Вчера, со почеток во 19 часот, во домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје, во големата сала-сутерен, беше отворена завршната изложба на дела изработени од членови на ликовното студио под менторство на академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски. Исто така беа доделени дипломи за учебната 2024/2025 година.
Ликовното студио прославува дваесет години успешно работење, а студиото за креативно пишување, под менторство на Дијана Петкова, ќе прослави десетгодишно постоење.
Во ликовното студио „Арс вивенди“ се изучуваат и се работи со повеќе техники, кои им овозможуваат на членовите на студиото да се изразуваат креативно. Оваа година на завршната изложба беа изложени дела работени во техниките: акварел, темпера, акрил на платно, цртеж со молив, фломастери и дрвени боички.
Во студиото за креативно пишување, пак, се изучуваат книжевни техники за креативно изразување со зборови, кои честопати се комбинираат со исти такви ликовни техники. Досега се отпечатени шест збирки изработени од членови на студиото.
„Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец“ е мото на двете студија, кои успешно ги насочуваат и им го покажуваат правецот на членовите во ликовниот и во книжевниот свет.