Доделени признанијата за најдобрите просветни работници на Град Скопје
Здружението на просветните работници на Град Скопје минатата среда ја реализира манифестацијата „Просветен работник на годината на Град Скопје“, на која им беа доделени признанија на најистакнатите просветни работници од скопските општини.
Наставниците се темел на општеството
Просторот во Музејот на македонската борба во Скопје, каде што се одржа настанот, беше претесен за многубројните наставници, ученици, родители, но и претставници на медиумите, здруженија и организации со кои домаќинот остварува успешна соработка.
По свечените обраќања, признанијата ги доделија претседателката на Здружението, проф. Катерина Митковска, и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски
– Вечерва им оддадовме признание на најдобрите просветни работници на Град Скопје за оваа година, на луѓето што секојдневно им го трасираат патот на нашите деца и го градат темелот на едно подобро општество. Имавме чест да уживаме и во искрените, прекрасни изведби на дечињата од скопските училишта, што е уште еден доказ дека трудот на просветните работници раѓа најубави резултати – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Признанието е поттик за напредок
Наградени се воспитувачката Славица Ристеска од градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ од општината Центар, одделенските наставнички Весна Тодоровска Унковска од ООУ „Партенија Зографски“ и Тања Петков од ОУ „Св. Климент Охридски“ од општината Кисела Вода, предметните наставнички Верче Петрова од ООУ „Живко Брајковски“ од Бутел и Александра Кузмановска од ООУ „Петар Поп Арсов“ од Карпош, како и стручната соработничка дефектолог Елена Солева од Основното училиште со ресурсен центар „Златан Сремец“ од Кисела Вода.
Сите наградени имаа свои обраќања во кои искажаа благодарност и го истакнаа значењето на ова признание, кое ќе им биде натамошен поттик за уште попосветена работа во воспитно-образовниот процес. Пригодно обраќање имаше и директорката на Бирото за развој на образованието, м-р Милка Тримчевска.
Во уметничката програма на настанот учествуваа ученици од ПСУ „Јахја Кемал“, „Партенија Зографски“, „Живко Брајковски“ и „Д-р Панче Караѓозов“, а посебен впечаток остави настапот на гостите од здружението „Трисомија 21“ од Скопје, со што беше одбележан и Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Благодарница за „Колибри“ за меѓусебна соработка
и поддршка
Од страна на претседателката на Здружението на просветни работници на Град Скопје, благодарници им беа врачени и на нивните блиски и долгогодишни соработници, меѓу кои и нашиот прилог „Колибри“, единствен додаток за деца во македонскиот дневен печат.
– Сите досегашни уредници се дел од образованието, сведоци и алка за воспитно-образовниот развој на многу генерации деца, а тројца од нив се наставници по вокација. Така што афирмацијата на образованието, децата и наставниците веќе 67 години е најважната цел на „Колибри“. Тој постои за сите деца и за сите што се грижат за нив – рече уредникот на „Колибри“, Филип Димкоски.
Минативе две децении Здружението соработуваше со доскорашната уредничка Марија Таушанска Анастасовска, а соработката продолжува и со новиот уредник.
Здружението на просветните работници на Град Скопје постои 25 години, а оваа манифестација се реализира со поддршка на Град Скопје и на издавачката куќа „Просветно дело“.
Ф.Д.
Пет мудри изреки за учителите
Учителите имаат три љубови, кон учењето, кон децата и кон поврзувањето на тие две љубови.
– Скот Хајден
Потребно е големо срце за да се обликуваат младите умови.
– Непознат автор
Најголема умешност за еден учител е да ја разбуди кај ученикот желбата за креативно изразување и за знаење,
– Алберт Ајнштајн
Подучувањето е професија што ги обликува сите други професии.
– Непознат автор
Најдобрите учители ви покажуваат накаде да гледате, а не што морате да видите.
-Александра Т. Кренфор


































