За повеќеслојноста на македонскиот суверенизам (7)
Во вториот дел од темата за економскиот суверенитет, како еден составен дел/слој од повеќеслојноста на феноменот „суверенизам“, ќе се осврнеме на неколку интересни решенија и размислувања од примерите на држави во Европа, на азискиот и на јужноамериканскиот континент, за тоа како одредени земји постапуваат и уставноправно ја регулираат материјата поврзана со т.н. економски суверенитет.
Германски механизам за ограничување на прекумерното и неразумно задолжување
На почетокот, посочуваме на примерот на Уставот на Германија. Имено, Уставот на Германија, преку правилото за „сопирачка на долгот“, го ограничуваше годишното структурно ново нето-задолжување на федералната влада на максимум 0,35 отсто од бруто-домашниот производ на земјата. Ова правило за „сопирачката за долгови“ е вградено во членовите 109 и 115 од германскиот основен закон – Уставот (Grundgesetz). За издвојување е дека наведеното правило има „клаузула за итни случаи“: германскиот парламент може да ја суспендира сопирачката на долгот со просто мнозинство „во случај на природни катастрофи или други вонредни ситуации надвор од државна контрола“.
Но еве и една замка во која падна Германија, под притисок на либералните милитантни елити, како што коментираат сликовито уставните и финансиски експерти. Германците ја „заклаа својата света крава“, односно ја кренаа сопирачката за задолжувања со уставниот амандман од март 2025 и строгата граница од 0,35 отсто „рипна“ на повеќе од еден процент од БДП, заради мегаломански трошења за одбраната и безбедноста, односно за вооружување на германската армија. Значи, мора исклучително да се биде свесен и одговорен политичар што е избран од името на нацијата да биде носител на јавна функција и да внимава државата и нацијата да не потонат во бездната на долгови.
Кувајтски механизам за строга и суверена државна сопственост над стратегиските ресурси
Во продолжение, го издвојуваме примерот на Кувајт.
Имено, пример за строга и суверена државна сопственост над стратегиските ресурси е Уставот на Кувајт. Во неговиот член 21 е прогласено експлицитно и прецизно дека одредени стратегиски природни ресурси на оваа држава (минерали, рудни богатства, водни ресурси) се сопственост на државата и оти со нив треба да се управува исклучиво заради јавен интерес.
Натаму, Данска, сегашниот претседавач со ЕУ, без оглед што е мала држава, сепак, се покажува доволно голема кога станува збор за заштита на сопствениот економски и финансиски суверенитет, штом на национален референдум ги има отфрлено и економската и монетарната унија со ЕУ, но и темелниот Договор од Мастрихт на ЕУ! Што значи, Данска не е обврзана ниту слепо да ги прифаќа и да ги следи економските политики ниту да го усвои еврото како национална валута. Ќе потсетиме со колкава жестина во изминатите месеци цели слоеви на бугарското население, сега веќе безуспешно, му се спротивставуваа на речиси наметнатото отфрлање на левот и усвојувањето на еврото.
Еквадорски механизам: Обврзаност на државата да работи постојано на остварување на сопствениот економски суверенитет
Посебно постојниот устав на Еквадор од 2008 година треба да се има предвид при идната можна и потребна самостојна ревизија на македонскиот устав. Највисокиот правно-политички акт на оваа држава експлицитно споменува и обезбедува обемни одредби и за „економски суверенитет“ и за „финансиски суверенитет“. Други земји имаат слични концепти, честопати под општата капа на националниот суверенитет, но Уставот на Еквадор е особено директен во употребата на термините.
Членот 283 предлага „обновување на економскиот суверенитет“. „Економскиот суверенитет на Еквадор се остварува при обликувањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на јавните политики“, пишува во уставот на оваа држава. Неговото поглавје 4 од наслов VI ги обврзува државата и нејзините институции и раководители да работат постојано на остварување на сопствениот економски суверенитет, особено преку намалување на зависноста од странски капитал и технологија.
Уставот експлицитно се осврнува на финансискиот суверенитет, нагласувајќи автономна контрола врз финансиските ресурси и донесување одлуки без надворешни наметнувања. Членот 290 предлага алтернатива за „обновување на финансискиот суверенитет“ во рамката на „Новиот латиноамерикански конституционализам“ (НЦЛ). Обврската за почитување на финансискиот суверенитет на Еквадор се наложува преку уставните обврски за намалување на зависноста од мултилатерални кредитни агенции како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Во поглед на водењето на монетарната политика, Уставот ја воспоставува и ја дефинира централната банка како самостоен субјект одговорен за спроведување на националната монетарна, финансиска, кредитна и девизна политика, независна од надворешно влијание. Околу јавниот и државниот долг, Уставот на Еквадор налага транспарентни принципи, осигурувајќи дека нивоата и природата на долгот не го загрозуваат националниот суверенитет, или благосостојбата на луѓето. Како што се истакнува, целта е да се даде приоритет на користењето на домашните ресурси и да се намали зависноста од надворешно задолжување, кое може да наметне услови.
Со својот устав, Еквадор го задржува правото да управува и да контролира стратегиски сектори на економијата (енергетика, телекомуникации) и, природни ресурси, како што се истакнува, за да обезбеди национален суверенитет и да му користи на населението. Ова е клучен механизам за спречување надворешна експлоатација на националното богатство.
Експлицитно се споменуваат и други облици на суверенитет во уставот на оваа држава и во документите поврзани со него. Поврзаните документи вклучуваат:
суверенитет на храната (член 281), енергетски суверенитет, научен и технолошки суверенитет, монетарен суверенитет. Ќе посочиме дека околу суверенитетот на храната во посебно поглавје (трето поглавје, наслов VI) се детализира „суверенитетот на храната“ како уставен мандат, осигурувајќи дека државата ги промовира домашното производство и безбедноста на храната.
Св.Т.

































