Низ страниците на македонската литература за деца: „Патуваме во Сказновија“ од Глигор Поповски
Сакате ли да си замислиме нешто убаво?
На пример, едно чудесно патување?
Патувањето е поубаво и од најѕвездениот сон. Ако сакате да видите нешто невидено – треба да патувате. Ако сакате да чуете нешто нечуено – треба да патувате. Секој чекор е ново оживување, секој поглед – ново збогатување.
Каде да патуваме?
Ова прашање, не многу одамна, си го постави и Нико. Бидејќи беше сам, тој вака си го постави прашањето:
„Каде да патувам?“
А бидејќи беше решителен и смел, си даде ваков одговор:
„По патиштата што водат до најдалечното, најнепознатото“.
И еден ден, се разбира убав сончев ден, со торба во рака, Нико тргна на пат.
Зад него останаа родната куќа, улицата на неговото детство, родниот град. Пред него, послан како бескраен килим, се отвори патот на желбите, на соништата.
А кој е тој Нико?
Додека тој патува и се одушевува од околината што секогаш на нов начин се отвора пред неговите очи, да кажеме збор-два за него.
Нико е дете.
Има руса коса.
Лицето му е украсено со две сини очи, а очите му се украсени со чиста насмевка. Во насмевките на очите се скриени две клучиња со кои Нико сака да ги отклучи вратите на најдалечните далечини и најнезнајните непознатости.
Во градите на Нико тупка едно малечко срце што може да расте, да се шири и да го собере во себе сиот свет.
Ете, тоа е Нико.
Да одиме со него.
Неговото патување е и наше патување.
Неговите доживувања се и наши доживувања.
Добар пат, Нико!
Нека сите добрини на овој свет бидат твои сопатници!
Нека двете клучиња на твоите сини очи ги отклучат портите на најдалечните далечини и најнезнајните непознатости!
Добар пат, Нико!
* * *
Ден ли, два ли, десет ли траеше патувањето на Нико. Можеби и цела година, зашто да се стигне далеку – најдалеку, треба да се патува долго.
И еден ден Нико се најде пред најдалечното и најнепознатото. Од силна возбуда, насмевката во неговите очи се претвори во вивнато пламче.
Стоеше пред една табла на која, преку пет нотни линии, беше испишано: Песноград.
Но тоа не беше толку чудно, ниту пак необично. Има толку села и градови со необични имиња. Чудно беше тоа што малку потаму на една друга, поголема табла со букви што се смееја и пееја пишуваше:
„Добре дојдовте во Песноград“!
Нико стоеше пред таблата, занесен и збунет. Претресуваше по своето паметење, барајќи некое скришно катче во кое запретано стои такво име. Слушнал ли некогаш за Песноград? Прочитал ли негде? Дали го видел во својот географски атлас? На кој континент се наоѓа? Во која земја е, на која страна на светот?
Се напрегаше Нико да се сети, гледаше во натписот и шепотеше:
– Песноград… Песноград…
Зад редица дрвја, на стотина или двесте чекори напред, низ дрвја што чудно личеа на ноти и на други музички знаци, се наѕираше градот. Гледајќи натаму, на Нико му се чинеше дека сонува. Куќите изгледаа необично, во споредба со куќите на оние градови што Нико веќе ги беше посетил. Изгледаа мирно и складно. До ушите му доаѓаа илјадници звуци. Му се чинеше дека се наоѓа под огромно расцутено дрво, на чиишто цветови слетале сите пчели од светот.
Стоеше зачудено, зашеметено. Крена рака, го допре својот образ.
„Да, тоа сум јас. А сепак сонувам“ – си помисли.
Потоа се штипна за образ.
„Боли – помисли – не сонувам“.
Полека зачекори по широкиот асфалтен пат што влегуваше во Песноград. Коловозот беше обележан на неразбирлив начин. Сегде, одлево, оддесно – само ноти. Како да поминал некој камион натоварен со ноти и, една по една, ги губел по патот.
Нико застана пред една табла што се испречи пред него. Таа трепереше во разни бои, се покажуваа пет нотни линии, а по нив скокаа ноти како ластовици по телефонски жици. Потоа преку сето тоа ќе се покажеше огромна грамофонска плоча, која исчезнуваше и блеснуваше и се појави натпис што на Нико единствено му беше разбирлив:
„Добре дојдовте во Песноград. Ве молиме, јавете се во туристичкото биро ’Песнотон’ Среќно!“
Нико ја вртеше главата, мачејќи се да ја отера неверицата. Замижа за да се среди малку.
– Сонувам! Чесен збор, сонувам! – рече не отворајќи ги очите.
– Не, не сонуваш! – слушна еден пријатен глас крај себе.
– Не, не сонуваш! – потврди друг, нежен и ѕвонлив глас.
Нико ги отвори очите…
За авторот
Глигор Поповски (с. Будинарци, Беровско, 1928 – Скопје, 2007 г.) е еден од првите писатели за деца и млади во нашата земја и плоден преведувач. Завршил Учителска школа во Скопје. Работел како уредник на детските списанија на „Детска радост“. Негови најпознати дела се: „Со тротинет по цел свет“, „Бајка за детето Вилен“, „Сказни за Возовија“, „Црвената рака“, „Бојан“, „Планино, убавино“, „Заборавениот колосек“ и други. Постхумно е издадена книгата „Патуваме во Сказновија“, како и научниот труд за делото на Глигор Поповски „Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“ на проф. д-р Јованка Денкова.