Фото: Од минатогодишниот фестивал „Ѕвездички“

Дваесет и четвртото издание на интернационалниот фестивал на детска песна ќе се одржи во Скопје

На 11 и на 12 октомври, на сцената на Националната опера и балет во Скопје, по 24. пат ќе се одржи интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. Годинава фестивалот првпат се организира во Скопје, бидејќи досега се одржуваше во Прилеп.
– Интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“ е натпревар за најдобра детска песна. Сите учесници настапуваат со авторска мелодија на јазикот на земјата од која доаѓаат. На фестивалот учествуваат деца од целиот свет, на возраст до 14 години. Манифестацијата се одржува секоја година во првата половина на октомври – велат организаторите на фестивалот.
Ќе се пее два дена, и тоа на 11 октомври со почеток во 19 часот, кога ќе се одржи полуфиналето, а утредента, на 12 октомври, финалето почнува во 17 часот.
На 24-то издание ќе блеснат ѕвездички од повеќе земји: Србија, Црна Гора, Словенија, Унгарија, Русија, Малта, Хрватска, Украина и од домаќинот Македонија.
Ова е единствен фестивал за деца во земјава што е член на Светската асоцијација на фестивали (ВАФ).
– Фестивалот е вистински бренд во Македонија, кој низ годините донесе многу хитови, но и откри голем број млади таленти. „Ѕвездички“ е вистински креатор на детската музичка сцена во нашата земја – вели директорот Марјан Катароски.
Во изминатите години на фестивалот учествувале над 3.000 учесници од речиси сите континенти и земји од светот. Тука биле талентирани момчиња и девојчиња од: Франција, Германија, Малта, Аргентина, Италија, Русија, Украина, Литванија, Летонија, Естонија, Египет, Сирија, Израел, Грузија, Белорусија, Полска, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Романија, Молдавија, Холандија, Финска, Турција, Албанија, Либан, Кина, Казахстан…

Ка.М.