Браќата Паскал и Владимир

Паскал Глигоровски, човек што нема време за одмор и досада

Прошетките низ преубавата Шар Планина на врбенскиот атар, кој се протега од 1.300 до 1.450 метри надморска височина, се неповторливо доживување, пред сѐ, поради чистиот планински воздух, додека на сите страни блика чиста и пивка планинска вода. Од средината на мај, кога се буди природата, па сѐ до крајот на септември, падините се преполни со вкусни шумски плодови, печурки, шумски јагоди, боровинки, дренки, цреши итн.
Со овие зборови нѐ пречека Паскал Глигоровски, осамен на планината, човек што нема време за одмор и досада, бидејќи целосно му е исполнето, па на шега додава дека дури не му достасува. Од утро, кога ќе стане од кревет, додека се стемни, постојано е активен, исполнет со работа на повеќе локации, но што е најважно – квалитетно и навреме ги исполнува обврските.

– Денот го почнувам со средување на куќата, приготвувам појадок и појадувам, ако ноќта паднал снег, го чистам од патеките што водат до столарската работилница, магацинот за резервен материјал, за доработка на готови производи, кои треба да им ги предадам на купувачите. Секогаш ги исполнувам договорените обврски. Така ме воспитале родителите Димитрија и Василка, секогаш да го исполнувам договорениот рок, нема пролонгирање, производите навреме да бидат готови, тоа е дел на успехот на моето работење. Што да побара купувачот желбата му ја исполнувам, од дрво можам да изработам секаков вид производ со висок квалитет. Купувачите се презадоволни, можеби тоа е дел од успехот. Обработката на дрвото за мене е како лек, тука ги наоѓам својот мир и еликсир. Производите ги работам по нарачка за познат купувач, повеќето се викендаши и туристи на мавровскиот туристички регион. Секогаш производите од дрво за во кујна биле хит и останале, како што беа триножни столчиња со тркалезна софра, а последниве години најбарани се високи столчиња за шанк и штици за ресторани, кои ги изработувам од црешово дрво – ми вели Паскал.
Во топлата загреана одаја, домаќинот ни свари вкусен планински чај, кој со големо задоволство го испивме и го продолживме разговорот.
– Откога сум роден, го немам напуштено селото Врбен, ниту пак планирам. Здравјето ме крепи, полн сум со физичка енергија и кондиција, здрав сум како дрен, имам голема желба за живот и работа. По вокација сум ѕидаро-тесарски мајстор, целиот работен век од четириесет години го минав во ХЕЦ „Маврово“, работев на одржување на каналите, цевководите, талошниците на мавровскиот хидроенергетски систем, најсложениот на Балканот, кој се протега на планините Кораб, Бистра и Шар Планина. Работата беше тешка и напорна, најмногу работев под земја на одржување и поправка на тунелите – раскажува Паскал.

Се потсетува на својата баба Василија Анѓелкоска Глигоровска, од селото Маврово, која шеесет години се грижела за црквата „Св. Никола“ во селото Врбен, а подоцна од старост повеќе не можела да ги исполнува обврските во црквата.
– Едно попладне ми рече „синко само во тебе имам најголема доверба дека достојно ќе ме замениш и тебе ќе ти ги предадам клучевите на црквата, знам дека како мене ќе се грижиш за одржување на црквата. Ми ги предаде клучевите и обврските на домаќин, ме бакна, цврсто ми ја стегна раката, а јас со големо задоволство ја примив божјата задача и триесетина години успешно ја извршувам. Не само што се грижам за хигиената туку со членовите на црковниот одбор заеднички ги вршиме покрупните поправки на оштетените делови на црквата, замена на скапаните греди, ја направивме оградата на дворот… Пред неколку години го заменивме покривот на црквата, на неколку места беше оштетен, кога врнеше дожд и се топеше снегот водата почна да прави штети на ѕидовите, ги оштетуваше фреските, постоеше опасност и да се урне покривот, штетите ќе беа многу големи, но не дозволивме да се случи тоа, навреме го заменивме целиот покрив. Како домаќин на црквата „Св. Никола“, по два-три часа на три дена ја чистам, ја средувам, се грижам. Пред големите верски празници и во деновите на празникот постојано сум во црквата – додава нашиот соговорник.
Ни раскажува дека иако во куќата останал да живее сам, ги има сите услови за удобно живеење.

– Со најсовремени апарати ја опремив кујната, собите со потребен мебел за ноќевање и за дневен престој, ги загревам со шпорет на дрва со повеќе намени. Пред неколку години куќата беше преполна со дечиња, возрасни, милина ми беше да живеам, со радост доаѓав од работа, имаше кој да ме пречека, да ми свари кафе, да ми подготви мезе и ракија, а потоа менито беше разновидно, од домашно планинско производство, здрава храна. Откако ми почина сопругата за сѐ се грижам, тешко е, но мора да се живее. Не случајно старите велеа „жената е столб на куќата“. Тоа е вистина и тоа го чувствувам. Таква ми била судбината, крајот на животот сам да го живеам – ни раскажа Паскал.

Нашиот домаќин се потсети на детството и младоста, родителите Димитрија и Варвара, кои се грижеле за него и за браќата Владимир и Чедо и за сестра им Елисавета, кои ги воспитале, ги извадиле на вистинскиот пат за живот.
– Брат ми Паскал е повозрасен од мене и многу се сложуваме и ден-денеска се сакаме, се почитуваме, се посетуваме и си помагаме. Жал ми е што остана сам. Трите деца си формираа семејства во Гостивар, Тетово и во Скопје. Доаѓаат, го посетуваат, физички се оддалечени, но духовно тука сме сите заедно – се вклучи во разговорот и Владимир Глигоровски, кој не ја пропушти можноста уште еднаш да го посети својот брат.
– Работата ме одржува, ме исполнува, не ми е тешко, постојано сум во акција, пред некој ден од планинските врвови долетаа неколку јастреби да ги нападнат кокошките, не успеаја, но и јас не успеав да ги отстрелам. Добро е, барем успеав да ги растерам да не ми направат штета – ни раскажа нашиот домаќин.

 

Текст и фото: Киро Кипровски


Во Врбен нема невработени жители

Селото Врбен се наоѓа на околу 30 км источно од Гостивар и е едно од најголемите 23 горнорекански села што припаѓаат на општината Маврово и Ростуше. Во селото има 45 куќи во кои живеат над 150 жители, нема невработен. Вработени се во мавровските хидроцентрали, националната установа национален парк Маврово и во угостителските објекти на овој туристички регион. Радува податокот што десетина куќи палати се наоѓаат во градба, некои од нив ќе служат и за сместување на туристите.