НА ВАШИНГТОН НЕМА ДА МУ СЕ ДОПАДНЕ „СТРАТЕГИСКАТА РЕЗОЛУЦИЈА“ НА ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА (2)
- Ахмети и неговите сопартијци преку усвоената т.н. Стратегиска резолуција – една од вкупно четирите такви – си зацртаа цел да „ја зајакнуваат унитарноста на државата“. (!?) Но во таа резолуција, клучен е следниот став: „Унитарноста на државата не се гради врз механичко мнозинство и практика на мајоризација, туку врз двоен легитимитет и институционален консензус. Посветеноста кон механизмите што гарантираат двоен легитимитет во клучните процеси на управување е од суштинско значење за зачувување на единството и функционалноста на државата“.
Каква намера имаат Али Ахмети и ДУИ во врска со унитарноста на нашата држава?
Во политичката теорија и пракса и огромен број научни студии во светот, но и во научни анализи и на конкретниот политички систем на Македонија, се нагласува дека примената на консензуалната, договорна демократија и двојниот легитимитет врз етничка основа во донесувањето на одлуките и управувањето на државата (што на конгресот го бараат сега Ахмети и ДУИ) водат кон преобразување на таа иста држава во повеќеетничка федерација со засебни територијални единици со етнички граници врз основа на автономија! Најдиректно и најјасно кажано, Ахмети и ДУИ сакаат да ја федерализираат Македонија, оживувајќи ги „придобивките“ на „референдумот за политичко-територијална автономија“ од 1992 година, кога беше прогласена и таканаречената „Република Илирида“ врз основа на „успешното изјаснување на Албанците на тој референдум“.
Во својот научен труд со наслов „Паралелно владеење во посткомунистичкиот простор: институционализирање на етнички автономии во Западен Балкан“, објавен годинава, д-р Александра Здеб нагласува: „Во Западен Балкан има појави на структури на паралелно владеење во форма на неформални етнички автономии. Длабоката децентрализација се среќава во случаите на федерализам и формално признаени автономни региони… Тогаш државата се претвора во регионална консоцијација со институционализирани структури на паралелно владеење во облик на неформални етнички автономии. Такви ентитети можат да бидат придодадени во рамките на формално востановени структури, какви што се општините со албанско мнозинско население во С. Македонија. Тогаш структурите на неформална автономија со примена на принципот на споделена власт наложуваат потреба да се спроведе територијално-етничка конфигурација на државата, создавајќи можност за алтернативни аранжмани“. Р.Н.М.
ДУИ цели преку „длабока децентрализација“ да ја „претопи“ Македонија во
регионална консоцијација со структури на паралелно владеење на Албанците
ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети не се стремат кон унитарна Македонија, туку кон нејзина територијална реорганизација и кон целосно редефинирање на уставниот поредок и политичкиот систем. Патот кон остварување на таквата исклучително опасна „територијално-автономистичка авантура“ е токму „длабоката децентрализација“, која ја споменува професорката Здеб во својот научен труд. Но каква „длабока децентрализација“ си замислиле да спроведуваат „интегративците“ од Мала Речица со заклучок од својот петти конгрес, што ќе бараат од државата во овој контекст?
– Конгресот на ДУИ смета дека продлабочувањето на децентрализацијата и зајакнувањето на локалната самоуправа претставуваат важни столбови на функционалната демократија и рамноправниот развој. Во овој поглед, потребна е нова фаза на функционална и фискална децентрализација, со натамошно префрлање на надлежностите и обезбедување финансиска независност на општините… Оваа политичка ориентација има цел да ја консолидира унитарноста на државата не преку доминација на мнозинството туку преку рамноправно меѓуетничко партнерство… – се наведува во заклучоците на конгресот на ДУИ.
