Осврт на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска за книгата „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски, прв добитник на наградата „Оливера Николова“

  • Како што „Зоки Поки“ е една многу зрела и самобитна проза за деца што без голем напор му се наметнува и на малиот/детскиот и на големиот/возрасниот читател, така и „Џинџуџе“ е една нова, свежа и самобитна проза за деца што со право ја понесува награда,пишува Мојсова-Чепишевска

Разрешувањето на дилемата околу влогот на реалното и фантастичното во приказните за Зоки Поки (1963) го дава самата авторка Оливера Николова, истакнувајќи дека тие изгледаат како да се изградени врз набљудувањето на детското секојдневие, при што си/ни го поставува клучното прашање: „дали едно набљудување, така голо, може да прерасне во литература ако ја нема топлата рака на фантазијата“ (цитирано според Друговац, 1996: 335). Така што тоа содејство на две проекции, на две перспективи е, според самата авторка, и со цел да се постигне естетска ефикасност во самото раскажување. Еве како Миодраг Друговац во своја книга „Македонската книжевност за деца и младина“ го карактеризира ова веќе од денешен аспект класично дело на македонската литература за деца:
„Во ’Зоки Поки‘ со полн спонтанитет се усогласени атрибутите на реалното и фантастичното, стварното и измисленото, за да триумфира играта, за со неа да се остварат поетичките задачи на модерната проза за деца. Приказната, која и да е, има свој инфантилен тек, но во рамките на стандардот со кој се претпочита ’детскиот аспект‘, во рамките на едно слоевито раскажување во кое непрекинато се чувствува духот на детството. Приказната, која и да е, не крие дека играта сака да го забавува детето; забавувајќи го, пак, таа не губи од вид дека тука и таму детето треба и да се замисли над она што е напишано, оти во спротивно напишаното се обесмислува станувајќи игра-самоцел, од која не се гледа вистинската творечка намера на писателот, неговата идеја, неговата хуманистичка цел, педагошка и естетска смисла на приказната (Друговац, 1996: 335)“. Ова е токму тоа што го препознав/ме и во најновата книга за деца „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски. И како што „Зоки Поки“ е една многу зрела и самобитна проза за деца што без голем напор му се наметнува и на малиот/детскиот и на големиот/возрасниот читател, така и „Џинџуџе“ (Скопје: Либи, дел од Арс Ламина – публикации, 2025) е една нова, свежа и самобитна проза за деца што со право ја понесува наградата за необјавен роман за деца „Оливера Николова“.
Детето како единствен и најдлабок извор на игрите за Оливера Николова беше повод. И бидејќи беше заинтересирана за самата игра како метод, таа ја користеше секогаш кога сакаше да ги покаже добрите страни на ѓаволштините на Зоки Поки, кога сакаше да го покаже неговото созревање и постепено влегување во една нова фаза на детството. Иста таква заинтересираност за самата игра како метод прочитав/ме и во „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски, која се доосмислува, дополнува и со илустрациите на Здравко Гиров.

Но оваа најнова книга за деца може да води дијалог и со една друга книга за деца на Оливера Николова – со „Пријателите Бон и Бона“. Таа претставува складно и возбудливо дело во кое авторката не само што ги востоличува туку и ги освежува спротивставените посоки на ликовите, не само што спонтано проникнува во психолошките походи на главниот детски лик – девојчето Јана, туку проникнува и во психологијата на нејзините „пријатели“ Бон и Бона (изведени од бонбона), па и се задлабочува во нивната „оживеана индивидуализација“ врз која од самиот почеток е поставен, бездруго, и комичниот елемент на целата приказна. И само да се потсетиме на сцената на нивното запознавање:
„Грешиш, девојче“, рекоа тие најпосле, ама со еден навреден глас. „Ние не сме циркузанти, да знаеш!“
Јана се изненади:
„Не сте? Што сте тогаш по професија?“
„Ние… ние сме… пријатели. Ете, тоа е нашата професија.“
А Бона додаде:
„Тајна број еден. Нашата најпрва тајна. Најпрва меѓу сите наши тајни, Јано. Ние сме пријатели.“
„Колку убава и необична професија!“, кликна Јана. „Многу се радувам што ве запознав, пријатели.“ (Николова, 2013: 158)

Па така, овие Бон и Бона на Николова се блиски на овие искрени и верни другари, Џин и Џуџе (на едно огромно и едно ситно дете) на Лафазановски. И како што Јана постојано се судира со играрите што ѝ го прават Бон и Бона (слатки како бонбона), така и овие двајца Џин и Џуџе се исправени пред предизвиците на современиот живот обединети во таканаречената „мол-култура“, како што истакна и Оливера Ќорвезироска, како дел од нашето живеење, особено зашто денешното дете го заменува маалото со молот (она што порано за нас беше трговскиот центар т.е. ГТЦ), па на тој начин и играњето пред зграда се преобликува во скитањето и освојувањето на овој простор. Џинџуџе е заедничко (и уметничко) име на двајца најдобри пријатели, џинот и џуџето, кои функционираат како едно суштество, и кои не можат еден без друг како што Бон не може да живее без Бона, зашто, едноставно, и светот е една шарена бонбона, која и Зоки ѝ ја купи на Лидија и ни го откри своето искрено пријателство, но покажа и дека сиот светот најчесто може да се купи само со една шарена бонбона. Тоа е поентата со која се затвора и самиот роман на Лафазановски:
„Детето џин и детето џуџе учествуваат во телевизиско шоу:
– Јас можам да го допрам небото, да прескокнам река, да гледам преку камион, да дувнам посилно од ветер…
– А јас можам да влезам в џеб, да се капам в леѓен, да спијам во фиока, да се скријам во куфер… да…
– Одлично! – вели водителката. – А има ли нешто што не можете?
– Има! Не можеме еден без друг! – рекоа во еден глас.“ (Лафазановски, 2025: 73)
Затоа со брзи чекори и на читање „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски. А не е лошо претходно да се прочита и „Пријателите Бон и Бона“ на Оливера Николова.