Фото: приватна архива

Награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија за професорот Горан Тодоров од ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ – Кавадарци

  • Уште првата година по формирањето на класата пристигнаа и првите награди како потврда за вложениот труд. Во мојата педагошка работа се втурнав целосно. На најнеобични начини ги откривав талентираните деца, ги внесував во светот на класичната музика, им ги откривав тајните на инструментот тромбон, работејќи посветено и со голем ентузијазам,
    вели Тодоров

На страниците на „Колибри“ пред четири години пишувавме за единственото девојче во Македонија што го изучува инструментот тромбон, а овој пат во фокусот на нашиот интерес е единствената класа по инструментот тромбон во Македонија, и тоа во ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци. Професорот Горан Тодоров, кој работи со младите тромбонисти, годинава е добитник на значајната награда што ја доделува Здружението на музичките и балетските педагози на Македонија за едногодишна успешна работа од областа на музичката педагогија, како резултат на многубројните успеси на државните и меѓународните натпревари и освоените вкупно 14 први места и други специјални награди.
Приказната за формирање на класата по инструментот тромбон датира од 2021 година, на почетокот скромно со помал број ученици, за да може денес да се зборува за вкупно 40 момчиња и девојчиња, кои го изучувале или сѐ уште го изучуваат инструментот тромбон и кои во изминативе години освоиле четириесетина први или специјални награди, кои ја красат училницата на професорот Горан Тодоров.

Интересот за инструментот растеше постојано

– Почетоците воопшто не беа лесни. Се сеќавам на средбите што наставниот кадар од музичкото училиште ги остваруваше со децата од основните училишта и од градинките. Секогаш го покажував тромбонот и прашував како се вика. На почетокот немаше одговор, тромбонот им беше целосно непознат, но по две години состојбата се промени, а јас добивав гласни одговори: „Тоа е тромбон“! Тогаш се појави и првиот интерес од страна на учениците, а уште првата година пристигнаа и првите награди како потврда за вложениот труд. Вооружен со големата љубов што јас ја имам кон инструментот тромбон како дипломиран тромбонист на Факултетот за музичка уметност во класата на професорот Ѓорѓи Стефановски, во мојата педагошка работа се втурнав целосно. На најнеобични начини ги откривав талентираните деца, ги внесував во светот на класичната музика и целосно посветено и со голем ентузијазам им ги откривав тајните на инструментот тромбон. Отворањето на класата имаше цел децата што порано да започнат да го изучуваат овој инструмент за да можат, кога ќе го продолжат своето образование во средното музичко училиште да ги имаат потребните предзнаења и подготовки. На мое огромно задоволство, ученикот Ѓорѓи Митрев го избра тромбонот и сега е втора година во средното музичко училиште – вели Тодоров.
Горан е омилениот професор во музичкото училиште во Кавадарци, кој им дозволува на своите ученици секојдневно да доаѓаат и да контактираат со него, не само кога имаат час. Освен што е музички педагог, тој со своите ученици е и голем другар и пријател, но и чувар на нивните тајни. Во разговорот со него слушнавме еден грст прекрасни и топли животни приказни на релацијата ученик-професор. Придобивката од изучување на кој било инструмент, според Тодоров, не е само корисно поминато време и подобрување на социјализацијата на децата наспроти социјалните мрежи, туку и вградување работни навики, стекнување дисциплина во работењето, подобрување на концентрацијата, моќта на перцепцијата со вклучување на повеќе сетила и, се разбира, поголема мотивација кога се освојуваат награди.

Тромбонот прозвучи во увертирата на операта „Набуко“

Ако за инструментот тромбон ваша прва асоцијација е почетокот на увертирата од операта „Набуко“ од славниот Ѓузепе Верди, тогаш и без да знаете сте обожавател на овој инструмент. Се надеваме дека изучувањето на тромбонот во траење од три години уште во основно училиште ќе поттикне многу млади талентирани деца да свират на овој инструментот и тоа да им биде идна професија.
Горан Тодоров го започнува своето музичко образование во ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци. Во 1993 година се запишува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во 2001 година дипломира на Факултетот за музичка уметност. Во текот на своето школување освојува највисоки награди на државни и меѓународни натпревари. Едни од најголемите успеси му се солистички концерти со оркестарот на Македонската филхармонија и со оркестарот на ФМУ. Во периодот од 1997 до 2004 работи како прв тромбонист во Македонската филхармонија, а потоа се редат голем број настапи во камерни состави, како во државата така и во странство.