Почна изборната кампања во пресрет на локалните избори во 2025 година
Партиите и коалициите вчера тргнаа со официјални изборни активности со официјалното почнување на дваесетдневната изборна кампања во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври. Всушност, предизборните активности де факто почнаа доста порано, со организирање голем број средби на кандидатите за функции со граѓаните и избирачкото тело, но и со интензивни партиски координации и подготовки.
Претстојните локални избори се осми од независноста на државата (се одржуваат на секои четири години), а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Притоа ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати. На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Право на глас имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата додека преостанатите 112 илјади се запишани во посебниот избирачки список со лица што се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство, 2.162 гласачи што се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи што ќе остварат гласачко право во старските домови. Во дијаспората нема гласање за локалните избори, но лицата што се на привремена работа или живеат во странство ќе можат да го остварат своето право на глас доколку допатуваат во земјата.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори изнесува 9.760.000 илјади евра, од кои две третини се наменети за медиумите и за платеното политичко рекламирање. На 11-от ден од изборната кампања, кандидатите за градоначалници и советници треба да достават финансиски извештаи до надлежните институции. Изборната кампања ќе трае до 17 октомври на полноќ, по што настапува 24-часовен молк пред гласањето на 19 октомври. П.Р.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, со апел во пресрет на кампањата
Зголемувањето на интензитетот во кампањата да биде во демократски рамки
Во интерес на сите е изборите да поминат во најдобра демократска атмосфера. Вообичаено е да има и зголемување на интензитетот на изборната кампања, навикнати сме, но сепак тоа да биде во некои прифатливи демократски рамки што ќе остават позитивен впечаток за целиот изборен процес, истакна претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, во интервју за МИА во пресрет на изборната кампања.
– Иако ДИК не е надлежна да се меша во делот и да ја следи изборната кампања, ние сме надлежни само за текот на гласањето во самите избирачки места на денот на гласањето, сепак во интерес на сите и на ДИК и на учесниците, и на граѓаните и на државата што ги организира овие избори, е изборната кампања да помине во најдобар ред, односно во коректна атмосфера. Вообичаено е на секои избори да имаме различна реторика, меѓутоа тоа е избор, пак ќе речам, на учесниците на изборите, на политичарите, на кандидатите и на партиите како ќе им пристапат на граѓаните. Право на избор е граѓаните сами слободно да одлучат. Коректно е изборната кампања да биде со почитување и на политичкиот противник, но и, пред сѐ, со почитување на законските прописи, и тоа не само на оние што се предвидени со Изборниот законик туку и на оние што се наменети за учесниците од страна на сите други институции што се надлежни да ги контролираат текот на изборите, трошењето на средствата, начинот на кој се однесуваат кандидатите, политичките партии – изјави Кондарко.
Тој посочи дека во однос на претходните избори, намален е бројот на партии што учествуваат, но зголемен е бројот на коалиции.
– Бројот на партии што учествуваат на овие избори е 22, во споредба со 2021 година кога биле 27 партии. Сега имаме нешто повеќе коалиции, вкупно 19, додека во 2021 година имавме седум коалиции – истакна меѓу другото претседателот на ДИК. П.Р.
Тројца министри се впуштаат во трка за локална власт
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани се кандидираа за градоначалници на Чаир, односно на Кичево, додека вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ ќе биде носител на советничката листа на Демократската партија на Србите во Македонија за Општина Куманово за локалните избори во октомври. На тој начин тројца министри од актуелниот владин состав се впуштаат во трка за функции на локалната власт.
Кандидатурата на Стоилковиќ за советник во Куманово доаѓа по најавите за реконструкција на Владата што ја најави премиерот Христијан Мицкоски веднаш по локалните избори, со цел подобрување на капацитетите на Владата. Министрите ги извршуваат своите функции и во текот на изборната кампања. С.Р.
Чекор кон поголема вклученост на жените и различните заедници во политиката
Шамијата како симбол на политичката инклузивност
За првпат, жена што носи шамија е кандидат за советник во Општина Сарај и таа доаѓа редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пренесоа дел од медиумите на албански јазик. Станува збор за Адела Личина, Бошњачка од селото Љубин, која доаѓа како новина на локалната политичка сцена и претставува чекор кон пошироко вклучување на жените и различните заедници во политичкиот живот на земјата, коментираат медиумите.
Кандидирањето жена со шамија за советничка од страна на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ е вест што им го привлече вниманието на албанските медиуми, а веројатно и на граѓаните, бидејќи таа претставува и знак дека политичкиот субјект не треба да се гледа преку верска или национална призма, туку преку програмата што ја нуди. И самата Личина нагласи дека ќе биде гласот на граѓаните, без оглед на нивното место на живеење, и дека ќе биде посветена на подобрување на условите за живот. С.Р.
Порака од претседателот на Собранието, Африм Гаши
Трката за гласови да биде трка на идеи и програми
Изборите не се институционална формалност. Тие се основно право и реален инструмент за граѓаните да изберат раководители со интегритет, визија и посветеност кон јавниот интерес. Свесен за обединувачката должност што ја имам, чувствувам обврска да упатам јасен повик до сите политички субјекти, кандидати и организациски структури, институциите и медиумите, активистите и граѓаните: да покажат висок степен на политичка и граѓанска култура. Да се воздржат од секоја форма на притисок, користење говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, во изјава во пресрет на кампањата за локалните избори.
– Започнува кампањата за локалните избори на 19 октомври, важен момент за демократијата во земјата, иднината на општините и за благосостојбата на граѓаните. Собранието веќе се изјасни за сплотеност преку Заедничката декларација за фер и демократски избори. Ве потсетувам дека почитувањето на оваа декларација е морална и политичка обврска за секој учесник во оваа кампања – порачува Гаши.
Политичката трка, според Гаши, треба да се одвива во духот на една здрава демократија, да биде трка на идеи и програми – без инциденти, без заплашувања, без навреди или омаловажувања.
– Граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност. Демократијата не се мери со победата на еден поединец или партија, туку со достоинството на изборната трка. Затоа, со доверба очекувам овој изборен процес да биде сведоштво за нашата демократска зрелост и одраз на нашите европски аспирации – заклучува Гаши. П.Р.