Под мотото „Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“, Драмскиот театар во соработка со Црвен крст на РСМ – Општинска организација – Карпош организира хуманитарна акција за дарување крв, со цел да се поттикне свеста за значењето на крводарителството и да се помогне во спасувањето човечки животи.
Со само еден чин на дарување, секој поединец може да придонесе за спасување нечиј живот, да даде надеж и да биде дел од еден синџир на добрина што ја прави заедницата посилна и похумана.
По повод 27 Март – Светскиот ден на театарот, а во духот на театарот – како уметност што ги слави човечноста, емпатијата и заедништвото – актерите од Драмскиот театар ги повикуваат сите граѓани да учествуваат во оваа благородна акција и да станат дел од еден чин на хуманост и солидарност, кој има вистинска и непроценлива вредност.
– Во знак на благодарност, секој крводарител ќе добие подарок – два билета за театарска претстава за која сѐ уште има билети од редовниот репертоар во текот на април. Ги повикуваме сите хумани граѓани да ја прифатат оваа иницијатива и заедно, во годината кога ја одбележуваме 80-годишнината на Драмскиот театар, да покажеме дека театарот не е само сцена туку и простор на вистинска грижа, солидарност и љубов кон човекот. „Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“ ќе се одржи на 27 март од 11 до 17 часот во фоајето на Драмскиот театар – информираат оттаму.