Осврт кон иранската политичка драма „Семе на светата смоква“ на Мохамед Расулоф
По моќната драма со наслов „Злото не постои“, која во 2020 година освои многу светски награди и номинации, меѓу кои беше и номинацијата за „златна камера 300“ на нашиот филмски фестивал „Манаки“, иранскиот режисер Мохамед Расулоф, на радост на филмските љубители, оваа година повторно се појавува со филм, кој е еден вид критика за крутото иранско општество. Расулоф, кој го преживеа прогонството од иранските власти и сега живее во егзил во Европа, е жесток критичар на теократското владеење на режимот во исламската република, а неговите филмови претставуваат елегантен, мек револт за да се прикаже животот под стегите на системот, поради кој, тој самиот мораше да ја напушти својата родна земја.
Мохамед Расулоф за свој „ментор“ во однос на критиката го има својот колега, прочуениот режисер и сценарист Џафар Панахи, кој е предводник на иранското таканаречено филмско движење „Нов бран“. По неколку кратки филма и работа како асистент на легендарниот ирански колега Абас Кјаростами, Панахи постигна меѓународно признание со своето деби со долгометражен филм, насловен „Белиот балон“ (1995). Филмот ја освои „златната камера“ на „Канскиот филмски фестивал“ во 1995 година, првата голема награда што ирански филм ја освоил во Кан.
Тој е познат и по филмовите „Нема мечки“, „3 лица“, „Такси“… Влијанијата и наследството од овие постари колеги во голема мера се видливи во работата на Мохамед Расулоф. Тој преку своите филмови, меѓу кои „Самрак“ (2002), „Железен остров“ (2005), „Збогум“ (2011), „Ракописите не горат“ (2013), „Човек со интегритет“ (2017) и „Нема зло“ (2020) за кого тој ја освои „златната мечка“ на „Берлинскиот филмски фестивал“, покажа на светската филмска сцена дека и покрај силното влијание на своите успешни претходници, сепак успеал да достигне препознатливост и автентичност во својот труд.
Расулоф беше апсен неколкупати и му беше одземен пасошот, бидејќи природата и содржината на неговите филмови го доведоа во конфликт со иранската влада. Во мај 2024 година, по објавата дека неговиот филм „Семето на светата смоква“ е избран во главната конкуренција на „Канскиот филмски фестивал“ во 2024 година, тој беше осуден од исламската република на осум години затвор, камшикување и парична казна. По изрекувањето на пресудата, Расулоф побегна во Германија.
По успехот на неговиот претходен филм, „Семе на светата смоква“ беше дочекан со голема надеж и внимание од страна на љубителите на филмот. На „Канскиот филмски фестивал“ овој филм освои многу важни награди, меѓу кои и специјалната награда од жирито, како и наградата од филмската критика. Но мора да се признае дека овој филм, во голема мера заостанува зад својот претходник, како во делот на сценариото така и во самата реализација и идеја.
Расулоф повторно јасно и жестоко ги искажува својата критика и револт против современото иранско општество.
Во „Семе на светата смоква“, Расулоф ја раскажува приказната за семејството на новоизбраниот државен истражител (или потенцијалниот иден „револуционерен судија“), кој ја презема својата нова позиција непосредно пред големите немири во Иран предизвикани од смртта на активистка што се борела за правата на жените да не носат хиџаб. Иман (Мисаг Зарех) е човек со традиционално разбирање, оженет со Сана (Сетарех Малеки) и татко на две ќерки, едната во пубертет, а другата речиси 21 година. Социјалните немири ги наоѓаат неподготвени да се справат со тоа, бидејќи генерацискиот јаз е преголем.
Овој филм во себе носи семе и идеја што човештвото треба да ги негува за сопствената подобра иднина.
Зборовите како слобода и достоинство не се само зборови туку тие ги носат во себе најдлабоката болка и страдање на целото човештво, болка и страдање што несвесно иранскиот народ ги трпел и можеби сѐ уште ги трпи илјадници години преку општествени и секакви угнетувања и репресии, многупати од самите општествени норми што човештвото ги постави за себе преку скратеното разбирање на сопствената социјална состојба во поголемата шема на колективното човечко постоење. Како воопшто да се ослободите од канџите поставени од колективното угнетување, кое претставува идентитет и постоење? Ова не е само филм за Иран туку за жените и нивната борба против теократското угнетување низ целиот свет. Лекција како да се прошири општествениот простор на дејствување за нивните лични слободи да го достигнат доменот на човечкото достоинство и нивно општествено признание.
Третманот и правата на жените во Иран се жешка и горлива тема веќе подолго време, а доказ за тоа се и големите јавни протести што избувнаа низ Иран како одговор на смртта на Махса (Џина) Амини во притвор на иранската полиција. Многу набљудувачи го карактеризираат овој бунт како прво феминистичко востание во регионот. Визуелно моќните слики на жени и девојки што им пркосат на законите за задолжителен хиџаб на улиците и слоганот „жени, живот, слобода“ ја зајакнаа оваа карактеристика и предизвикаа широки меѓународни симпатии. Но опсежните протести и нивните барања за фундаментални промени беа дочекани со брутална владина репресија што резултираше со стотици смртни случаи и десетици илјади произволни апсења. Речиси девет месеци подоцна, правото на жените да изберат свој начин на облекување останува во центарот на протестното движење.
