Животни
Пролетта пристигна, што значи дека е време за општо чистење во куќата: потребно е да се исчистат и освежат собите и да се подготват за летното сонце и уживање. Но освежувањето на домот и одржувањето на хигиената во животниот простор што го делите со куче, мачка или друго животно, исто така, подразбира користење препарати што не смеат да им наштетат на здравјето на никаков начин. Не станува збор само за отстранување влакна и остатоци од храна туку и за употреба на хемиски препарати чиј состав треба да биде апсолутно безбеден за домашните миленици.
Искусните сопственици на домашни миленици знаат кои производи не треба да ги користат бидејќи се токсични. Новите сопственици на домови или оние што не се сигурни во изборот на „хемија“ за домот треба да избегнуваат: амонијак, хлор, белило, алкохол, фенол, формалдехид, фталати и водород пероксид. Листата на опасни супстанции овде не е исцрпна, бидејќи има и други што можат да ги отрујат домашните миленици. Етеричните масла можат да бидат токсични за мачките, птиците, па дури и за кучињата. И омекнувачот за алишта не е пожелен во близина на домашни миленици, па затоа треба да се чува затворен, подалеку од нивните шепи. Кога се сомневате во потенцијално опасен хемиски препарат, прочитајте ја етикетата на тој производ. На повеќето од нив пишува „опасност“, „претпазливост“ или „употреба во добро проветрено подрачје“. Доколку мора да користите еден од „забранетите“ производи, отстранете го миленичето од домот или просторот додека чистите. Кога ќе завршите, почекајте тој дел од домот целосно да се исуши и проветрете го просторот неколку часа пред да го вратите миленичето.
Ако вашето домашно милениче врши нужда во домот, користете ензимско средство за чистење. Овие препарати се безбедни за домашните миленици и во исто време ги разградуваат сите штетни материи од изметот и урината на домашното милениче. Нетоксичните средства за чистење теписи вклучуваат сода бикарбона и бел оцет. Постапката за чистење е следна: посипете ја извалканата површина со смесата и оставете ја да отстои неколку минути, а потоа исчистете. За дрвени подови се препорачува раствор од еднакви делови бел оцет и вода. Сода бикарбона додадена во врела вода е одличен начин за отстранување на мирисите од водата за домашни миленици и садовите за храна. Ако сакате свеж мирис на лимон, додајте кора од овој цитрус во белиот оцет.