Западот цвета од САД до Германија, ама граѓаните се чини го загубија апетитот за либерализмот
Ангела Меркел не може до крајот на животот да биде канцеларка на Германија. Дури и Хелмут Кол, кој беше лидер на Демохристијанската унија, и притоа беше поствоениот канцелар на Германија со најдолг мандат, мораше да се повлече по 16 години. Мандатот на Кол заврши на вообичаениот начин: во 1998 година со подемот на невработеноста и економското незадоволство, гласачите избраа политичар, умерен левичар, односно Герхард Шредер, наместо Кол, кој беше умерен десничар. Но денес, невработеноста е на речиси рекордно ниско ниво од 3,4 отсто. И долгорочната невработеност и невработеноста кај младите, типичните причини за појава на критики кон власта, се на ниско ниво, иако е низок и годишниот пораст од два отсто.
Сепак, Меркел објави дека ќе се повлече од лидерската позиција на партијата што може да сугерира и дека таа нема да го отслужи мандатот на канцеларка докрај. Таа веќе почна да го губи авторитетот, пред сè со бегалската криза, за која сè поголем број германски гласачи ја обвинуваат откако на крајот од летото во 2015 година фамозно порача пред јавноста дека „државата може да се справи со проблемот“. Многу од овие гласачи сакаат да го вратат загрозениот идентитет.
Поголемото значење на судбината на Меркел е дека материјалистичките теории на западниот либерализам повеќе не ја доловуваат реалноста на западната политика и култура. Во самата природа на либерализмот, чија идеја се заснова на рационализмот, секуларизмот и практичните пресметки, е да ги смета за реални материјалните интереси, односно вашето конто, а вашите вредности за моментални. Токму затоа во книгата „Што е проблемот со Канзас?“, економистот Томас Френк тврди дека републиканците ги измамија Американците од работничката класа да гласаат против нивните вистински интереси со тоа што ги заслепија со традиционалните вредности. Токму на ова мислеше Барак Обама, кога за време на претседателската кампања од 2008 година изјави дека за работничката класа „најважни се оружјето, религијата и антипатијата кон луѓето што се поразлични од нив или антидоселеничкото или антитрговското чувство како начин да се објаснат нивните фрустрации“.
Секако не е случајно тоа што бранот на популистичкиот национализам што сега се шири на Западот се јави како последица на економската криза од 2008 година, кога милиони гласачи од работничката и од средната класа ги загубија заштедите, работните места и иднината. Но бранот ги зафати либералните политики дури и во државите што имаа стабилни економии. Полска беше економскиот мотор на Источна Европа, новата Германија, кога десничарската Партија на законот и правдата (ПИС) ја порази класичната либерална Граѓанска платформа на изборите во 2015 година. Премиерот Доналд Туск од Граѓанската платформа ја опиша неговата политичка програма како „топла вода“. Кога бев во посета на Варшава следната година, Константи Геберт, колумнист и поранешен лидер на Солидарност, ми рече дека сметал дека таа политика била доволна, но немал право. Народот сакал историја, слава и значење. ПИС им го понудила токму тоа значење односно дека Полска повторно ќе стане голема.
Полјаците пред сè го сакаа традиционалниот идентитет или претпоставуваа дека го поседуваат во периодот пред да станат дел од секуларниот, прогресивен Запад со слободен пазар. Различни верзии на оваа приказна се случија во богатите држави во Северна Европа. Холандската, како и германската политика, долго време осцилираше меѓу економски ориентираните партии, лево и десно од центарот. Холандската економија ја задржа моќта, но зголемените стапки на имиграција, кои придонесоа бројот на население во четирите најголеми градови во државата да дојде до ниво на малцинство, поттикнаа да се појави целосно нова политика за холандскиот идентитет. На ланските избори, либералите десно од центарот го избегнаа предизвикот на ултрадесничарската ксенофобична Партија за слобода, иако само преку неволно прифаќање на идентитетските политики. Потоа истото тоа беше забележано во Шведска, Австрија и во други држави.