Иранските жени доживуваат дискриминација во законот и во практиката на начини што длабоко влијаат на нивните животи, особено во однос на бракот, разводот и прашањата за старателство. Според „Амнести интернешнел“, законите за задолжителен хиџаб по 1979 година влијаат на речиси секој аспект од јавниот живот на жените во Иран. Во денешен Иран, пристапот на жената до вработување, образование, социјални бенефиции и соодветна здравствена заштита, па дури и нејзиното едноставно присуство во општеството зависи од почитувањето на законите за задолжителен хиџаб, кои рутински се спроведуваат преку мрежа од правила и произволно толкување од страна на државните агенти, како и бизнисите. Сепак, и покрај неговото сеопфатно влијание врз правата и слободите на жените, изборот на кодекс на облекување како право не беше преземен од иранското женско движење како колективно прашање до неодамна. Наместо тоа, битката против спроведувањето на задолжителното носење хиџаб во голема мера се водеше со индивидуалните дејства на милиони жени, вклучувајќи и активисти, низ целата земја, наместо преку групи или институции.
Но наспроти овие тврдења, кои дел од иранската јавност ги смета за усилена и пренагласена западна пропаганда, дел од јавноста не ги штедеше своите критики кон ова филмско остварување на Расулоф. Тие го осудија ова филмско остварување сметајќи го за карикатурален приказ за тоа што навистина се случува во Иран. Намерно или не, тие сметаат дека со овој филм Расулоф извршил „филмско самоубиство“. Имено, гледајќи го филмот, се забележува дека Расулоф инсистира да го прикаже режимот во Иран како затворен и крут, но тоа не може да се забележи во сликите што тој ни ги прикажува за обичниот живот. Напротив, во фокусот на филмот е семејство што е од повисок сталеж, кое ужива речиси во сите благодати што би ги уживало и едно просечно европско семејство. Мајката и двете ќерки носат хиџаб само кога се надвор од домот, девојките се (и покрај традиционалноста) модерно облечени и опремени со најсовремени технолошки уреди, телефони и слушалки од кои се слуша модерна музика. Тие живеат сосема удобен и опуштен живот, веројатно наспроти мнозинството жени. Дел од иранската филмска фела смета дека иако судскиот систем нехумано се однесува кон многу луѓе во Иран, вклучувајќи ги и Мохамед Расулоф и Џафар Панахи, сепак тоа не ги прави добри филмаџии.
Тие сметаат дека главниот лик Иман и неговото семејство се карикатури полни со нереални парадокси, а редоследот на настаните нема никаква смисла. Последните минути од филмот се само смешна копија на Кјубриковиот „Сјаење“. Нивните тези одат дотаму што велат дека доколку владетелите на Иран беа доволно мудри, ќе дозволеа овој филм да биде официјално објавен. Сметајќи дека повеќето Иранци, вклучувајќи ги и оние што се противат на политичкиот систем, овој филм ќе го сметаат за несреќна комедија наместо за сериозен филм.
Од друга страна, пак, дел од филмската критика упати одредени замерки во однос на реализацијата и сценариото, во кое се видливи премногу „дупки“ и недоследности, ставајќи ги во сомнеж добрите намери на Расулоф. Тие сметаат дека во овој филм непотребно е предизвикано големо количество омраза врз мажите. Во однос на сценариските пропусти, многу важни сцени не беа доволно разјаснети. Како, на пример, кулминативниот главен настан. Кои беа воопшто мотивите за инцидентот? Ни до крајот на филмот, за жал, не успеавме да ги дознаеме. Од друга страна, пак, Иман, кој како татко и сопруг во текот на целиот филм се однесуваше кон своето семејство на коректен начин, одеднаш, необјасниво се престори во чудовиштен монструм. Девојките што во текот на целиот филм беа третирани со љубов и внимание (единствен проблем беа долгите отсуства на Иман од домот), одеднаш пријавија посттрауматичен стрес-синдром, како резултат на наводното грубо малтретирање од страна на својот татко (кое не успеавме да го видиме).
Расулоф, слично како и во „Злото не постои“, нуди маратонска, хиперреалистична приказна, но за разлика од епската естетика на претходниот филм, овој пат се чини дека кадрите, колку и да се храбри, го губат темпото, создавајќи впечаток дека филмот ќе беше многу поефективен ако траеше пократко. Режисерот во филмот користи и автентични снимки од крвавите настани во Иран, што му остава впечаток на документарец. Кога станува збор за драматуршката оправданост на некои кадри, како на пример во сцената каде што ги носи сопругата и ќерките на „завршниот распит“ кај истражителот со желба да открие кој е главниот виновник „за семејниот инцидент“, а потоа практично не дознаваме каков е епилогот од тој распит. Или кога ќе се сретне со маж и жена што го обвинуваат за погрешните постапки што ги направил во неговата нова работа, тој доаѓа во директна оружена пресметка со нив, каде што исто така не ја дознаваме разврската.
Очигледно, Расулоф имал посебна стратегија во составувањето на овој филм, но, ќе се согласите, „Злото не постои“ зборуваше многу подиректно за човечкото страдање во нечовечноста на современиот режим каде што опасноста станува многу поуниверзална и директна. Затоа, ако веќе сте поддржувач на таквиот начин на разбирање на функционалноста на кинематографијата, топла препорака и совет е пред да одлучите да го гледате овој филм, сепак прво погледнете го „Злото не постои“.