Во Крушево претпразнично децата се во центарот на вниманието
Во највисокиот град на Балканот, Крушево, сѐ уште не заврнал снег, кој децата толку многу го посакуваат, но тоа не ги спречи крушевчани заеднички да почнат да ја создаваат и да ја споделуваат претпразничната радост. Имено, на 20 декември започна неколкудневната манифестација „Празничен шепот на крушевската чаршија“, која на жителите, но и на гостите и туристите, им дава широка понуда на содржини за сечиј вкус.
Манифестацијата започна со осветлување на крушевската чаршија, отворање на новогодишниот базар и со дружба со Дедо Мраз. Ден потоа, следуваше многу успешната хуманитарна донаторска акција во која беа собрани над 400 пакетчиња. Организаторите, членовите на Локалниот младински совет, на секој донатор му возвратија со подарок фенер, во знак на благодарност. Овие пакетчиња ќе им бидат доделени на дечиња од Крушево и од околните села.
Уметничката програма за тој ден ја збогати настапот на здружението ЗОКУМ од Прилеп. Авторите Лина Димоска и Филип Димкоски првпат го изведоа литературно-драмскиот перформанс за деца „Патот на новогодишната елка“, по сценарио на Лина Димоска, кој беше проследен со познатите македонски новогодишни песни за деца со кои пораснаа и растат многу генерации.
Деновиве се одржува и театарска работилница во ООУ „Никола Карев“ каде што, меѓу другото, учениците имаат предизвик да создадат писмо до Дедо Мраз со најмалку правописни грешки. Убавите тесни крушевски сокачиња се збогатени со дрвени украси, а на прозорците се наредени кадифени мечиња, ѕвездички, лампиони и други украси што му даваат дополнителен сјај на градот. Токму тие улички нѐ водат кон централниот дел, во близината на црквата „Св. Никола“, каде што се поставени дрвени куќички, а вредните производители тука нудат уникатни изработки, ткаени коледарски торбички, рачно изработени сапуни, дрвени санки, колачиња, но и прекрасни книги и сликовници, во рамките на Саемот на книги за деца.
На манифестацијата, која ќе трае до 6 јануари 2026 година, ќе биде прикажана и претставата за деца „А каде е тој принц?“, ќе се одржи и инклузивна работилница со промоција на книга на Дејан Јанкуловски-Космонаутко, како и работилница за деца со наслов „Фабрика за новогодишни чуда“.
На последниот ден од 2025 година, децата ќе уживаат во театарска претстава и во музичка програма за деца, а во новата година на гости ќе им дојдат познатите книжевни и телевизиски анимирани ликови Биби и Боби. Програмата ќе биде заокружена со одбележување на празникот Дева, денот кога се појавила ѕвездата што го најавила Христовото раѓање. Овој празник се одбележува единствено во Крушево и во Витлеем. Манифестацијата „Празничен шепот на крушевската чаршија“ ќе заврши на Бадник со традиционалните бадникови поворки.
Ф.Д.



































