Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во базата МАКСТАТ на ДЗС, во категоријата сообраќајни незгоди во кои имало настрадани, многу се зголемиле бројките во три ставки: вкупно, сообраќајни незгоди, потешко и полесно повредени лица. Сѐ повеќе повредени има во три ставки (мажи 18-20 години, мажи 65 години и повеќе, жени, 18-20 години) во категоријата „повредени лица по пол и старосни групи во патни сообраќајни незгоди, број“

ОСВРТ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ НА СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА СООБРАЌАЈНИТЕ НЕЗГОДИ ВО ДРЖАВАТА ОД 2010 ГОДИНА (2)

Денеска анализираме две категории со по четири ставки што се достапни во базата податоци МАКСТАТ на Државниот завод за статистика (понатаму во текстов: МАКСТАТ на ДЗС), во која во „дополнителни информации“ пишува: „извор: Државен завод за статистика, Министерство за внатрешни работи“ https://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Transport__SoobrakajniNesreki). Најпрво се осврнуваме на категоријата „сообраќајни незгоди со настрадани лица, по години“, во која има податоци за 41 година: од 1983 заклучно со 2023 година.
За најзагрижувачки ги сметаме податоците во следните три ставки од МАКСТАТ на ДЗС, каде што пресметавме дека зголемувањата во последната (2023) година споредена со почетната (1983) се околу 170, 137 и 185 отсто, соодветно, и тоа како што следува.
Во ставката „вкупно“ (дополнително утврдивме дека оваа ставка е збир на два вида сообраќајни незгоди: едни во кои имало повредени лица и други во кои имало загинати лица) пресметавме дека зголемувањето во последната година споредено со почетната е околу 170 отсто (2.624 во 1983 година, рекордните 7.105 лица во 2023 година).
Овој период го поделивме на три етапи. Во првата етапа од 22 години, од 1983 до 2004 година, во 21 година вкупниот број се движел помеѓу најниски 2.560 (во 1988 година) и највисоки 3.600 (во 1995 година), а само во 2001 година бил под две илјади лица (1.937).
Во втората етапа, која трае две години, бројката се зголемила во просек за минимум илјада и петстотини и изнесува вкупно 4.319 лица во 2005 година и 5.076 во 2006 година.
И во третата етапа, која трае седумнаесет години (2007-2023), бројката се зголемила за минимум по илјада и секогаш била поголема од шест илјади лица (7.025 во 2011 година и рекордни 7.105 во 2023 година). Во последните три години (2021-2023) просекот бил 6.777 или за 959 лица повеќе споредено со просекот (5.718) од 2018 до 2020 година.
Во ставката „сообраќајни незгоди“ на МАКСТАТ на ДЗС, во 1983 година бројот бил 1.811, а во 2023 година 4.274, што пресметавме дека е зголемување од околу 137 проценти. Овде пишува дека „не се опфатени незгодите со материјална штета“.
И овој период има три етапи. Во првата етапа (1983-2004), во десет години се случиле помалку од две илјади сообраќајни незгоди, а во преостанатите 12 – повеќе од две илјади.

Во втората етапа, 2005-2006, бројката на сообраќајни незгоди осетно се зголемила и ги достигнала дотогаш рекордните бројки: 2.821 во 2005 година и 3.313 во 2006 година.
Во третата етапа, која трае седумнаесет години (2007-2023), во десет години бројката била повеќе од четири илјади, а во преостанатите помеѓу 3.233 (во 2019 година) и 3.951 (во 2022 година). Во 2011 година се случиле најмногу вакви сообраќајки – повеќе од 4.460.
Во ставката „потешко и полесно повредени лица“, во почетната 1983 година бројката била 2.442, додека во завршната 2023 година изнесувала рекордни 6.978 лица, за што споредивме и пресметавме дека е зголемување од околу 185 проценти!
Овој период го поделивме на три етапи. Во првата етапа од 22 години, од 1983 до 2004, во 14 години бројката била помеѓу две и три илјади, во седум години (1990-1991, 1994-1998) биле повредени повеќе од три илјади лица, а во 2002 помалку од две илјади.
Во втората етапа, која трае две години, бројот доста се зголемил и бил повеќе од четири илјади повредени лица: 4.176 во 2005 година и 4.936 повредени во 2006 година.
Во третата етапа, која трае седумнаесет години (2007-2023), бројката секогаш била поголема од пет илјади (во 12 од 17 години бројката била поголема од шест илјади). Во овој период, во секоја од последниве три години имало по над шест илјади повредени.
Во МАКСТАТ на ДЗС во последните шест години главно има намалувања во ставката „загинати лица“. Во тој период (2018-2023) биле забележани шест од деветте најниски бројки. Во 2018 година се евидентирани 133 загинати, во 2019 година 132, во 2020 година 125, во 2021 година 116, во 2022 година 124 загинати лица и во 2023 година загинале 127 лица. Помалку од 135 загинати лица се евидентирани уште во три години: 107 загинати во 2001 година, 118 во 2003 година и 132 во 2012 година.
Највисоките бројки во оваа ставка се во претпоследната деценија од минатиот век: по 182 во 1983 и 1985 година, потоа 196 во 1986 година, 190 во 1987 и 207 во 1990 година.

