Резолуција на 109-от Универзален конгрес на есперантото во Аруша, Танзанија

На 109-от Универзален конгрес на есперантото во Аруша, Танзанија, кој се одржа во август минатата година, беа присутни 854 учесници од 65 различни земји. Тие не само што дискутираа на темата „Јазик, човек и животна средина“ туку истовремено претставија и модел за подобар свет, во кој луѓе од разни земји можат заедно да живеат и да комуницираат, меѓусебно да се разбираат без преведувачи, а со помош на меѓународниот јазик есперанто, кој го зборуваа сите учесници на конгресот.
Учесниците на конгресот со ентузијазам констатираа дека овој прв Универзален конгрес во Африка наполно успеа. Конгресот потврди дека движењето за неутрален меѓународен јазик – есперанто во Африка е силно, дека е активно во многу земји на африканскиот континент и дека африканските есперантисти му даваат квалитетен придонес на универзалноста на светското есперанто-движење. Со истиот ентузијазам учесниците на конгресот опсервираат дека во африканските земји се зголемува бројот на млади луѓе што учат есперанто на курсеви. Следствено, во многу африкански земји се планира зголемен број на есперанто-курсеви, па на тој начин повеќе луѓе – преку користење на есперанто, ќе остваруваат и/или ќе ги збогатат личните меѓународни контакти.
Учесниците на конгресот ги повикаа сите луѓе да ја штитат животната околина, бидејќи здравата животна средина е главен предуслов за постигнување на целта за создавање подобар свет. Тие апелираа до сите луѓе на планетата Земја да користат транспортни средства на алтернативни горива со помала емисија на гасови, кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, да трошат помалку енергија и да се определат за одржливи извори на енергија од типот ветер и сонце.
Учесниците на конгресот со задоволство констатираа дека свахили-јазикот функционира како наднационален јазик, кој овозможува контакти меѓу жители на повеќе држави во Источноафриканска заедница (ОАК), без потреба да се користат јазиците на некогашните колонијални империи. Исто така, сите други африкански јазици заслужуваат поддршка и треба да се признаат јазичните права на нивните говорители, особено во основното образование, а во согласност со препораките на УНЕСКО. Тоа е основа за мир и за подобар свет.
За општото светско меѓусебно разбирање, потребен е заеднички неутрален меѓународен јазик, кој би можел да го зборува секој човек, покрај својот мајчин јазик. Учесниците на конгресот, со ентузијазам и гордост констатираа дека и на овој конгрес се покажа дека есперантото сосема одговара за таа цел.

(Превод од есперанто на Татјана Шошолчева Ропајкова од ревијата „Есперанто“ септември, 2024 година)