Библиотекарите се верни чувари на библиотеките. Тие се патот и патоказот кон добрите книги за децата, но и за возрасните читатели, па ред е да „чепнеме“ во нивните срца и да видиме кој книжевен наслов од детството е заклучен таму

ВРЕМЕПЛОВ – КОИ СЕ ОМИЛЕНИТЕ КНИГИ ЗА ДЕЦА НА МАКЕДОНСКИТЕ БИБЛИОТЕКАРИ (2)

Буквите, зборовите, речениците, песните, расказите, книгите имаат чудесна моќ. Откако ќе бидат прочитани и доживеани со срцето, умеат длабоко да се втиснат во нас и да остават неизбришливи траги во текот на целиот наш живот. Првопрочитаните книги се паметат како и првите наставници и првите другарчиња, како првото одење на екскурзија и првото летување без мама и тато.
Која е ваша омилена книга? Ќе се сетите ли веднаш или треба да подразмсислите? Сакате да знаете која е мојата омилена книга од детството? Веднаш ќе ви кажам. Од прва, секогаш велам: „Прости ми, канаринке“ од Видое Подгорец.
Низ годиниве во „Колибри“ правевме разни избори на педесет најчитани наслови за деца од македонски автори, потоа ги баравме омилените книги од детството на писателите за деца, па омилените книги на познатите…Но, размислувајќи каква содржина да подготвам за овој број, се сетив на верните чувари на библиотеките и на книгите – библиотекарите.
Тие се патот и патоказот кон добрите книги за децата, но и за возрасните читатели, па ред е да „чепнеме“ во нивните срца и да видиме кој книжевен наслов од детството е заклучен таму.
Сите библиотекари со кои контактиравме со радост ја прифатија оваа идеја. Како едвај да чекале да бидат прашани. Многу се израдуваа и тие, но и јас. А сега прочитајте ги нивните впечатоци и најдете ги нивните препораки за книги што можеби ќе ви бидат одлично друштво летово.

МАГДАЛЕНА КОЧОВСКА САЛТИРОВА, ВИША БИБЛИОТЕКАРКА ВО ЈОУ БИБЛИОТЕКА „ИСКРА“-KOЧАНИ

Навиката за читање се создава во детството, за подоцна да прерасне во потреба и да преставува задоволство, што е исклучително значајно за когнитивниот и емоционалниот развој на децата и младите. Креирањето средина во која децата ќе можат да се идентификуваат со возрасен што чита придонесува во инкорпорирањето позитивни вредности кај младата личност.
Бидејќи мојата мајка работеше во образовната дејност и изразуваше љубов кон читањето книги, а мојот татко редовно ги читаше дневните весници, разговорот за содржините на прочитаното и за актуелните теми беше дел од секојдневието што го имавме. Несомнено, таа позитивна слика е една од главните причини за љубовта кон книгата, читањето и истражувањето, што се дополнува и мотивира подоцна и од мојата прва учителка Станка Динева и наставничката по македонски јазик Милка Накова, за кои би можела да кажам дека претставуваат олицетворение на професијата учител, целокупно ми будат позитивни чувства и се силно врежани во мене. Бидејќи треба да направам избор на книги што ми оставиле впечаток во детскиот период, ги издвојувам „Снеговите на Климентина Евин“ од Горјан Петревски, во која авторот многу суптилно допира до детските чувства и размисли, со впечаток дека целосно ја познава детската психологија, и книгата „Растеме и се развиваме: Хуманизација на односите меѓу половите, 2“ од Олга Мурџева-Шкариќ и Ели Маказлиева, во која како едукативен прирачник се пронаоѓаат одговорите на повеќе значајни прашања кога детето е во интензивен психофизички раст и развој.
Моите искуства во библиотечната дејноста ми носат сознанија дека книгите што ги читаат децата треба да бидат лесно читливи, разбирливи, интригантни, едукативни, со елементи на хумор, кои наедно и ќе ги развеселуваат децата, како што е книгата „Мојата откачена мамичка“ на авторот Гунар Хелгасон. Преку нивните содржини метафорично треба да се учат и насочуваат децата на мудростите на животот, препорака за „Непослушната мајмунка“ на Шен Шиси, но и книгите што ги следат современото живеење и новите трендови, препорака за „Дневникот на едно смотано девојче“ на Рејчел Рене Расе. Приказните во Македонската илустрирана енциклопедија за деца од „Едука Мак“ и во Едицијата на македонското народно творештво, „Волшебната капа“, уредувачка Ана Витанова Рингачева, се силен извор за запознавање на македонскиот фолклор и богатото културно наследство, кое треба да им го пренесеме на новите генерации. А, пак, за да ги заштитиме децата од врсничкото насилство, најсилно препорачувам книгата за млади и возрасни „Невидлив“ од Елој Морено да биде вашето следно задолжително четиво.

БИЛЈАНА Т. ДИМКО, БИБЛИОТЕКАРКА ВО СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ-ТИТО“
– БИТОЛА

Љубовта кон книгите беше сосема природна со оглед на тоа што потекнувам од учителско семејство, а станав професорка по македонски јазик и книжевност токму благодарение на книгите. Најверојатно, најмногу книги прочитав во периодот на основното образование, бидејќи тогаш бев помалку пребирлива, за подоцна во средно училиште и понатаму да знам што со сигурност не сакам да читам. Искрено, најтешко е да одговарам кои ми беа омилени четива во текот на растењето – затоа што сите учествуваа во моето „растење“, почнувајќи од омилената „Зоки Поки“ (големата верзија) од Оливера Николова, неверојатно добриот роман „Белото Циганче“ од Видое Подгорец, ден-денес се смеам и плачам додека ја препрочитувам „Улавите години“ на Бранко Ќопиќ и со оглед дека припаѓам на првата генерација читатели на книгите за „Хари Потер…“ од Роулинг, моето тинејџерство беше мошне волшебно. На младите генерации им препорачувам да читаат, пред сè за да научат да размислуваат, а на тој начин се развиваат и когнитивната и емоционалната интелигенција, така што, според мене, сè пишува во книгите или ќе се напише допрва.

НАТАША БРЕЗОВСКА БОГОЕВСКА, БИБЛИОТЕКАРКА ВО ЛОКАЛНАТА БИБЛИОТЕКА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ – ВЕЛЕС

„Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери е книгата што го бележи моето растење. Книга што многупати беше препрочитана, бидејќи со секое читање дознавав нова мудрост. Првпат ја прочитав како задолжителна лектира во четврто одделение. Да бидам искрена, ме воодушевија интересното патување по планетите и необичните жители, но не ја сфатив суштината. Подоцна, под влијание на татко ми, ја препрочитав. Само по три години, како да читав нова книга. Имав друг поглед на нештата. На таа возраст ме научи на најважните нешта: детето е најмалиот човек достоен за почит, најважните нешта ги гледаме со срцето и од секого треба да се бара само она што може да го даде.
Денес од гледиште на библиотекар би рекла дека секоја книга има своја убавина, бидејќи во секој пишан ред се крие некаква мудрост.
На листата на предлог книги за летниот распуст би ви ги ставила: „Мојот звук“ од Оливера Николова – роман за созревањето; „Заспаниот град“ од Мартин Вопенка – мистериозен роман за една поинаква реалност. Читајќи уживајте во светот на книгите!