Фото: „Детска евровизија 2025“

„Детски евросонг 2025“

  • Македонија на овој натпревар, кој се одржа по 22. пат, се пласира на
    седмото место. Нела Манческа одлично ја интерпретираше песната „Miracle“ („Чудо“) и доби многу комплименти во Тбилиси, Грузија

„Не сакам повеќе да го гледам светот како боли. Не се плашам од ништо. Нема да чекам да пораснам, ниту да дојде крајот. Ќе му ја подарам целата љубов за да се чувствува жив, и ќе го љубам засекогаш – овој свет кој штотуку се раѓа. Овој свет – твој и мој.Овој свет – наш. Овој свет е светот на утрешнината…“ Ова е пораката на песната „Овој свет“ („Ce Monde“), со која претставничката на Франција, Лу Делез, победи на „Детската евровизија 2025“, која се одржа во саботата во Тбилиси, Грузија. Со овој успех Франција и Грузија се најуспешни на овој избор досега со по четири победи.
„Ce Monde“, песната што воодушеви милиони гледачи низ целиот свет, на крајот доби вкупно 248 поени, во однос 50:50 од жирито и од публиката, која гласаше онлајн.
Втора е Софија Нерсесијан од Украина, со 177 поени, која ја пееше песната „Мотанка“, а Анита Абгаријани од земјата домаќин, пеејќи „Блескајќи како ѕвезда“ („Shine Like A Star“), се најде на третото место со 176 поени.
Македонската претставничка Нела Манческа имаше одличен настап и на крајот се пласира на седмото место, со вкупно 141 бод. Таа доби многу комплименти за својата интерпретација. И во песната „Miracle“, на авторите Ена и Лазар Цветковски, Нела пренесе порака до сите млади во светот дека не треба да се откажуваат од своите желби и соништа и дека секој од нас заслужува да блесне и да му се случи чудо во животот, односно да го пронајде својот пат до успехот.

Која е победничката Лу Делез?

Лу Делез (11) пораснала во музичко семејство, а освен што ја сака музиката, таа и глуми во филмови и ТВ-серии. Таа веќе има освоено повеќе награди и на ова поле. Една од најважните е онаа што ја доби на Канскиот фестивал. Родена е на 23 март 2014 година, во регионот Ил де Франс, а почнала да пее кога имала само две години. Пораснала во семејство каде што музиката била составен дел од нејзиниот живот – нејзиниот татко работи како изработувач на виолини, што ѝ всадило љубов кон музиката уште од најрана возраст.
Денес таа е голема обожавателка на Били Ајлиш. Сака да гледа филмови, особено од жанрот хорор, па дури и глумела во еден. На филмското платно дебитирала како седумгодишно девојче.
Лу има куче, Ума, кое го дресирала да изведува разни трикови за да може да глуми покрај неа во филмови, а има и две мачки. Таа повремено објавува фотографии и видеа од своите миленици на Инстаграм.
Лу станала многу популарна во Франција благодарение на учеството во 19-та сезона на телевизиско шоу „Франција има талент“.
Таа се пријавила на аудиција за „Детскиот избор за песна на Евровизија“ и лани, но ѝ било судено да ја претставува својата земја годинава. Текстот на победничката песна го напишала пејачката Лин, ѕвезда во подем на француската музичка сцена, специјално за Лу. Во дообликувањето на стиховите помогнал и Џонатан Тисенс, а музиката е на Џон Клес.
Освен убавата мелодија, несомнено победата на Лу ѝ ја донесе одличната интерпретација, обоена со многу емоции. Таа своите солзи радосници не можеше да ги скрие во текот на целото гласање, а на победничката сцена од возбуда изусти само неколку збора на благодарност.

Креативност и радост

Мартин Грин, директор на „Детската евровизија“ по завршувањето изјави дека
годинешниот „Детски евросонг“ во Тбилиси беше извонредна прослава на младоста и на талентот, на креативноста и радоста.
– Видовме топла и прекрасно изработена претстава што навистина ги покажа духот на ова натпреварување и неверојатниот потенцијал на нашите млади изведувачи. Упатувам искрени честитки до Лу Делез и до секој учесник што се качи на сцената вечерва.

Нивната храброст, уметност и страст се во срцето на она што го прави „Детскиот евросонг“ толку посебен. Овие млади уметници се иднината на европската музичка заедница и вечерва тие блескаа посветло од кога било. Исто така, сакам да им се заблагодарам на сите учесници од осумнаесетте држави, на нивните делегации и на целиот креативен тим. Секој човек беше важен во реализирањето на ова шоу. „Детската евровизија“ уште еднаш покажа дека детскиот талент, напорната работа и креативноста можат да донесат силни емоции и да ги зближат луѓето. Горди сме што е остварен овој голем, неверојатен проект. Им благодариме на сите што ја овозможија оваа претстава – посочи Мартин Грин.
Освен од Македонија, од државите во регионот годинава настапија млади пејачи од Црна Гора, Хрватска и од Албанија. Нашата земја е дел од овој избор од самиот почеток, од 2003 година, и досега нашите претставници двапати се пласирале на петтото место, што е највисок пласман досега.
Годинава пееја деца и од Малта, Азербејџан, Сан Марино, Ерменија, Ирска, Албанија, Холандија, Полска, Италија, Португалија и Шпанија. Сите имаа извонредни вокални способности и убав сценски настап. Сите заедно во паузата за гласање ја испеаја и песната „Заедно“, носејќи ги знамињата на земјите што ги претставуваат. Годинава слушнавме повеќе балади, но и песни со повесел ритам. Според квалитетот на шоуто и талентите што настапија, веруваме дека музиката, со своите универзални пораки, и во иднина ќе нѐ поврзува.

Фото: „Детска евровизија 2025“