Украинците бараат помош од Западот откако објавија дека се судриле со севернокорејските војници во руската погранична област, а протекоа информации дека ЕУ побрза да склучи безбедносна соработка со Јужна Кореја, во страв од дефицит на воен капацитет, при евентуално проширување на воените дејства
По вклучувањето на Северна Кореја во руско-украинската војна
Вклучувањето на севернокорејските војници во руско-украинскиот оружен конфликт придонесе за влечење крупни геостратегиски потези, односно создавање нови сојузништва. Дали навистина светот сериозно се подготвува за можна ескалација на конфликтот?!
Украинските вооружени сили се судрија со севернокорејските трупи, а Брисел склучи безбедносна соработка со Јужна Кореја
Украинците бараат помош од Западот откако објавија дека се судриле со севернокорејските војници во руската погранична област, додека протекоа информации дека Европската Унија трупа резерви, притоа склучувајќи и безбедносна соработка со Јужна Кореја, во страв од проширувањето на воените дејства.
Украинските сили првпат ги нападнаа севернокорејските војници распоредени во руската погранична област, потврди Андриј Коваленко, шеф на Украинскиот центар за борба против дезинформации. Според него, севернокорејските војници биле нападнати во областа Курск, иако тој не ги откри деталите за нападот. Русија неодамна ги засили своите напори во источна Украина, со цел да ги протера украинските сили што презедоа контрола врз одредени делови од руската област Курск од август. Конфликтите се интензивираа околу градот Суџа – клучен транспортен центар за гас.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ги критикуваше западните сојузници за неподготвеноста да ѝ достават оружје на Украина со долг дострел. Во своето дневно обраќање тој истакна дека Западот „само набљудува“ додека Украинците се соочуваат со заканата од севернокорејските војници, што, како што рече, уште повеќе ја отежнува одбраната на Украина.
Зајакнување на безбедносната и одбранбената соработка меѓу ЕУ и Јужна Кореја
Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, завчера се состана со својот јужнокорејски колега Чо Тае-Јул за да разговараат за безбедносните прашања во поглед на зголемената загриженост во Сеул. Поточно, властите во Јужна Кореја изразија сериозна загриженост за испраќањето севернокорејски војници во Русија, кои би можеле да учествуваат во конфликтот со Украина.
Пред пристигнувањето во Јужна Кореја, Борел ја посети Јапонија, а во неделата ја обиколи силно чуваната демилитаризирана зона што ги дели двете Кореи. Во својата објава на Икс, Борел напиша дека оваа посета ја потврди важноста за инвестирање во мир.
Главната цел на посетата на Борел на Сеул е зајакнување на безбедносната и одбранбената соработка меѓу ЕУ и Јужна Кореја. Како што нагласи во соопштението, се прават напори да се подигне нивото на соработка во делот на безбедноста, иако конкретни детали од тој план не се објавени.
Овој состанок за стратегиски дијалог е прв од ваков вид меѓу ЕУ и Јужна Кореја и доаѓа во време кога и Вашингтон и Сеул изразија загриженост поради зголеменото учество на Северна Кореја во руско-украинскиот конфликт.
Како дел од официјалните активности, Борел разговараше и со јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, при што споделија загриженост за потенцијалните последици од воените активности на Северна Кореја во Русија. Агенцијата „Јонхап“ објави дека Борел и Ким дискутирале за прашањето за регионалната безбедност и за можноста за идна соработка во спротивставувањето на заканите од Северна Кореја.
Сеул во недоумица
Со оглед на поддршката на Северна Кореја за Русија, јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Тае-јул неодамна изјави дека Сеул ги разгледува сите опции во случај на натамошна ескалација. Иако Јужна Кореја во моментов ѝ дава на Украина помош што не опфаќа воени средства, како што е опремата за деминирање, владата во Сеул досега се спротивставуваше на идејата за испраќање воено оружје.
Сепак, постои зголемена загриженост дека Северна Кореја, во замена за помошта што ѝ ја дава на Русија, би можела да добие софистицирана воена и цивилна технологија. Таа компензација може да ги забрза напорите на Северна Кореја за развој на шпионски сателити и напредни ракетни системи. Како доказ за нејзините воени амбиции, Северна Кореја минатата недела тестираше нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво, позната како „хвасонг-19“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен неодамна изјави дека се очекува наскоро севернокорејски војници да учествуваат во битки на руска територија, поточно во областа Курск. Во меѓувреме севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон Хуи ја потврди поддршката на нејзината земја за Русија во актуелниот конфликт. На средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва, Чое истакна дека Северна Кореја ќе продолжи да ја поддржува Русија „до победа“ во конфликтот со Украина.
Овој развој на ситуацијата дополнително ја комплицира безбедносната ситуација во Азија и пошироко, а средбата меѓу Борел и Чо Тае-Јул ги нагласува заедничките напори на ЕУ и Јужна Кореја во справувањето со новите безбедносни предизвици. Р.С.
Во официјален извештај до Фон дер Лајен има тврдење дека ЕУ треба да се подготвува за можност за војна?!
Дали Брисел ќе им препорача на граѓаните на Унијата да подготвуваат резерви за можен воен судир
Европската Унија треба да се подготвува за можноста за војна, судејќи според извештајот на 165 страници, доставен минатата среда до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од поранешниот фински претседател Саули Нинисто, во својство на нејзин специјален советник.
Како што објави неодамна американски „Њузвик“ во извештајот се нагласува дека ЕУ не била подготвена ниту за пандемијата на ковид-19 ниту за војната во Украина и оти мора да премине „од реакција на проактивна подготвеност“.
Луѓето што живеат во ЕУ треба да се складираат со итни резерви во случај на војна или друга голема катастрофа, се наведува во новиот извештај. Како дел од оваа стратегија, ЕУ треба да ги советува домаќинствата да спроведат подготовки за да бидат самоодржливи најмалку 72 часа во случај на вонредна состојба. Извештајот ги советува земјите членки да им дадат на своите граѓани насоки за складирање резерви, евакуација и како да пристапат до службите за итни случаи, меѓу другото.
Анкетата цитирана во извештајот прикажува различни основни потреби што домаќинствата треба да ги имаат во случај на итност, вклучувајќи храна, пијалаци и лекови, батериска ламба и радио на батерии. Целта на советот е да се подготват граѓаните на ЕУ за вонредни ситуации од нова пандемија, па до екстремни временски услови или оружена агресија.
– Немаме јасен план што ќе направи ЕУ во случај на оружена агресија врз земја членка. Воената закана што ја претставува Русија за европската безбедност нѐ принудува да ја разгледаме како централен дел од нашата подготвеност, без да ја поткопуваме работата за подготовка за други големи закани. Територијалниот интегритет и политичката независност на секоја земја членка е нераскинливо поврзана со интегритетот и политичката независност на другите земји членки и на ЕУ во целина – се наведува во извештајот.
Во извештајот се истакнува дека зајакнувањето на граѓаните треба да биде во „јадрото“ на сеопфатната стратегија за подготвеност и дека блокот треба да ја издигне свеста и да ја поттикне самодовербата кај своето население. Тој исто така предлага други мерки на ниво на ЕУ, со најмалку 20 отсто од вкупниот буџет на блокот наменет за зголемување на безбедноста и подготвеноста за кризи. Тој исто така предлага план за поголема размена на разузнавачки информации меѓу земјите на ЕУ. Р.С.