„Едно убаво утро“ е навидум лесен и романтичен, но во суштина е трогателен и промислен филм, кој се занимава со универзални теми, реалистични и човечки. Не е типична романтична драма, туку медитација за животот, смртта, љубовта и сеќавањето. Тоа е филм што ќе ве натера да се чувствувате тажно, но и надежно, бидејќи ги покажува убавината и кршливоста на човечкото постоење. Тоа е тивка приспивна мелодија, која, проследена со мирис на зрели кајсии и морски алги, ве плени во летните, топли мирисни утра
Рецензија на последниот филм на француската режисерка Миа Хансен-Лов
Францускиот народ е познат по неколку работи – уметноста, добрата храна, квалитетното вино, но и исклучителната борбеност. Ајфеловата кула, Елисејските полиња, Лувр и Мона Лиза, пак, се симбол за Градот на Љубовта – Париз. Но освен тоа, тие се препознатливи и по бескомпромисноста кога станува збор за љубовта и романтиката.
Па, што би очекувале освен бескомпромисна романса од една родена парижанка, полна со елан и сензибилитет, како што е младата француска режисерка Миа Хансен-Лов? Таа во 2007 година дебитира на филмското платно со филмот „Сѐ е заборавено“, потоа следуваа уште неколку наслови, како што се „Збогум, прва љубов“, „Татко на моите деца“, „Еден“, „Маја“… Но филмската публика конечно ја забележа по нејзиниот претпоследен филм „Островот на Бергман“ од 2021 година, романтична, но и психолошка драма, со која Хансен-Лов за првпат се претстави пред публиката во Кан.
Нејзиниот ненаметлив но длабоко сензуален стилски израз во филмот, кој на моменти потсетува на нејзиниот идол и постар колега Ерик Ромер, е премногу впечатлив и уникатен за да не биде забележан од страна на филмските љубители. Мекиот и софистициран уметнички стил со кој се служи оваа млада режисерка ја вбројува меѓу најромантичните автори во поновата француска филмска историја, а нејзиниот последен филм „Едно убаво утро“ за кратко време прерасна во инстант љубовна класика, која без проблеми би можела да стои рамо до рамо со едни од најголемите француски филмски класици.
„Едно убаво утро“, филм со кој Миа Хансен-Лов се претстави на Филмскиот фестивал во Кан во 2022 година, во категоријата „Фестивалски недели на режисерите“, и ја освои наградата „европско кино“ за најдобар европски филм, е романтична драма во која глумат Леа Сејду, Паскал Грегори, Мелвил Пупо и Никол Гарсија. „Едно убаво утро“ е филм што раскажува приказна за Сандра (Сејду), вдовица и преведувачка, која се грижи за својот татко Георг (Грегори), поранешен професор по филозофија со невродегенеративна болест. Таа го запознава Клеман (Пупо), оженет хемиски космолог, кој се вратил од работна експедиција на Северниот Пол, и тие започнуваат љубовна афера.
Филмот ги истражува темите на љубовта, загубата, сеќавањето и смртноста преку паралелните приказни на Сандра и Георг. Сандра се обидува да се справи со својата тага и осаменост, а истовремено се соочува со предизвиците за наоѓање соодветен дом за стари лица за својот татко, кој постепено ги губи своите когнитивни и видни способности. Георг се бори да ги задржи својот идентитет и достоинство додека доживува халуцинации и конфузија. Тој често зборува за својата девојка Лејла, која ја запознал во Алжир за време на војната. Клеман е катализатор за емоционалното будење на Сандра, бидејќи ѝ покажува поинаква перспектива за животот и науката. Ја носи во својата лабораторија, каде што ги проучува потеклото на универзумот и можноста за вонземски живот.
„Едно убаво утро“, кој е снимен под искусната палка на Денис Леноар, го доловува контрастот помеѓу урбаните и природните пејзажи и променливите годишни времиња. Музиката на Николас Годин е суптилна и атмосферска, подобрувајќи го расположението на филмот. Глумата е одлична, особено прекрасната и натурална Сејду, која со својата експресија на минимализам, лесно ги доловува и најкомплицираните чувства и емоции. Тука е и Грегори, кој, заедно со заводливата Сејду (блесна во филмот „Сината е најтопла боја“), ги пренесува сложените емоции на своите ликови, со нијанси и чувствителност. Сејду ја прикажува Сандра како силна, но ранлива жена, растргната помеѓу својата должност и желба. Грегори дава срцепарателна изведба како Георг, кој е свесен за својата состојба, но се обидува да ги задржи чувството за хумор и љубопитноста.
Темпото е бавно, нежно и разновидно, како во некое магично утро во кое се будите покрај својата љубов. Сѐ е совршено едноставно. Некои сцени се изгледаат како неповторливи. Дијалогот помеѓу главните актери е толку натурализиран и спонтан, што за момент имате впечаток дека всушност и не станува збор за глума, туку дека тоа е разговор меѓу двајца луѓе од вашето соседство, а вие сте воајер, кој ги ѕирка низ прозорецот на својот стан. Односот меѓу Сандра и Клеман е убедлив и привлечен. Нивната хемија и длабочина зрачат од филмското платно. Филмот, исто така, инсистира на осврнување на етичките и моралните прашања, како што се влијанието врз нивните семејства, љубовните триаголници во кои запаѓаат главните актери, но и последиците што ги носат таквите љубовни авантури. Сандра и Клеман се толку внесени во самите себе, што за момент изгледа како да се отсечени од реалниот свет и се наоѓаат на некоја имагинарна планета, каде што не постојат норми и правила, ниту пак последици од нивните постапки.
„Едно убаво утро“ е навидум лесен и романтичен, но во суштина е трогателен и промислен филм, кој се занимава со универзални теми, реалистични и човечки. Не е типична романтична драма, туку медитација за животот, смртта, љубовта и сеќавањето. Тоа е филм што ќе ве натера да се чувствувате тажно, но и надежно, бидејќи ги покажува убавината и кршливоста на човечкото постоење. Тоа е тивка приспивна мелодија, која, проследена со мирис на зрели кајсии и морски алги, ве плени во летните, топли мирисни утра.