Во Унијата се напушта едногласното одлучување и без формална одлука?!
- Извесен период во Брисел се води жестока дискусија околу тоа дали треба да се употребат замрзнатите руски средства за обнова на Украина, па откако стана јасно дека тешко ќе биде постигнат консензус, европските челници сега пристапуваат кон изјаснување со квалификувано мнозинство, иако за такво нешто нема донесено одлука внатре во самата Унија, односно не се променети актуелните важечки договори за ЕУ, а уште помалку премостувачките клаузули (passerelle clauses)
Внатрешната дебата во рамките на Европската Унија околу потребата да се промени начинот на гласање од консензуално, во гласање со квалификувано мнозинство, се чини дека се ближи кон крајот, а во пракса веќе можат да се забележат и првите обиди во пракса за напуштање на едногласноста кога се работи за прашања поврзани со повисоката европска политика.
Имено, извесен период во Брисел се води жестока дискусија околу тоа дали треба да се употребат замрзнатите руски средства за обнова на Украина, па откако стана јасно дека тешко ќе биде постигнат консензус, европските челници сега пристапуваат кон изјаснување со квалификувано мнозинство, иако за такво нешто нема донесено одлука внатре во самата Унија, односно не се променети актуелните важечки договори за ЕУ, а уште помалку премостувачките клаузули (passerelle clauses).
Токму овие клаузули се механизми во договорите на ЕУ што овозможуваат да се промени начинот на донесување одлуки, од едногласност на квалификувано мнозинство или од специјална на редовна законодавна постапка, без да се менуваат самиот Лисабонски договор или другите основни договори.
На ова неодамна реагираше унгарскиот премиер Виктор Орбан, која ја обвини ЕУ дека поради одлуката за користење на замрзнатите руски средства, нелегално го укинува законот за едногласност и дека на тој начин ќе биде нарушено владеењето на правото во ЕУ.
Имено, намерата на ЕУ е за дел од одлуките за кои не може да биде постигнат консензус, да се гласа со квалификувано мнозинство и таквите одлуки да бидат обврзувачки за сите.
– Наместо да го штити почитувањето на договорите на ЕУ, Европската комисија систематски го крши европското право. Го прави ова за да ја продолжи војната во Украина, која очигледно не може да се добие – напиша Орбан на социјалните мрежи.
Без оглед на неговите реакции, повеќе од јасно е дека ова е практична примена на неконсензуалното одлучување во рамките на ЕУ, што веројатно во следниот период сѐ почесто ќе се применува.
Оценка на разни аналитички центри е дека ова во суштина значи промена на начинот на одлучување во рамките на ЕУ, дури и без формална одлука од страна на телата на Унијата и без промена на договорите.
– Одлука за промена на начинот на гласање во ЕУ може да биде донесена откако сите земји членки ќе се согласат. Видовме дека некои земји членки не сакаат да се согласат со такво нешто плашејќи се од мајоризација, така што очигледно овој процес ќе се турка на мускули. Ќе се наоѓаат разни модалитети како да се заобиколи едногласноста и со текот на времето тоа ќе стане пракса, така што може слободно да се заклучи дека процесот на напуштање на консензуалното гласање веќе започна – констатираат некои европски аналитички центри.
Дел од домашните аналитичари сметаат дека ова може да бидат добри вести за Македонија.
– Ако се продолжи со правењето преседани со консензуалното одлучување, нема зошто овие преседани да не станат пракса. А кога веќе ќе станат пракса, тоа многу веројатно и ќе се официјализира. Сега Брисел сака да ги искористи замрзнатите руски средства, утре ќе одлучува за брз прием на Украина во ЕУ, така што сите тие одлуки тешко ќе бидат донесени со консензус. Затоа се прават овие експерименти со гласањата без консензус, за да се откочат многу процеси. Веројатно тоа ќе биде случајот и со проширувањето бидејќи ЕУ не може да си дозволи таков луксуз да ја прими Украина во ЕУ, а да ги остави настрана земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Несомнено процесот на промена на гласањето во ЕУ е почнат, колку тоа на некои земји членки да не им се допаѓа – заклучуваат аналитичарите.
Европската влада ја тужи Бугарија за неусогласеност на бугарското законодавство со европското
На Брисел му текна дека Софија не почитува пресуди
Одлуките на европските институции, особено на европските судови, се обврзувачки за сите земји што потпишале договори дека ќе ги почитуваат конвенциите или правилата на телото во кое доброволно пристапиле, но се чини дека некои земји во континуитет се оглушуваат на таквите одлуки.
Имено, Бугарија со години одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права што се однесуваат на правата на Македонците во Пиринска Македонија иако тие се обврзувачки. Грција, пак, ја игнорираше пресудата на Меѓународниот суд на правдата со која не требаше да ја блокира Македонија во нејзините обиди да стане дел од меѓународните организации под референцата, но го правеше тоа без оглед на пресудата. Европската Унија го толерираше и го дозволуваше сето тоа.
Сега Европската комисија (ЕК) донела одлука за поведување постапка против Бугарија пред Судот на правдата на Европската Унија, поради несоодветна усогласеност на бугарското законодавство со Директивата на ЕУ за јавни набавки.
Комисијата смета дека бугарското законодавство моментално исклучува одредени медицински установи во приватна сопственост од правото за учество во јавни набавки, дури и во случаи кога над 50 отсто од нивното финансирање потекнува од државниот буџет, што не е во согласност со законодавството на ЕУ.
За овој случај, ЕК повела постапка уште во јануари 2019 година со барање Бугарија да го усогласи своето законодавство со правилата на ЕУ, но иако Владата поднела законски предлог-измени, тие сè уште не се усвоени од страна на бугарското собрание. Комисијата дополнително проценува и дека дури и при прифаќање на предложените измени, посочените недостатоци нема да бидат надминати.
Клучната дилема што сега се поставува е дали ЕК ќе ја толерира Бугарија во непочитувањето на пресудата ако судот одлучи дека оваа земја ги прекршила правилата на однесување или, пак, ќе бара таа да постапи во согласност со наредбите на судот. Ако ја примени таа пракса на притисок, тогаш тоа треба да важи за почитување на сите пресуди.
– Судските пресуди се обврска на секоја земја, така што ако ЕК стигнала во ситуација да ја тужи Бугарија пред суд, тогаш има сериозен проблем на релацијата Брисел-Софија. Кога Македонија ги алармираше европските тела дека земји членки не ги почитуваат одлуките на европските судови, особено оние на Европскиот суд за човекови права, тогаш Брисел молчеше, а кога се игнорираат некои европски правила, реагираат. Несомнено судот ќе ѝ наложи на Бугарија да ги спроведе европските директиви, но прашање е дали и кога ќе го направат тоа. Сето ова е само резултат на некои минати процеси, односно кога една земја нема да го изоди целиот пат во евроинтеграциите, туку ќе биде примена прекутрупа со политичка одлука, тогаш и обврските се сфаќаат недоволно сериозно. Затоа нема почитување на европската легислатива, оти некои навики очигледно тешко се искоренуваат – коментираат адвокати, дел од нив вклучени во активности на европските судски институции.
С.Т.
































