Со одлучувањето како, кога и кому му ги извезуваат своите ресурси, африканските нации предизвикуваат еден наметнат систем од Западот, кој долго време ја држеше Африка во неповолна положба. Историски гледано, африканските ресурси беа вадени и извезувани евтино, преработувани на друго место, а потоа продавани назад во африканските земји. Овој циклус ја спречи Африка целосно да има корист од своите богати ресурси, што им отежнува на африканските нации да развијат робусни самоодржливи економии. Новите ограничувања за извоз сигнализираат длабока промена во начинот на кој африканските лидери ја гледаат својата улога на глобалниот пазар…
Последниве години голем број африкански земји, борејќи се за свој суштински и повеќеслоен суверенитет, се одлучија да воведат разни рестриктивни мерки насочени кон поголема заштита на домашното природно богатство со цел развој на самата земја. Дали африканските држави ќе успеат да наметнат свои услови и правила во светските текови, да се ослободат од неоколонијалните стеги и да обезбедат суштинска сувереност за своите држави и народи?
Промена во Африка што здраво ќе ги потресе западните пазари
Според разбудените африкански становишта за својот сопствен развој, во последно време повеќе тамошни политички лидери, аналитичари, па и цели нации се освестуваат, препознавајќи го деградирачкиот однос на одделни западни развиени земји, кои им ги ограничуваат суверенитетот, самостојноста и растот на африканските држави, и тоа на економски план, на енергетски план, на политички, правен, па и на безбедносен план, наметнувајќи однадвор свои правила и норми што во суштина се идентични со колонијално ропство.
Многу африкански медиуми излегуваат сега во јавноста со ставови дека „западните економии напредуваа благодарение на евтините ресурси од Африка и своите планови за во иднина сѐ уште ги засноваат и проектираат врз основа на претпоставката дека Африка ќе продолжи да ги снабдува со евтини суровини за да ги напојува нивните индустрии“.
Земјите од Африка обезбедуваат голем број главни економски ресурси за западните развиени земји како што се нафтата, златото, ураниумот, литиумот и другите минерали или природни ресурси. Со минералите од Африка се поттикнува технологијата, но се развива и транспортот токму на другите континенти, како во Европа така и во Северна Америка.
– Сега, Африка цели кон враќање на контролата врз своите ресурси. Десет африкански земји воведоа строги регулативи за извоз на овие суровини, задржувајќи ја вредноста на домашен терен и поттикнувајќи го својот домашен економски раст. Оваа промена ги потресува глобалните пазари, принудувајќи ги западните земји да се соочат со реалноста што не ја предвиделе: Африка повеќе нема да функционира само како гол снабдувач за светот – јавува африканскиот медиум „Блек калчр дајери“.
Потегот што го преземаат африканските земји не се карактеризира толку како економска политика, туку многу повеќе како борба за суверенитетот на Африка.
– Со одлучувањето како, кога и кому му ги извезуваат своите ресурси, овие нации го предизвикуваат системот што долго време ги држеше во неповолна положба. Историски гледано, африканските ресурси беа вадени и извезувани евтино, преработувани на друго место, а потоа продавани назад во африканските земји. Овој циклус ја спречи Африка целосно да има корист од своите богати ресурси, што им отежнува на африканските нации да развијат робусни самоодржливи економии. Новите ограничувања за извоз сигнализираат длабока промена во начинот на кој африканските лидери ја гледаат својата улога на глобалниот пазар – се нагласува во анализата.
И западни медиуми пишуваат за суверенистичкото будење на африканските нации
Африканските медиуми не се единствените што укажуваат дека африканските земји сѐ почесто прават измена на домашната законска регулатива со цел носење закони за поголема домашна корист. На пример, „Дојче веле“, во повеќе наврати пишуваше дека „рестрикциите на африканските земји се силен удар за Франција, која со децении црпеше од нивното богатство“. И реномираниот „Ројтерс“ исто така пренесува за рестрикциите што ги воведуваат африканските земји за багателниот извоз на своите суровини во западните земји, но и за импактот на нивните одлуки врз светските економии.
