Еженко и ежот
од камен
Над градот голем
шумичка налик
на раче зелено
ридот „Шеќерната репка“
ту го гали, ту го грепка.
Од памтивека е
Но, оти е малечка
како од вчера да е.
Малечка,
но доволно голема
месечината
за побратим да ја има.
Сонцето,
во дворецот шумски,
често на гости да го прима.
*
Во неа, велат,
ниту студот студи,
ниту горештината гори,
секој на јазикот мајчин
и молчи и говори!
Никој во шумичката
не се кара.
Секој го добива она
што го сака, што го бара.
Се живее како во добра
сказна стара.
А кога ќе запее
или со ветрот
ќе се впушти в игра,
градот голем скока – се радува
дури и кога треба да пладнува.
*
Лисјето шумат,
ветрето вее.
Во шумичката
над градот,
Кој колку знае,
толку пее!
*
Ете, токму во шумичето
налик на раче зелено,
Еженко од рано буден
наиде на роднина чуден!
Ежот од камен
На прошетка
по ежовата патека,
надвор од градската врева,
Еженко сретна
еж од камен.
Дотогаш таква лика
не беше видел
ниту на сон, ниту на слика.
*
Љубопитен е Еженко,
носето насекаде го пика.
Сака да знае: кој си оди,
а кого патот
во шумичето го води
Почна околу ежот од камен
претпазливо да кружи.
Те го душка, те се чуди
на призорот што за прв пат
му се нуди.
*
Еженко е малечок
и не може да се пофали,
како што стариот еж Дали,
кој во животот ежовски
многу видел, па сега
на ништо не се пали.
*
Се труди Еженко,
странецот од камен
пријателски да го боцне,
напати и да го клоцне
Но, ежот чуден
ежот од камен,
јак и стамен
на боцките
не одговора со боцка
на клоците со клоци
Останува мирен и ладен.
*
Љубов Еженко има
за сиот шумски свет.
На оние на кои
им треба помош
„Не грижете се“ – им вели –
„Има Еженко боцки
за секаков шумски олош!“
*
Јоцко, Боцко и Тоцко
покрај тоа што се мали
и со Еженко не се
од истата шумска маала,
другари му се стари!
Храбри рицари се тие,
но Еженко проблемите лични,
од нив, најчесто ги крие.
Ги решава дружината кога спие.
*
„Не треба рицарот
да знае за страв –
Еднакво треба
да се бори –
и со мува и со брав“.
Таков за рицарите
Еженко има став.
*
Како и секој роден
и рицарите се од мајка
која тагува и пати
ако рицарот дома
навреме не се врати.
На мама Еженка
главата ѝ е грижи полна.
Штом Еженко навреме
дома не ќе се врати,
легнува болна.
Еженко, пак, опиен
од гнилото шумско овошје,
дома штом ќе се врати,
на мама Еженка ѝ вели:
„Секој што шумскиот свет го љуби,
во шумичето-рачето зелено,
нема да се загуби!“
*
Нема да се загуби,
се согласуваме и ние,
но како со Ежот од камен?
Како главата камена
на разговор да се намами?
(продолжува)
За авторот
Трајче Кацаров (65) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај, гаража“. За поемата „АКO“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 г. Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип. Истата таа година го добива признанието „Деец во културата“, а во 2009 г., Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.