Претставата „Добри луѓе“ според текст на Данкан Мекмилан во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ од Крушево тргнува на турнеја низ државата и во Босна и Херцеговина. Во дуодрамата играат Филип Христовски и Тијана Трајчевска, музиката е на Ива Дамјановски, дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска, а продуцент е актерот Бобан Алексоски. Театарот „Златен Елец“ третпат учествува на овој ревијален фестивал, претходно со наградуваната „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска и „Дневникот на лудиот3: Куќа на духови“ во режија на Ѓорѓи Ризески.
На 9 август претставата ќе се игра во Радовиш на летна сцена, а на 10 август пред Костурницата во Велес, на 27 август претставата се игра на планината Плачковица во близината на Штип, а на 30 август го затвора ревијалниот фестивал во Тузла, Босна и Херцеговина – „Позориште без граница“.
– Се трудиме секое лето да правиме мала турнеја, како што лани тоа беше со претставата „Кенди“ и „Пингвинот“ во режија на Тамара, претходно со претставата „Грета“, монодрамите „Дневникот на лудиот“, Надица Петрова со стендап-настапите, со детските претстави, со другите претстави што сме ги работеле – вели Бобан Алексоски.