Анализата на медиумот од Африка „Блек калчр дајери“ посочува дека „многу земји од Африка преземаат слични мерки на ограничување или рестриктивност на багателниот извоз на домашните суровини, кои Западот ги експлоатира за свој економски одржлив развој“. Меѓу земјите што имаат воведено нови рестриктивни закони е Гана, земја што важи за голем извозник на злато и која презема мерки за заштита на своите ресурси. Новите законски регулативи определуваат дека компаниите за копање руда што работат на територијата на Гана мора да им продадат 20 проценти од златото на банките во Гана. Ова е стратешки потег што треба да помогне Гана да ги зголеми своите резерви со злато и да ја намали зависноста од странски валути, што честопати ја правеше Гана ранлива на надворешни шокови.
– Со задржување поголем дел од богатството во својата земја, Гана цели кон зацврстување на својата стабилност и независност. Со децении Гана се бореше со нестабилност и голем дел од нејзиното богатство беше извезувано нерафинирано, но со новите правила тоа се менува и компаниите ќе мора да обработуваат голем дел од златото во самата земја. Оваа одлука е повеќе од економска, тоа е предизвик сам по себе за промена на системот што функционира со децении.
Зошто земја што е толку богата со злато да мора да се потпира на странски валути за да ја стабилизира својата економија? Ова прашање го наметна новата влада во Гана. Западните економии со децении ги развиваа своите економии на евтиното злато од Гана. Со промена на законите, Гана порачува дека повеќе нема да дозволи да биде искористувана како евтин извор – се укажува во анализата. Поради овој потег на Гана, според аналитичарите, западните економии, особено оние поврзани со златарската индустрија или со компјутерската технологија, веќе ги чувствуваат ефектите. Со растот на цената на златото овие економии имаат сѐ со помала заработка. Промената на законите на Гана е порака до светот дека ерата на евтини ресурси заврши и дека нивното богатство ќе ги помогне развојот на самата земја и нејзината стабилност наместо евтино да се извезува во богатите западни земји.

Официјална Уганда: Стоп за неразумниот профит на западните корпорации!
Веќе нема да има начини западните корпорации да купуваат евтини суровини од Уганда, ниту житни култури, ниту пак кафе… Со промените во законската регулатива, во Уганда сакаат да го задржат профитот во својата земја. Тие целат кон тоа да го зголемат профитот со вложување во инфраструктурата, но и со сопствено позиционирање на светските пазари на кафе…
Друг пример за промена на политиките е Уганда. Годинава тие воведоа одредби со кои се забранува извоз на жита и кафе, кои се необработени, и сега се бара поголем дел од обработката на нивните национални богатства да се прави во самата земја. Оваа промена се прави за да се поттикне создавање на повеќе работни места со отворање фабрики за преработка и подобрување на условите за самите жители, со зајакнување на самата економија во земјата. Досега земјоделците до Уганда произведуваа големи количества кафе, но профитот од него го собираа големите корпорации.
Оваа промена ги доведува во прашање досегашните традиционални „патишта“ на кафето, од неговото растење и чување, преку обработката и патот до домашните филџани – посочуваат од „Блек калчр дајери“. Според медиумот, сега нема начини да се купуваат евтини суровини од Уганда, ниту житни култури, ниту пак кафе. Со промените тие сега сакаат да го задржат профитот во самата земја и целат кон тоа да го зголемат профитот со вложување во инфраструктурата, но и со сопствено позиционирање на светските пазари на кафе. Е.Р.
Нема веќе извоз за необработен ураниум од Нигерија во Франција
Нигерија е земја што воведува рестрикции во извозот на ураниум. Со промената на политичките елити во земјата, се променија и досегашните „приоритети“. Тоа особено се однесува на извозот кон Франција, за која воведоа посилни рестрикции, барајќи да се развиваат повеќе индустрии во самата земја за да се развива и Нигерија, а не да се користат нејзините природни богатства за развој на други земји. Франција, која зависи од нивните ресурси, особено за редовно снабдување со енергија, се соочува со проблеми поради новите забрани. Е.Р.
