Вашингтон ги зголемува тарифите за кинески стоки од 200 милијарди долари, а Пекинг најавува одмазда. Царините се очекува да ја дестабилизираат и онака кревката глобална економија, предупредуваат експертите
Светот стравува од катастрофална трговска војна меѓу двете економски суперсили откако САД воведоа нови повисоки царини за кинески производи вредни 200 милијарди долари. Разговорите во Вашингтон меѓу кинескиот вицепремиер Лиу Хе и американскиот трговски претставник Роберт Лајтхајзер не успеаја да ги спасат повеќемесечните преговори за постигнување трговски договор, па вчера царините за кинески стоки беа зголемени од десет на 25 отсто.
– Кина длабоко жали што ќе мора да преземе неопходни контрамерки. Се надеваме дека САД и Кина ќе работат заедно на решавање на постојните проблеми преку соработка и консултации – се вели во реакцијата од Министерството за трговија на Кина, во кое се додава и дека „во тек се економски и трговски консултации на високо ниво“.
Зголемените тарифи се однесуваат само на стоки што ја напуштаат Кина по истекот на крајниот рок и ќе стапат во сила само откако пратките ќе стигнат до САД, оставајќи простор уште за преговори. Белата куќа рече дека двете страни ќе продолжат разговори, со надеж дека може да се постигне договор.
Сепак, инвеститорите сега се соочуваат со изгледи за штетна трговска војна, за која многумина стравуваат дека би можела да ја дестабилизира веќе забавената глобална економија и да ги зголеми тензиите меѓу двете суперсили за повеќе спорни прашања, како Јужно Кинеско Море и индустриската шпионажа.
Претходно, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека трговската војна е „закана за глобалната економија“ и повика на брзо решавање.
– Сите губат од долгорочен трговски конфликт – нагласија од ММФ.
Неизвесноста околу преговорите предизвика нов пад на светските берзи. Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека добил „прекрасно писмо“ од кинескиот колега Си Џинпинг, додека преговорите продолжија во Вашингтон. Трамп додаде дека верува оти може да се постигне договор до крајот на неделата, но ја обвини Кина за саботирање на разговорите.
– Бевме многу блиску до договор, а потоа почнаа да преговараат за договорот. Не можеме да го дозволиме тоа, не можеме – рече Трамп.
Светските берзи годинава бележеа подобри резултати поради надежите за добар напредок во разговорите меѓу САД и Кина за решавање на долгорочниот спор. Но тие спласнаа неделава, откако Трамп се закани со нови царини, зашто Кина наводно не прифатила клучни делови од предлог-договорот на 150 страници. Пекинг потоа вети дека ќе се одмазди. Сепак, главниот кинески преговарач, вицепремиерот Лиу, во четвртокот изрази оптимизам.
– Овој пат дојдовме под притисок, што ја покажува големата искреност на Кина и сакаме искрено, самоуверено и рационално да ги решиме несогласувањата или разликите меѓу Кина и САД. Мислам дека има надеж – рече тој.
Спорот влече корени во негодувањата на САД поради огромниот трговски дефицит со Кина, кој во март достигна рекордни 419 милијарди долари. За време на својата предизборна кампања, Трамп обвинуваше дека премногу работни места се изгубени поради Кина, а некогаш доминантните индустрии, како што е производство на челик, значително се намалени во обемот и важноста. Откако влезе во Белата куќа, Трамп побара Кина да ги реформира трговските политики и да стори повеќе за да ја запре „кражбата на интелектуална сопственост и принудниот трансфер на технологија во кинеските фирми“. Вашингтон сака Пекинг да ја намали државната поддршка за големите компании и да им овозможи на американските фирми поголем пристап до кинеските пазари. Првите судири во трговската војна почнаа со зголемување на царините на алуминиумот и челикот, но во наредниот период ескалираа и опфатија широк спектар производи. На самитот во ноември, Трамп и Си се согласија дека зголемувањето на тарифите на САД, планирано за 1 јануари, што ќе погодеше разни увозни стоки, од модеми до правосмукалки, да се одложат три месеци. Во меѓувреме продолжија разговорите и се чинеше дека е постигнат напредок, сѐ до последната „бомба“ од американскиот претседател.
Како што се приближуваше крајниот рок во четвртокот, професорот по економија Ендрју О`Нил оцени дека САД ќе го зголемат притисокот во разговорите и дека Кина веројатно ќе ги прифати барањата поради слабеењето на нејзината економија. Но тој исто така нагласи оти Кинезите веруваат дека САД би можеле да бидат принудени да се повлечат од барањата.
– Во комбинација со противречните пораки од администрацијата на Трамп, Кинезите можеби мислат дека САД нема да ги воведат тарифите – оцени тој.
Професорот смета дека излезот од кризата лежи во Кина, која би можела да му понуди на Трамп нешто што тој дома би можел да го претстави како победа.
– Но времето минува и опциите се намалуваат, па тој ќе мора да ги воведе тарифите дури и ако не сака – нагласи О`Нил.
Економистот Роланд Раџа, пак, смета дека јазот меѓу двете страни е преголем за да може да се спасат трговските преговори.
– Мали се шансите да се избегне заканата од Трамп за зголемување на царините за кинески стоки од 200 милијарди долари од десет на 25 отсто. Тие стапуваат во сила, па затоа нема многу простор за преговори – смета тој.
Но економистот нагласува дека погодените стоки претставуваат само 0,55 отсто од БДП, па тие можеби нема да ѝ наштетат на Кина колку што се очекува, додека САД може многу повеќе да загубат.
– Економските придобивки се мали, зашто Кина ќе ја пренасочи трговијата. Технолошките промени, пак, значат дека производството што ќе се врати во САД нема да поттикне отворање многу нови работни места – смета тој.