Фото: „Нова Македонија“

Бадентер како алатка за блокада, државата останува заложник на уставните аномалии

  • Декларативните заложби на одредени партии дека сè што прават го прават во интерес на граѓаните, едноставно паѓаат во вода бидејќи токму граѓаните, без оглед на нивната етничка припадност, директно врз своја кожа ја чувствуваат системската дисфункционалност предизвикана од Бадентеровиот принцип, кој многу повеќе ги кочи демократските процеси и напредокот на државата и општеството отколку што обезбедува некаков бенефит за обичните луѓе

Криво насадените интервенции во македонскиот уставен систем покажаа од оваа историска дистанца дека нивното вметнување на долгорочен план не било за да се подобрат состојбите во државата, туку, напротив, за да се одржува системска дисфункционалност, која одредени партии ја користат како алатка за пазарење исклучиво за задоволување на теснопартиските цели. Доколку не било така, по постигнувањето на саканите краткорочни ефекти (безбедносна и политичка стабилност), меѓународната заедница веднаш ќе обрнеше внимание државата да се врати во состојба на меѓународноправно утврдени демократски механизми за ефективна функционалност, односно ќе ги повлечеше наметнатите ад хок решенија, кои на долг рок се покажуваат како генератори на нови и подлабоки нестабилности и општествени дисфункционалности.
Едно такво диво месо во македонскиот устав е токму Бадентеровото мнозинство, чија цел беше да гарантира правична застапеност и заштита на малцинствата по воениот конфликт во 2001 година, но во пракса претставуваше само намерно инсталирана фалинка преку која можат да се контролираат одредени процеси во земјава.

Бадентер ја кочи државата: без „Сејф сити“ и без народен правобранител

Декларативните заложби на одредени партии дека сè што прават го прават во интерес на граѓаните, едноставно паѓаат во вода бидејќи токму граѓаните, без оглед на нивната етничка припадност, директно врз своја кожа ја чувствуваат системската дисфункционалност предизвикана од Бадентеровиот принцип, кој многу повеќе ги кочи демократските процеси и напредокот н државата и општеството отколку што обезбедува некаков бенефит за обичните луѓе.
Најдобра потврда за тоа е неизвесноста околу усвојувањето на измените на Законот за прекршоци, поради што неизвесно е дали од 1 февруари ќе почне да се применува системот за казнување на возачите преку „Сејф сити“, чија цел е да се заштитат животите на граѓаните од несовесните возачи. Имено, со измените на Законот за прекршоци треба да се овозможи казната за сторен прекршок што е евидентиран преку камерите на „Сејф сити“ на возачот да му се испрати преку СМС-порака или преку електронска пошта.
Иако буквално целото македонско општество очекува системот „Сејф сити“ да почне со работа што поскоро, опозициската ДУИ не ги поддржува предложените закони што ги предлага власта, користејќи ја алатката Бадентер за да го опструира целиот проект, кој нема никаква врска со правата на малцинствата, туку ги засега сите граѓани.
ДУИ паралелно го кочи и процесот на избор на народен правобранител, повторно преку блокадите што ѝ ги овозможува принципот на Бадентер, оставајќи ги македонските граѓани повеќе од половина година без правна заштита. Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан овој кандидат, но нема доволен број пратеници за гласањето по Бадентеровиот принцип. Мнозинството располага со најмногу 14 гласа по Бадентер, а недостигаат гласови од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Сето ова јасно говори дека она што е накриво насадено во македонскиот устав, во суштина генерира проблеми, наместо да проектира решенија.

Механизам за системска парализа

Повеќето уставни домашни и меѓународни експерти сметаат дека принципот на Бадентер, иако воведен како заштитен механизам во постконфликтен контекст, денес објективно ја кочи демократската и институционалната функционалност на државата и едноставно треба да се отстрани бидејќи ќе биде понатамошна пречка и за пристапниот процес на земјава кон ЕУ.
– ЕУ не бара од нас етнички бројки по институциите, туку луѓе што ќе можат да изведат квалитетни реформи. За нив е важен Мерит-системот, а не дали некој бил Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, Ром или некој друг. Затоа Бадентерот е нашата кочница кон ЕУ. Не се води сметка за способноста, туку за етнички бројки. А што е најстрашно, тој Бадентеров принцип се злоупотребува од одредени партии буквално за сè, исклучиво заради нивни париски интереси, но и за намерно да се кочи напредокот на државата. Тоа не е добро, затоа велиме дека Бадентер е системска аномалија во нашиот устав и треба што поскоро да се тргне – велат експертите.
Според нив, ДУИ постојано го злоупотребуваше алатките како балансерот и Бадентеровиот принцип исклучиво за свои партиски потреби, односно за потребите на потесното раководство, најмалку заради интересите на граѓаните.
– Случајот со опструкциите на измените на Законот за прекршоци и блокадата на изборот на народен правобранител јасно покажува дека Бадентеровиот принцип одамна престанал да биде механизам за заштита на права, а се претворил во алатка за политичка уцена. Со користење на етничкото вето за да се спречи стартот на проектот „Сејф сити“ и да се држат во заложништво клучни институции, ДУИ не брани колективни права, туку демонстрира моќ на блокада над државата. Ова не е демократија на консензус, туку систем во кој малцинска партиска елита може да ја парализира јавната безбедност и институционалното функционирање, спротивно на волјата на парламентарното мнозинство и интересот на граѓаните. Кога Бадентер се користи за да не се избере народен правобранител и да не се воведуваат правила што ја зголемуваат безбедноста на улиците, тогаш станува јасно дека проблемот не е во примената, туку во самиот механизам – констатираат експертите.