Д-р Александра Здеб е политичка експертка за владеење и решавање етнички судири на Западен Балкан, професорка на Универзитетот во Краков, Полска, и научна истражувачка на Универзитетот во Белфаст, Ирска. Цитираните научни согледувања на Здеб разјаснуваат во која смисла треба да се разбере „стратегиската резолуција“ на ДУИ и Ахмети за „унитарноста“ на државата Македонија. ДУИ и Ахмети поправо испланирале да ја разбијат унитарноста на Македонија и самата неа како држава, да ја претворат во регионална консоцијација/регионално здружение со институционализирани структури на паралелно владеење во облик на формална или неформална албанска политичко-територијална автономија со внатрешни привремено или веќе и однапред исцртани етнички граници! Во таа политичко-територијална автономија би биле опфатени „албанските општини“ во северозападниот дел на Македонија, според принципот на кантонална федерација, или дури и лабава конфедерација. Р.Н.М.
Остри реакции и внатре во ДУИ: „Куќа со нова фасада и скапани темели“, „без ниту буквата ‘Р’ од реформите“!
Беким Мурати, поранешниот градоначалник на Сарај, искажувајќи го своето незадоволство од одржаниот конгрес на ДУИ ја употреби метафората за куќа за да ја опише ситуацијата во оваа партија.
– Новата фасада не ја спасува куќата од нејзините скапани темели! Овие имиња не беа избрани поради визија, туку заради заштита на старото раководство. Ова не е реформа, туку рециклирање – изјави Мурати.
Претставниците на ДУИ од Скопје изразија разочарување од распределбата на позициите. Поранешниот советник во Општина Шуто Оризари, Илјаз Лесковица, нагласи дека „Скопје останало без вистинска тежина во партијата“.
– Не може да се камуфлира неправдата што му беше нанесена на Скопјe. Денес мнозинството во Скопјe е во чевлите на Изет Меџити, како што беше пред четири години. Последиците од оваа неправда во Скопјe ќе се видат со текот на времето. Дури ни буквата „Р“ не остана од реформите во ДУИ – рече Лесковица.
Валмир Азири од Тетово, поранешен државен секретар за култура, го опиша конгресот на ДУИ како „претстава со организирани ракоплескања“. Според него, новите членови не се производ на демократијата, туку на внатрешна ротација, што се „продава како промена“.
– Довербата не се раѓа од затворени конгреси… Без вистинска одговорност секој конгрес останува уште едно поглавје од истата потрошена приказна – истакна Азири.
Поранешниот заменик-директор на УЈП, Ремзи Абдулахи, упати остри обвинувања за начинот на кој беа избрани кандидатите, нарекувајќи го тоа „затворање на партијата“.
– Кога одлуките се донесуваат во затворена канцеларија без ниеден критериум, тогаш се враќаме на менталитетот на комунизмот, каде што еден поединец одлучуваше за сите. Тоа е авторитаризам, маскиран како реформа – нагласи Абдулахи.
Поранешниот вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор, Фестим Халили, побара од Али Ахмети неговиот избор како старо-нов лидер да „послужи како момент за длабоко морално размислување“. Тој истакна дека многу интелектуалци се соочиле со „тивки попречувања“, додека поединци без тежина биле унапредени на клучни позиции, особено во Тетово.
– Партијата, која има цел да остане релевантна, мора да ги врати меритократијата и заслугите како темелен принцип и да создаде простор за оние што се докажале со дела, а не со сервилност – изјави Халили, критикувајќи го недостигот од одговорност за загубите во четири изборни циклуси.
Поранешната заменик-министерка за образование Линдита Ќазими реагираше многу остро и со лични тонови, поради нејзиното непоканување на конгресот. Таа упати јавни обвинувања против структурите и предупреди дека „ќе зборува со дела“, за да ги „декласира“ оние што ја дале наредбата да биде отфрлена. Р.Н.М.
(продолжува утре: Бадинтеров принцип и двоен етнички легитимитет во одлучувањето на Уставниот суд – „изум“ на „генијалните политиколози“ од ДУИ)
































