечно од зборови да премине на дела, односно кога веќе ја најави внатрешната реформа, тогаш да почне и да ја спроведува, почнувајќи од начинот на одлучување, па до градењето заедничка визија за иднината на Унијата.
Австриската министерката за Европа, интеграција и семејство Клаудија Плаколм во интервју за австриската агенција АПА, порача дека за забрзување на интегративниот процес би требало да се разгледа и ограничување на правото на вето при носењето на некои одлуки во рамките на ЕУ поврзани со проширувањето.
– Повеќе од 20 години зборуваме за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, но не е постигнат значителен напредок на тој план, бидејќи најчесто соседните земји „ставаат кочница“… Би било поразумно некои чекори да се направат побрзо и на крајот од целиот процес повторно да се вратиме на одлучување со консензус. Но сметам дека е важно да постигнеме единство и да разговараме за клучните прашања – истакна Плаколм.
Според неа, ако продолжи со ваквиот однос, ЕУ ризикува да го изгуби кредибилитетот на Западен Балкан и постои опасност регионот „да стане играчка на други геополитички сили“.
Ставовите на австриската министерка околу укинувањето на консензуалното одлучување при носењето одлуки поврзани со проширувањето се мало освежување во однос на досегашните наративи што се слушаа од Брисел и на некој начин можат да значат притисок до европските челници конечно да започнат со внатрешната реформа на Унијата.
Новиот модел на одлучување ќе ја отстрани билатерализацијата од евроинтеграциите
Според познавачите на европските состојби, никој не треба да има илузии дека ЕУ толку лесно ќе се откаже од одлучувањето со консензус, но тие се согласни дека и во самата Европа има глас на разумот што опоменува дека ако Унијата внатрешно не се реформира, тогаш чекори кон опасен терен што може да значи и нејзина дезинтеграција.
– Не треба да заборавиме дека првото вето за Македонија по промената на името дојде од францускиот претседател Емануел Макрон, кој најави нова методологија во пристапниот процес и внатрешни реформи во Унијата за таа да може да се подготви за 30 и повеќе членки. И на маргините на петтиот самит на Европската политичка заедница што се одржа во Будимпешта стана збор за напуштање на консензуалното одлучување и носење одлуки со минус еден или, пак, со квалификувано мнозинство што ќе спречи идна блокада на европските политики, како на внатрешен така и на надворешен план. Од тие најави до денес се нема ништо сменето, работите околу внатрешните реформи на Унијата не се мрднати ниту милиметар. Интенцијата беше ЕУ да стане поефикасна при носењето одлуки, имајќи предвид дека се случија внатрешни куршлуси и при усвојувањето на европскиот буџет, при носењето одредени закони од некои земји членки, при миграциските политики, околу конфликтот во Украина и други важни внатрешни прашања. Тој момент го користеа и политичарите од регионот, кои го притискаа Брисел да го укине ветото при проширувањето, за да не се случува одредени земји да бидат блокирани поради билатерални прашања, како што Грција и Бугарија го направија тоа со Македонија – велат познавачите.
Според нив, изјавата на австриската министерка е конкретна порака до водството на ЕУ да ги почне внатрешните реформи сеопфатно, вклучително и во делот на одлучувањето, кое можеби треба да се смени прво за да може Унијата ефикасно да функционира.
– Она што е исклучително важно е ЕУ да започне со внатрешните реформи, да го промени неефикасниот модел на одлучување и да почне да носи одлуки за надворешната политика, за енергетиката, за економијата, за дигитализацијата, за вештачката интелигенција, за сето она што е важно за внатрешно да се зајакне, односно да функционира како едно компактно тело. Кога самите ќе се уверат дека одлучувањето без консензус носи позитивни придобивки за внатрешното зајакнување и кохезија во Унијата, тогаш истиот модел можат да го применат и врз проширувањето, поточно да овозможат за евроинтеграциите на земјите кандидати да се одлучува без консензус, туку со квалификувано мнозинство. На тој начин процесот на проширување ќе биде ослободен од билатерални спорови, а земјите ќе можат целосно да се фокусираат на исполнување на неопходните европски критериуми наместо да ја губат енергијата на прашања поврзани со нечиј идентитет, јазик или историја. Така Унијата ќе се прошири со квалитетно надградени земји, кои нема да внесуваат нови проблеми, во кои постои владеење на правото, нема да има никаква толеранција за корупцијата, а економијата ќе биде развиена на тоа ниво за да може брзо да се усогласи со европските економски текови. Затоа, додека ЕУ ги притиска земјите кандидати да прават болни реформи, не пречи и самата да ги направи внатрешните реформи кога веќе со години ги најавува – заклучуваат познавачите.
Јосиповиќ: ЕУ да се реформира по американски терк
Поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ во говорот во рамките на конференцијата што неодамна беше организирана од страна на Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, во соработка со меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ИЦАЦ) и алумни-асоцијацијата „Иванов школа за млади лидери“ (ИСЛАА), и самиот се заложи за внатрешна реформа на Унијата.
Според него, за да може Унијата да опстои и да продолжи да биде синоним за правда, еднаквост и солидарност, би требало да се преименува во соединетите европски држави по примерот на Соединетите Американски Држави.