Габон: Дрвната индустрија да се развива во самата земја
Уште една земја што воведе забрани е Габон, кој важи за голем извозник на свежо дрво насекаде во светот, но особено во Азија и Европа. Најголем дел се извезуваше како необработен, со што целиот профит го користеа другите земји и не се развиваше дрвната индустрија во земјата. Со забраната се овозможува да се развиваат повеќе сектори во самата земја, како дрвната индустрија така и сите поврзани со неговата преработка. Поради промените на законите, сега извозниците мора да отворат свои фабрики во самата земја, со што исто така испратија сигнал дека се менуваат како земја, се наведува во нивната анализа.
– И Мозамбик е меѓу земјите што извезуваа евтино дрво, сурово дрво, но и тие решија да преземат рестриктивни мерки и да воведат одредби со кои извозниците ќе мора да инвестираат во преработки во самата земја – нагласуваат аналитичарите. Е.Р.
И Гвинеја по патот на суверенизмот
Гвинеја е исто така меѓу земјите што воведоа рестриктивни мерки насочени кон заштита на домашното производство, кое исто така се прави со цел да се овозможат подобри услови за живот за локалните жители. Со децении нивните продукти, како житните култури и оризот, биле извезувани насекаде во светот, но сега има воведено законски одредби што точно определуваат колку може да се извезе, а колку мора да остане во земјата. Тоа предизвика потрес на светскиот пазар, поради што светските трговци мора да бараат други извори на житни продукти. Намибија, пак, воведе рестрикции на извозот на литиум, што предизвика нарушувања на пазарот со литиум и недостиг од него на светските берзи. Слично како и другите африкански земји, Гвинеја бара развој на локалната индустрија, како и развој на зелената енергија во земјата. Е.Р.
Демократската Република Конго исто така воведе рестрикции
Воведени се рестрикции и во земјата што е најголем извозник на какао во светот, која го забрани извозот на зрната какао и наметна рестрикции според кои е задолжително да се преработуваат во самата земја, за да се развива локалната индустрија и да се отвораат работни места во самата земја.
Демократска Република Конго, земја богата со бакар и кобалт, минерали значајни за развој на современите индустрии, исто така воведе рестрикции што целат кон развој на индустриите во самата земја за подобар живот за локалното население. Е.Р.
Зимбабве воведе забрана за извоз на хром
Зимбабве неодамна воведе забрана за извоз на хром, за развој на домашната индустрија. Со години хромот се извезуваше необработен, а бенефициите од неговите придобивки во индустриите ги користеа други земји, но сега е наложено дека тој мора да се обработува во самата земја. Зимбабве не сака повеќе да служи само како извозник на необработени хром, туку бара поголема обработка во самата земја за поголем развој на работни места и подобар стандард за своите жители, се истакнува во анализата на „Блек калчр дајери“.
Според нив, мерките што ги воведоа земјите се насочени кон искористување на своите ресурси во развојот на земјите од кои се извлекуваат овие ресурси.
Тие потенцираат дека овие мерки и овие земји не само што воведуваат рестриктивни мерки туку ги редефинираат глобалните текови и со преземањето контрола врз своите природни резерви, тие истовремено ги предизвикуваат долгите „традиционални“ економски текови што ја држеа Африка на дното на развојот. Но, бидејќи голем дел западни земји зависат од африканските ресурси, тие сега се принудени да преговараат со африканските земји за да ги одржат ресурсите. Западните компании се соочуваат со тешкотии во обезбедување на потребните материјали, но имаат потреба и од нови извори на одредени продукти, особено ако не ги прифатат новите услови што ги поставуваат африканските земји, кои се искачуваат на ново, повисоко ниво на независност и сувереност во сите области од нивното егзистирање. Е.Р.