Исто така, не е случајно тоа што нетрпеливоста кон доселениците и кон бегалците е многу поизразена во Источна Германија отколку на побогатиот и поотворен запад од државата. Сепак во неколку посети на Дрезден во близината на источната граница на државата открив дека економијата не е приоритет за десничарите од Алтернатива за Германија (АФД), кои не беа ниту на маршовите на антидоселеничката група Пегида. Демонстрантите не беа заинтересирани за револуција. Повеќето беа жители на помали градови, кои виделе неколку муслимански бегалци и заклучиле дека нивниот свет бил загрозен. Националистичкиот дух почна да се шири кон Западот. На изборите што се одржаа во богатата и светска Баварија, АФД освои над десет отсто од гласовите и влезе во тамошниот парламент уште во првиот круг. Партиите лево и десно од центарот не забележаа успех за сметка на двете екстремни партии.
Со ваков феномен се соочуваме денес во САД каде што економијата се врати на добар пат многу побрзо од која било друга држава на Западот, но сепак не се намалија силите на национализмот. Доналд Трамп не ја базираше својата политичка кампања на економијата или берзата што е невообичаен избор за класичните политички стандарди. Прво на претседателот прв кандидат за врховен судија му беше Брет Кавано што го привлече вниманието со својата борба против абортусот, најголемото прашање на последната генерација. Но неодамна тој се сврте кон доселувањето, со тоа што карванот со мајки и деца, кои бараат засолниште од насилството и сиромаштијата во Централна Америка, го претстави како закана за националната безбедност и идентитет.
Стив Бенон тврдеше дека американското изборно тело е поделено меѓу „националистите“ и „космополитите“. Трамп јасно се согласува со ова и добро ги познава своите поддржувачи. Во една ланска анкета се откри дека „стравовите од доселениците и културното мешање се многу помоќни фактори од сите економски проблеми во предвидувањето на поддршката за Трамп кај гласачите од белата работничка класа“. Речиси половина од овие гласачи се согласуваат со изјавата дека „состојбата е толку променета што честопати се чувствуваат како странци во сопствената државата“ што потсетува на насловот „Странци во сопствената држава“ на студијата на Арли Расел Хохсчајлд за белците од работничката класа во Луизијана. Хохсчајлд заклучи дека стоичкиот, независен код на кајунската култура не може целосно да се сведе на расизам и ксенофобија дури и ако ги содржи нивните елементи.
Ова за либералите значи дека програмата за економска правда нема да биде доволна за да допре до изолираните белци. Тоа значи дека политиката на идентитет, која ја истакнува посебноста на секоја група и подгрупа, поточно правото на секој да се разликува од стандардниот хетеросексуален белец, само дополнително ќе го разгори копнежот за атавистички идентитет само за белци. Либералите мораат да најдат национален јазик што ќе зборува за националниот, инклузивен идентитет.
Францускиот претседател Емануел Макрон многу свесно се бореше да се позиционира во традицијата на Шарл де Гол како патриот и инкарнација на идејата за Франција, иако многу посовремена идеја од грандиозноста на 19 век на Де Гол. (Досега, мора да се нагласи дека Макрон го стекна угледот повеќе за грандиозноста отколку за патриотизмот.) Можеби јазот меѓу старото гласачко тело на демократите од ерата на „Њу дил“ на Рузвелт и новата генерација на расно и родово освестени гласачи е премногу голем за да се надмине.
Либералите имаат тенденција да ги сметаат нивните вредности за универзални и очигледни, за разлика од субјективните кои потекнуваат од религијата и традицијата. Космополитското негување на различностите е суштинско добро, иако копнежот за познатото претставува отфрлање на реалноста. Всушност се претпочитаат двете нешта, кои како многу сериозни ги предизвикуваат острите поделби кај оние што ги застапуваат. Глобализацијата на народите, стоките, работните места и идеите ги истакнаа тие поделби и на тој начин ги променија политиките на Западот. Либералите не можат да се откажат од сопствените вредности, но тие мора да ги признаат и мора сериозно да ги сфатат ставовите на оние што не ги делат истите вредности.