Многу загинале и во последната деценија од дваесеттиот век: 216 лица во 1999 година, 187 во 1998 година, 180 во 1992 година, 179 во 1995 година, 178 во 1997 година… Само во две години загинале помалку од 170 лица: 167 загинале во 1994 година и 154 лица во 1996 година.
Во третата анализирана деценија (2001-2010), најмалку загинале во 2001 година (107) и во 2003 година (118). Во пет од тие десет години загинале минимум 160 лица.
Во четвртата деценија (2011-2020), најмногу загинале во 2013 година (198) и во 2011 година (172 загинати). Во пет години загинале помеѓу 125 и 133 лица.
Во последнава, петта, анализирана деценија, која е во тек, евидентирани се 116 загинати во 2021 година, 124 загинале во 2022 и 127 загинале во 2023 година.
Анализиравме и три потставки во ставкава загинати лица во МАКСТАТ на ДЗС. Заклучивме дека од тие три се доаѓа до бројот на загинати. Притоа, констатиравме дека бројките главно се слични во овие потставки, од што најчесто најмногу загинати има во потставката „загинати лица, возачи“, а нешто помали се бројките во потставката „загинати лица, патници“ и во потставката „загинати лица, пешаци и други“.

Во базата МАКСТАТ на ДЗС анализираме четири ставки и во категоријата „повредени лица по пол и старосни групи во патни сообраќајни незгоди, број“, за што се достапни податоците за последните четиринаесет години (2010-2023).
Во ставката „мажи, 15-17 години“ бројките се движеле помеѓу најниските 175 во 2020 година до дотогаш највисоките 250 во 2013 година. Притоа, повеќе од двесте лица (202) биле повредени уште во две години (2012 и 2017). Во последните три години просекот е 250, и тоа: 240 повредени во 2021 година, 236 во 2022 година и рекордни 273 во 2023 година.
Значителен пораст во последната (2023) година утврдивме и во ставката „мажи, 65 години и повеќе“. Бројките се движеле помеѓу најниските 236 во 2012 година до највисоките 303 лица во 2011 година. За 2019 година се евидентирани 252 повредени, по што, во однос на таа година, следните три години бројките се зголемиле за помеѓу 12 и 15 отсто: 282 повредени лица во 2020 година, 283 во 2021 година и 296 во 2022 година. Како што споменавме погоре, нагло се зголемила бројката во последната (2023) година, кога се бележат рекордни 335, што пресметавме дека е 13 отсто повеќе отколку во 2022 година.
Во последните три години највисоки се бројките во ставката „жени, вкупно“. Во првите дванаесет години (2010-2021) најчесто биле под две илјади лица, а во 2017 година – повеќе од две илјади (2.068). Во 2021 година се повредени вкупно 2.267 жени, следната година 2.073, а во 2023 година е убедливо највисока бројката – 2.520 повредени жени.
Го издвојуваме и големиот пораст (околу 25 проценти) во последните три години, кога се забележани две од трите највисоки бројки, кога ќе се кликне на ставката „жени, 18-20 години“. За првите дванаесет години (2010-2020) истраживме дека просекот бил 146,4 повредени, а за последните три бил 191,6 (рекордни се 220 во 2023 година).


Од публикацијата на МВР: Во последните седум години немало сообраќајка
со голема материјална штета

И во второво продолжение пренесуваме дел од податоците од публикацијата „ЗБИРНА АНАЛИЗА ЗА ВКУПЕН КРИМИНАЛИТЕТ 2010 – 2023, која е достапна на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во вториот пододдел „Анализи и статистики“ го разгледувавме претпоследното поглавје „сообраќајни незгоди по видови“.
Во единаесет години (2012-2023), највисоката бројка (4.156) во ставката сообраќајни незгоди со повредени лица е забележана во последната, 2023 година. Претходно бројката била поголема (4.314) само во втората анализирана година (2011).
Во ставката на сообраќајни незгоди со загинати лица, во 2023 година е најголем бројот (118) во рамките на последните шест, кој е ист како во 2018 година. Во четиринаесетте години (2010-2023), најмногу (170) вакви сообраќајки се забележани во 2013 година.
Радува податокот дека во последните седум години (2017-2023) не е забележана сообраќајна незгода со голема материјална штета. Наспроти тоа, во почетните пет години (2010-2014) имало вакви сообраќајни незгоди (просекот бил три годишно).
Според статистиката на МВР, од 2010 до 2013 година имало по над четири илјади сообраќајни незгоди (тоа е збир на сообраќајни незгоди со: загинати лица, повредени лица, голема материјална штета). Во седум од (по)следните десет години се случиле помалку од четири илјади вакви сообраќајки, а во три години повеќе од четири илјади.

ЖИВКО ЗДРАВКОСКИ