- Познавачите на уставната материја посочуваат на неколку клучни аргументи што Македонија треба да ги елаборира пред одредени влијателни и релевантни центри на меѓународната заедница
Експертите и познавачите на уставната материја немаат никаква дилема дека со интервенциите во македонскиот устав, особено во преамбулата, намерата е да се прекине историската врска на македонскиот народ со сопствената држава.
– Имено, во 2001 година кога е донесен сосема нов текст на преамбулата, покрај бришењето на придавката „историските“ пред „одлуки на АСНОМ“, отстранети се и други клучни формулации како „уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија“, „државно-правните традиции на Крушевската Република“ е заменето со „традицијата на Крушевската Република“, првата реченица од преамбулата од 1991 г. целосно е отстранета и веројатно е најважна сама по себе, „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава“ заедно со следнава формулација во продолжение: „историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ…“. Амандманска интервенција во преамбула од устав, камоли целосно нов текст на преамбула, е тотално апсурдно, не само суштински и формално-правно туку и од временско-логички аспект – наведуваат познавачите на уставната проблематика.
Според нив, во македонскиот случај произлегува дека Собранието со преамбулата од 2001 година „најавува носење устав чиј текст е, во најголема мера, од 1991 г.?!“, а сите овие аргументи, како што посочуваат експертите, треба да се искористат како основа за враќање кон неконтаминираната уставна материја.
– Преамбулата фактички го отсликува историскиот контекст кога првпат бил донесен Уставот, а не кога биле усвоени амандманите на нормативниот дел. Впрочем основа за носењето нов устав во 1991 г., по тие во 1946-та, 1963-та и 1974-та, е референдумот за независност од септември 1991 година и не може да се реплицира историскиот момент со амандмански интервенции на преамбулата. Сегашниот устав е значи четврти во континуитет од формирањето на асномска Македонија, сега во облик на суверена и самостојна држава, што е и формално потврдено преку повикувањето, на одлуката за прогласување на Уставот, на чл. 443 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974-та – објаснуваат експертите.
Понатаму посочуваат на уште неколку аргументи што Македонија треба да ги елаборира пред Европа за да објасни зошто бугарското барање за уставни измени треба да се набљудува и од еден поинаков анахрон агол, кој Европа го отфрлила пред повеќе од 80 години.
– Има неколку работи што треба да се изнесат пред странците со кои ќе се објаснат нашите позиции. Прво, со договорот за добрососедство со Бугарија од август 2017 година никаде не беше предвидено вметнување Бугари во Уставот. Втор наш аргумент треба да биде дека нема пресуди во Европскиот суд за човекови права за повреда на правата на некој граѓанин со бугарска самосвест во земјава. Дополнително, дилемата што се наметнува е зошто бугарските власти не бараат, како што тоа веќе го прават во Албанија и на Косово, браќа „Бугари“ во Грција? Каква етничка припадност имаат жителите во Егејска Македонија? Нејасно е и како ќе дозволи Бугарија да станеме полноправна членка на ЕУ каде што македонскиот ќе биде еден од официјалните јазици на Унијата, кога апсолутно не го признаваат и имаат депонирано забелешка дека не го признаваат? Официјална Софија треба да даде одговор и дали некаде воопшто има населени места (села, маала, населби, погранични региони и сл.) со компактно бугарско население во Македонија – истакнуваат експертите, советувајќи македонската страна да ги истакне тие аргументи пред европските претставници. С.Т.

































