ДУИ испорачува етноцентрични барања не сакајќи да сфати дека националноста на уметниците е ирелевантна за уметноста и дека настапот на Македонската филхармонија не е моноетнички настап. И кога има гостување на некој солист уметник/или група уметници, тоа е строго селектирано по квалитет на критериум и, за волја на вистината, етничката припадност е периферна, велат нашите соговорници

Повод: Барањето на ДУИ изборот на програмата на културните манифестации да се прави врз основа на етнички перспективи, а не врз основа на строга уметничка селекција

По повод отворањето на „Охридско лето“, ДУИ излезе со соопштение во кое бара албанска култура на „Охридско лето“.
– Оваа година, државната манифестација „Охридско лето“, финансирана од јавните институции на земјата, се одржува без никаква застапеност на албанската култура во официјалната програма. Во земја каде што Албанците сочинуваат значаен дел од населението и културниот живот, целосното исклучување на кој било албански елемент од национален фестивал е неприфатливо и вознемирувачко – велат од ДУИ преку соопштение. ДУИ вели дека: „официјалната програма на „Охридско лето“ вклучува концерти, театарски претстави и специјални вечери посветени на европските култури, но ниту еден музички, театарски настан или изложба не го претставува богатото албанско културно наследство“.
– Оваа културна тишина е само по себе исклучувачка порака и доказ дека пристапот кон албанската култура во државните институции не е репрезентативен, туку маргинализирачки. Иронично, фестивалот беше отворен во присуство на претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, но дури ни ова не беше доволно организаторите да размислат за вклучувањето на албанскиот јазик и култура во програмата. Не само што нема застапеност на албански уметници, туку секоја точка што би го одразувала идентитетот, традицијата или современото албанско творештво во С. Македонија целосно недостасува. Според ДУИ, албанската култура е и треба да биде природен дел од секој културен настан на национално ниво. Неговото отсуство на ваква манифестација не е организациско прашање, туку индикатор за исклучувачка политика што се вкоренува во институционалниот систем на културата – порачуваат од партијата на Али Ахмети.
Во соопштението се вели дека ДУИ изразува длабока загриженост за овој исклучив пристап и ги повикува одговорните институции да дадат објаснувања за ова целосно изоставување.

Стоп за контаминирање
на културата со политикантства, квазикултурни забелешки
и етнички агенси

Иако „Охридско лето“ е манифестација на која уметниците што гостуваат се врвни во својата област во светот и главно селекцијата е меѓународна, подлегнувањето на ваквите ирационални барања за тоа изборот да се прави врз основа на етнички перспективи, а не врз основа на строга уметничка селекција, не само што може да ги наруши нивото и угледот на оваа меѓународна престижна манифестација туку етничкиот веќе ретрограден пристап во општественото живеење инвазивно може повторно да влезе на голема врата, наштетувајќи на усвоениот мерит-систем, кој е скалило погоре од системот на „етнички клуч“.
– ДУИ испорачува етноцентрични барања не сакајќи да сфати дека националноста на уметниците е ирелевантна за уметноста и дека настапот на Македонската филхармонија не е моноетнички настап. И кога има гостување на некој солист уметник/или група уметници, тоа е строго селектирано по квалитет на критериум и, за волја на вистината, етничката припадност е периферна – велат нашите соговорници, кои се буквално фрапирани од обидот за етнизација на културата.
Познавачите велат дека ни една култура дури ниту од поголемите светски култури и држави не можат постојано да „снабдат“ врвна уметничка манифестација и да ги поминат строгите критериуми на она што е навистина со светски квалитет и врвно. На „Охридско лето“ имаат настапувано најголемите оперски ѕвезди, виолинисти, пијанисти и други кога биле во врвот на нивната професионална кариера.

На „Охридско лето“, меѓу другите, има гостувано и албанската оперска светска дива Инва Мула (и Генц Тукиќи…), и тоа затоа што е светска уметница, а не затоа што е Албанка по националност. Но за ДУИ сепак изборот на програма за „Охридско лето“ е селективен пристап кон албанската култура, велат соговорниците. Но секако, уметниците, наши соговорници, апелираат да не влегуваме во еден ретрограден процес, во кој моравме, по 2001 година и Охридскиот рамковен договор, да влеземе поради уцените и заради „мир во нашата (македонска) куќа“. Тој период е поминат и надминат. Време е етничкиот клуч и етноцентричната настојчивост и сосила креирање на такви квазипринципи да ги ставиме во историјата. Безбедносните предизвици би требало да бидат надминати. Очигледно безбедносните закани етнички инспирирани од албанските кујни, не се надминати! Но ова е само обид за општествена дестабилизација во најсензитивниот сегмент – во културата, традицијата, јазикот, во момент кога такво нешто прават и од кујните во Софија, велат нашите соговорници, и потенцираат дека токму за ваквите работи и јавноста и надлежните треба да бидат запознаени и навремено и превентивно да реагираат. С.Р.